Петто утро по ред, мојата ќерка оди на училиште со несредена коса, а јас тоа не можам да го поднесам. Татко ѝ ги собира нејзините златни кадрици во несредено, истегнато коњско опавче, кое повеќе изгледа како топка со влакна отколку фризура. Се обидува да даде придонес во подготовките наутро, но знаев дека ќе се случи ова кога рече дека ќе ѝ помогне со косата. Знаев дека ќе брза, нема да се грижи како сето тоа ќе изгледа, а таа нема ништо да рече. Јас бев во право, а погледот на моето девојче ми го скрши срцето. „Шшш“ ѝ реков шепотејќи. „Дојди во тоалетот и јас ќе ти ја наместам косата“.

Никогаш не сакав да го критикувам родителството на сопругот, ниту да обесхрабрувам некого да не ми помага, но морав нешто да кажам. Му реков дека иако јас не се грижам толку многу за изгледот на нашата ќерка (иако се грижам), таа се грижи. Нашата ќерка е вистинско девојче – сака мода и светки, сè што е розово и што свети. Се грижи за начинот на кој изгледа. Има визија во својата глава и навистина сака да ја реализира. И колку и да ја мразев идејата за воспитување девојче кое се грижи за тие работи, научив да го поддржувам тој нејзин внатрешен порив. Дури и на возраст од 5 години, таа има добро око и одличен стил.

Му објаснив на сопругот дека тактиката „функција над форма“ не треба да се применува кај нашата ќерка. Очигледно му беше олесното и призна дека немал поим како да ѝ ја направи фризурата. Всушност, призна дека кога се работи за нашата ќерка, тој има чувство како да нема поим што треба да прави.

Па решив да го научам. Не затоа што сум супериорниот родител, туку затоа што разбирам како е да се биде нечија ќерка и се гледам себеси во мојата. Исто така, знам дека односите на мојата ќерка со мажите, како што ќе расте, ќе бидат обликувани врз основа на односот што го има со татко ѝ додека се развива. Авторката Линда Нилсен во „Татко-ќерка односи: Современо истражување и проблеми“ вели: „Добриот татко-ќерка однос доведува до стабилни, емоционално интимни и исполнети врски на детето со мажите во животот… генерално тие деца имаат задоволувачки бракови кои долго траат“.

Не сакам мојата ќерка да го гледа татко си како човек кој не знае да направи коњско опавче. Сакам да се поврзуваат и сакам да има чувство дека мајка ѝ и татко ѝ може да се справат со тие „женски работи“. Сакам да биде видена и слушната од најважниот маж во нејзиниот живот, дури и за нешто смешно како коњско опавче, па да расте барајќи такви мажи во животот – кои ќе ја гледаат и слушаат. Без разлика на сè.

Па така, го започнавме проектот „Татко одгледува ќерка“.

Ги презедов одговорностите за фризурата следното утро со цел да му покажам на сопругот како да ја направи. Потенцирав дека за разлика од нашиот син, со кого може да се брза, за нашата ќерка е потребно малку време и таа сака тие околу неа да го направат истото. Тоа значи дека на мојот сопруг ќе му требаат повеќе минути за да ѝ помогне.

Потоа, се договоривме за играњето. Јас сум со децата попладне повеќе отколку сопругот, па поминувам време играјќи со нив. Јас ги сфаќам нијансите, па сакав да му помогнам на сопругот и тој да ги разбере. Додека на нашиот син му е во ред да биде во истата соба со нас, мојата ќерка сака да поминува квалитетно време со нејзиниот татко. Тоа значи дека тој мора да го остави телефонот и да земе Барбика в раце – да, Барбика. Бидејќи не е навикнат да гледа дека нашата ќерка забележува дека добива само половично внимание од негова страна. А тоа ѝ пречи.

Вештините што мојот сопруг треба да ги совлада со мојата ќерка не се толку различни од оние што треба да ги совлада со мене. Треба да забави и да не ја брза зашто има друга агенда. Треба да покаже интерес за работите што неа ја интересираат, дури и ако тоа значи да ја слуша Елса како пее по 30.000 пати. Треба да го вреднува она што е важно за неа, дури и да се работи за гледање смешно јутјуб-видео.

Како што го водев низ целиот процес на поврзување со нашата ќерка, на начинот на кој отсекогаш се поврзувал со нашиот син, се прашував дали се работи за типични стереотипи врз основа на полот. Кога го гледам мојот сопруг како седи во малечко розово столче боејќи ги нејзините нокти, сфаќам дека клучот за поврзување со сопствените деца, без разлика на полот, е да се биде родител на секое дете различно и индивидуално. Мојот сопруг не требаше да го помине целиот пат за да ги забележи нијансите од специфичниот карактер на нашиот син бидејќи во него се гледа себеси и може да се поврзе. Но, со нашата ќерка, мојот сопруг не можел да се поврзе и затоа не се поврзувал. Но, преку прифаќање една родителска филозофија тој пропушташе да дознае што е она што иѝтреба и што го сака нашата ќерка.

Среќна сум што можам да кажам дека мојот сопруг е одличен во правењето маникир. И фризурата што сега ѝ ја прави на ќерка ни е многу подобра. Не може да направи сè, но тоа им се случува на повеќето луѓе. Но, најважно е што тој учи како да се поврзува со својата ќерка – без разлика на тоа што треба да се направи.

Автор: Мередит Гордон

Извор



912

X