Конфликт изби на состанокот на училишниот одбор во училиштето на моите деца во Минеаполис, САД, и стигна до сите насловни страници во земјата. Тоа искуство ме научи дека нашите деца гледаат како се однесуваме. Се работи за сцена која подразбираше обвинувања, мотивирани од дезинформации и многу лутина. Состанокот беше насилен и непријатен.
Во екот на одлуката на училиштето за задолжително носење маски за сите ученици, група лути родители ја исполнија собата за состаноци, навредувајќи и викајќи: „Вашите дела се тирански!, „Очигледно не ја разбирате науката. Престанете да вршите поделба на вакцинирани и невакцинирани“. Обвинуваа членови на одборот за кршење на правата на децата, еден родител ги спореди одредбите за носење маски со нацистичка Германија. Тој настан беше пренесен на вести на сите станици низ земјата, а дури се случи и полицаец да придружува едно лице додека заминуваше од одборот. По состанокот некој ги дупнал гумите на автомобилот на 75-годишен член на одборот. Моето малечко гратче покажа пример за тоа колку ужасни може да бидат возрасните.
Следното утро, мојот сопруг и јас зборувавме со децата основци за вестите што излегоа во јавност. „Но, зошто?“, праша едно од 6-годишните деца. „Зошто мораа да врескаат и да удираат? Никој не ве слуша кога удирате и врескате.“ Продолжив да слушам за стравот и губењето контрола која сите ја чувствуваат во изминатите години. Учењето на далечина и законите за носење маски се тешки за децата. Немаат нормално детство. Тежината врз нивното ментално здравје е голема. И наместо да се справуваме и со нивните и со нашите трауми на здрав начин, многу родители ја пренесуваат својата траума врз децата. Тоа се манифестира на сите страни, па дури и на состанок на Управен одбор во училиште.
Но, нашите деца нè гледаат – гледаат како се однесуваме, како реагираме едни на други, како создаваме опасен свет.
Тоа утро дел од родителите сфатија дека ги учиме децата како да реагираат кон насилници – не со возвраќање сила, туку со љубезност. Децата гледаат како реагираме, но магија се случува кога возрасните почнуваат да ги гледаат своите деца. Секој ден децата ни покажуваат како да се справиме со негативноста и да ја претвориме во добро, бидејќи пронаоѓањето на доброто во секојдневието е начинот на кој децата инстинктивно го живеат животот. И покрај лошиот настан, голем број родители и граѓани упатија пораки со поддршка и емпатија, па омразата и тиранијата беа заменети со љубов и заедништво. Еден од наставниците почна да нуди прегратки како знак за поддршка. Родител кој се бори со рак донираше огромна количина креди за училиштето.

На следниот состанок на Управниот одбор, по неколку недели, родителите продолжија да ги слушаат своите деца. Им покажаа дека ги слушаат лекциите што децата им ги даваат. Децата ни покажаа дека можеме да бидеме добри и храбри и колку може колективниот глас за позитивност да вроди со плод. Наставничка по физичко, која исто така е родител, сподели со Управниот одбор колку е горда што нејзиното одделение е полно со „безбедни, одговорни и полни со почит ученици“.
Позитивноста која беше инспирирана од лошиот настан продолжи, но не стигна до насловите. Сепак, тоа е она што ќе има подолгорочен ефект и влијание во нашата заедница, отколку насилството кое му претходеше. Нашите деца гледаат како реагираме и брзо го следат нашиот пример.
Можеме да ги воспитаме да бидат најдобрителуѓе кога ќе застанеме и ќе ги слушнеме, кога ќе го имитираме нивното однесување и ќе почнеме да се однесуваме како деца.
Автор: Рејчел Берг Шерер