За нас, родителите, понекогаш е здраво и да се пожалиме. Деновите се долги, а ноќите уште подолги. Нашите животи се исполнети со милион обврски и активности и деца кои имаат многу потреби. Лесно е да чувствувате дека не сте доволно ценети како родители, но прво мора да ги научите децата да почнат да кажуваат „благодарам“ и „те молам“. Многу денови се чувствувам како да сум влечкана низ кал.

Кога моите деца почнаа да зборуваат, ги научив на тие фрази – не затоа што сакав да бидат воспитани, туку затоа што сакав да знаат што значи благодарност, да знаат дека има нешто прекрасно и исполнувачко во ценењето на она што ви е дадено. Дополнително, се чувствував како слуга наместо како нивна мајка ако не ми се заблагодареа за работите што ќе ги направев за нив.

Кога моите деца ми се заблагодаруваат, ме обземаат пријатни чувства и се чувствувам подобро во врска со долгата листа со задачи што треба да ги завршам. Сепак, си помислив:

Дали доволно им се заблагодарувам на децата?

Да, се изморувам од полнењето чаши со вода, вадењето ужина од фрижидерот, бришењето на носињата, собирањето валкани чорапи од подот. Но, и на моите деца не им е лесно. Тешко е да си мал, особено кога светот очекува од тебе да се однесуваш добро цело време и да си прибран кога не можеш дури ни реченица да прочиташ или да возиш автомобил.

Наутро, моето дете не сака да престане да игра, а јас треба да му ја сменам пелената и да го облечам во чисти алишта. Но, навистина, кога е предаден на играта, тој го прави токму она што треба да го прави: ја користи својата имагинација, испробува нови работи – едноставно е она што е – дете. А потоа доаѓам јас и барам да престане бидејќи треба да го однесам неговиот поголем брат навреме на училиште. Сепак, секое утро се жали, но лежи трпеливо додека го облекувам, а понекогаш и се смее на моите смешни песни. Излегуваме, најчесто навреме.

Колку често му се заблагодарувам што прави нешто што е очигледно дека не сака да го прави? Колку често му покажувам колку сум благодарна што ја завршил својата важна игра и ме послушал? Не доволно. Тоа е одговорот. Не кажувам доволно често „благодарам“.

А мојот постар син, кој поминува 6 часа на училиште и потоа доаѓа дома преморен, се разбира дека нема да сака да ја пишува домашната. Откако цел ден му било кажувано што да прави, сака да има слободно време за себе. А домашната е непотребна задача за него, потсетник на работите на кои е присилен. И покрај неговото протестирање и моето убедување, тој ја завршува обврската. Понекогаш бавно и неуредно, но ја завршува. Секоја вечер. А јас не му се заблагодарувам за тоа доволно.

Кога им се заблагодарувам, тие светат. Се чувствуваат специјално во тој момент. Не секогаш, но кога ќе завршат некоја потешка задача, тие малку созреваат и се развиваат. Заслужуваат да го почувствуваат моето ценење. И само што им се заблагодарувам, се потсетувам себеси колку всушност се добри.

Па, деца, ви благодарам што ги завршувате сите обврски што ве нервираат.

Ви благодарам што ги правите работите кои ги сметате за голема пречка додека сте деца. Во иднина, ќе видите дека моето настојување да ги завршите тие работи било за ваше добро. Ќе видите дека животот понекогаш значи да се заврши она што треба да се заврши. Засега, тешко е да го согледате тоа.

Ви благодарам што го правите сето она што секој дел од вашето битие ви вели дека не треба да го правите.

Ви благодарам, исто така, што учите да ми се заблагодарувате мене, на вашите наставници, на пријателите и меѓу себе.

Најмногу, ви благодарам што сте такви какви што сте. Вие сте токму онакви деца какви што треба да бидете: слободоумни, креативни, неуредни. Дали сум ви кажала дека мислам дека сте неверојатни и дека е прекрасно што ве запознав?

Ве сакам до Месечината и назад и благодарна сум што ги поминувам овие луди, исцрпувачки, прекрасни години со вас.

Автор: Венди Виснер

Извор



912

X