Дали некогаш сте размислувале за тоа како би било да ги оставите децата и сопругот, да се спакувате и да побегнете подалеку од сè? Ако вашиот одговор е потврден, не грижете се. За истото фантазираат многу жени низ светот. И тоа не значи дека се лоши мајки. Еве зошто.

Жените се многу внимателни кога зборуваат за тоа низ што сè поминуваат во текот на мајчинството. Најчесто од страв дека околината ќе ги осуди и ќе ги етикетира како лоши мајки или ќе помислат оти им е жал што станале мајки. Да не заборавиме дека некои жени патат од постпородилна депресија, постпородилна анксиозност и други емоционални промени кои може да бидат исцрпувачки. Но и жените што ги немаат овие проблеми неретко посакуваат да се спакуваат, да ја отворат вратата од домот и да побегнат од сè и од сите. За тоа зошто отишле од дома и ги оставиле своите деца, три мајки прозборувале во 2019 година во документарниот филм „Последното табу“. Филмот е едно од ретките јавни признанија на жени кои се одлучиле да не живеат со своите деца. За тоа дека попрво би отишле и би оставиле сè, жените главно молчат. Не зборуваат за тоа ниту со најдобрите пријателки. Спремни се да ги споделат своите фантазии единствено на социјалните мрежи – и тоа исклучиво анонимно.

„Изгорена сум. За мое добро, морам итно да побегнам од сопругот и децата“, напишала една мајка неодамна на страницата „Куоре“, а ја поддржале многу други жени кои рекле дека за нивното здравје, најдобро решение би било да се тргнат од сè. Повеќето од нив, тврдат експертите, свесни се дека всушност никогаш не би заминале. За многу од нив самата помисла на бегство е доволна за да се сметаат себеси за лоши мајки.

Зошто најчесто се смета дека тоа не е нормално?

Околината најчесто ја опишува како ненормална личност мајката што сака да побегне од својот дом и да остави сè. Се смета дека таквите мисли не се во согласност со природата на жените.

„Се смета дека мајките би требало да имаат природен мајчински инстинкт кој ги тера никогаш да не ги напуштат своите деца“, се вели во „Сиднеј морнинг хералд“. Ако мајката сепак одлучи да го напушти семејство, неминовно ќе се соочи со осуди, екстремна изолација, критика и закани, за што сведочеле и актерките во филмот „Последното табу“. Во такви ситуации јавноста ретко размислува како се чувствувала (психички и физички) жената во моментот кога донесувала таква одлука. Мајките ги кријат од јавноста своите мисли и чувства. Свесни се дека ако ги признаат таквите чувства, ги чека осуда. Мајката што јавно зборува дека ѝ доста од сè и дека сака да побегне обично бара помош.

Зошто таквото размислување е нормално?

„И јас размислував за тоа“. Така најчесто гласел одговорот кој американската авторка Гејл Форман го добивала од нејзините пријателки кога им рекла дека пишува роман за преморена мајка која фантазира да побегне од семејството. Во книгата „Оставете ме“, Форман опишала на кои начини нејзината хероина го замислува своето заминување од семејството. Еднаш така замислувала дека не излегла од возот на својата станица, туку продолжила понатаму. Втор пат се возела во насока на зајдисонцето наместо да отиде дома и да зготви вечера. Во текстот, кој го објавила во „Тајм“, Форман открила дека секоја самохрана мајка со која разговарала признала дека ја прогонувале такви мисли. Но, со нив, во исто време, не се сретнал ниту еден татко, што е многу интересно, но не и чудно. Имено, иако многу татковци денес активно учествуваат во животот на децата, истражувањата сè уште покажуваат дека повеќето домашни обврски се на товар на мајката, дури и кога таа работи со полно работно време.

Според истражување спроведено од „Форбс“ во 2011 година, дури 92 отсто од вработените мајки се чувствуваат премногу оптоварени со домашните задачи, а 62 отсто од нив, иако се во брак, се чувствуваат како самохрани мајки. Во новото истражување, 59 отсто од вработените мајки се пожалиле дека немаат доволно слободно време. Кога жената е презафатена, тоа може да резултира со чувство на стрес и тегоби, па не е чудно што сака да побегне од сè, предупредуваат експертите.

Можеби е време жените засекогаш да ја напуштат сликата за идеална мајка, која всушност никогаш и не постоела, и да научат да бараат помош и да ја прифатат. И она што е најважно – би требало да престанат да фантазираат за бегство и да фантазираат за други работи, како достапна субвенционирана грижа за децата.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X