Врховниот суд на Италија одлучи дека децата не мора да ги гледаат своите баби и дедовци ако не сакаат. Одлуката на Врховниот суд е резултат на жалбата на родителите на две деца против одлуката на нижиот суд, со која децата биле принудувани да поминуваат време со нивните баба и дедо.

Повеќегодишниот случај во судот за малолетници во Милано го покренале бабата и дедото од страна на таткото, кои се пожалиле дека не можат да ги видат децата „поради пречките што им ги поставуваат родителите“, со кои биле во семеен конфликт.

Бабите и дедовците победиле и во судот за малолетници и во апелациониот суд во Милано, кој во 2019 година наредил средби меѓу нив и децата, во присуство на социјален работник, притоа предупредувајќи ги родителите на потенцијалната психолошка штета што им ја нанесуваат на децата со одбивањето пристап до нивните роднини.

Родителите тврделе дека децата не сакале да се видат со бабата и дедото поради постојани семејни тензии, па поднеле жалба до Врховниот суд барајќи да ја укине одлуката.

Во својата пресуда, Врховниот суд заклучил дека нема сомнеж оти децата ќе имаат корист од гледањето со своите роднини, но и дека нивните интереси мора да преовладуваат над интересите на бабите и дедовците и дека не може да се наметне несакан однос, особено ако тие деца се способни да расудуваат и имаат наполнето 12 години.

Според Законот за семејство воведен во Италија во 2006 година, детето има право да одржува врска со своите баба и дедо дури и ако нивните родители се разделиле. Бабите и дедовците, исто така, имаат право да побараат од судот да утврди дали одлуката на родителот да им забрани пристап до нивните внуци е штетна за благосостојбата на детето и следствено на тоа – незаконска.

Извор



912

X