Таткото би требало да биде првиот и најважен учител на децата, да ја поттикнува нивната креативност, да ги учи како да го користат слободното време, да си игра со нив, да ги учи на одговорност и на вредностите, и да биде позитивен модел на однесување
Таткото и мајката даваат различни, но еднакво важни придонеси во развојот на детето. Улогата на таткото во одгледувањето не може да се сведе исклучиво на финансиска потпора. Татковците сè уште поминуваат многу помалку време со децата отколку мајките, а особено кога се во прашање мали деца. На пример, до првата година од животот на детето поминуваат во просек еден час дневно. Семејните терапевти наведуваат дека последиците од растењето без татко се ниска самодоверба, лоши социјални вештини и поголемо потпаѓање под влијанието на врсниците.
Таткото би требало да биде првиот и најважен учител на децата, да ја поттикнува нивната креативност, да ги учи како да го користат слободното време, да си игра со нив, да ги учи на одговорност и на вредностите, и да биде позитивен модел на однесување. Истовремено, мајките со својата топлина служат за прифаќање и на помалку позитивните аспекти од однесувањето на детето. Мајките почесто ги тешат децата, покажуваат разбирање за нивните ситни „мушички“, се грижат за биолошките потреби на детето. Тие ги штитат децата кога се исплашени, ги смируваат кога се лути и ги тешат кога се тажни.
Американскиот автор и мотивациски говорник Кен Канфилд разликува неколку димензии на татковството: вклученост, доследност, свесност и грижа.
Вклученоста се однесува на ангажман, достапност и одговорност во животот на детето. Со својата вклученост таткото му дава порака на детето дека се грижи за него и за заедничкото време и дека ништо друго не му е важно освен нивниот однос, а со тоа се поттикнува развој на самопочит.
Доследност е основата за квалитетен однос и означува доверба во родителот во кој детето може да смета во секој момент. Родителот кој е доследен во дисциплината, охрабрувањето и топлината ја зајакнува самодовербата на детето, кое нема да се плаши да го истражува светот.
Свесноста на таткото се однесува на познавањето на сопственото дете, покажување интерес за него и развивање свест за неговите потреби. Свесен татко не го споредува своето дете со другите деца зашто сфаќа дека е посебно и како такво е вредно за неговата љубов.
Грижата за детето вклучува позитивно влијание врз развојот на детето во секој поглед – емоционален, социјален и интелектуален. Таквиот татко заедно со мајката учествува во носењето важни одлуки за детето (градинка, училиште, воннаставни активности).
Иако традиционално децата се поповрзани со мајките, зашто во нивно присуство се чувствуваат посигурни и спремни се да им се доверуваат, татковците се клучни за креирање сигурна околина за детето, а незаменлива е и нивната улога во дисциплинирањето, како и во поучувањето на асертивно однесување и заземање за себе (наспроти мајките кои поучуваат на емпатија и љубезност). Се покажува дека децата ги сакаат татковците во своја близина – покажуваат желба за дружење, заеднички активности и за игра. Квалитетниот однос со татковците е добар модел за стекнување пријателства подоцна зашто татковците поттикнуваат социјално одговорно однесување во група од врсници, па поголема е шансата отфрлено од групата да биде дете што не развило поврзаност со таткото.
Автор: Катарина Јелиќ, магистер по психологија