Здравје

Стресот во детството менува повеќе гени во мозокот отколку повредата на главата

Како стресот во детството влијае врз здравјето и однесувањето подоцна во животот, откриваат истражувачите од Државниот универзитет во Охајо. Се случило нешто изненадувачко кога истражувачите почнале да истражуваат дали стресот во раното детство имал ефекти како и повредите на главата, како и врз здравјето и однесувањето на децата подоцна во животот. Во една студија спроведена на животни, стресот го променил нивото на активирање на многу повеќе гени во мозокот отколку што таа промена се случувала при удар во главата. Наодите од студијата биле објавени овој ноември во списанието „Невронаука“, на годишниот состанок на „Општеството за невронауката“.

Стресот во детството го зголемува ризикот од разни болести

Веќе е познато дека повредите на главата се вообичаени кај малите деца, особено оние како резултат на падови и може да се поврзат со нарушувања на расположението и социјалните тешкотии, кои се појавуваат подоцна во животот. Несаканите искуства од детството, исто така, се многу чести и можат да го зголемат ризикот од болести, ментални состојби и злоупотреба на супстанции во зрелоста.

„Но, не знаеме како тие две работи можат да влијаат врз интеракцијата. Сакавме да разбереме дали доживувањето трауматска повреда на мозокот во контекст на стресни околности во раниот живот може да го смени одговорот при повреда на мозокот. И користењето животни во експериментот ни овозможува навистина да навлеземе во механизмите преку кои овие две работи можат да влијаат врз развојот на мозокот“, објаснува професорката по психологија Кетрин Ленц од Државниот универзитет во Охајо.

Стресот е навистина моќен и не треба да се потценува

Првата група на експерименти на лабораториски глувци укажува дека потенцијалот на детскиот стрес, кој може да доведе до доживотни здравствени последици, можеби не е целосно разбран, велат психолозите.

„Откривме дека многу, многу повеќе гени се различно изразени, како резултат на нашата манипулација со стресот во детството, отколку во ситуациите кога се справуваме со трауматските повреди на мозокот. Стресот е навистина моќен, а неговото влијание во детството врз развојот на мозокот подоцна во животот навистина не треба да се потцени“, нагласува професороката Ленц.

За време на студијата, истражувачите привремено одвојувале новородени глувци од нивните мајки, на дневна основа, во текот на 14 дена, за да предизвикаат стрес имитирајќи ги ефектите од негативните искуства од детството, кои вклучуваат серија потенцијално трауматски настани. На 15-тиот ден, кога глувците во развој се еквивалентни на мало дете, на животните под стрес и на оние животни што биле во група без стресни емоции, под анестезија, им била нанесена повреда на главата слична на потрес на мозокот. Три состојби – само стрес, само повреда на главата и стрес во комбинација со повреда на главата – биле споредени со неповредените глувци, без доживување на стрес.

И стресот од детството и трауматските повреди на мозокот се поврзани со абнормално социјално однесување

Водачот на студијата, Михаела Брејч, ги испитувала промените во генската експресија во хипокампалниот регион на мозокот на животните. Само стресот и стресот во комбинација со трауматски повреди на мозокот дале неколку значајни резултати. Двата услова ги активирале патиштата во ексцитаторните и инхибиторните неврони, кои обезбедуваат способност на мозокот да се приспособи на сите видови промени – најмногу за да промовира флексибилност.

„И стресот и трауматската повреда на мозокот се поврзани со абнормално социјално однесување, но ние ги откриваме овие различни ефекти со сигнализирање на окситоцинот. Тоа покажува дека ефектот на стресот може да го промени начинот на кој трауматската повреда на мозокот го менува мозокот. Окситоцинот е вклучен во одговорот на стресот и регенерацијата, па тоа би можело да значи дека би можел да биде интересен модулатор за следење во иднина“ – нагласила Михаела Брич.

Поголем ризик доаѓа подоцна во животот

Во понатамошните тестови за однесувањето на животните кои остареле, само животните што доживеале стрес рано во животот имале тенденција да влегуваат во широко отворен простор – локација што обично предизвикува глодачите да се чувствуваат ранливи на предаторите.

„Генерално, тоа покажува дека тие би можеле да преземаат повеќе ризици подоцна во животот, што е во согласност со човечкото искуство, кое покажува дека стресот во детството може да го зголеми ризикот за одредени состојби, како што се нарушување со дефицит на внимание или АДХД, што може да се карактеризира како однесување со преземање ризик или нарушувања кои подразбираат употребата на психотропни супстанции“, вели Брич.

Податоците за однесувањето кои ги покажуваат штетните ефекти од стресот во раниот живот даваат дополнителни докази за потребата да се решат негативните искуства од детството, предупредуваат психолозите. Според нив, луѓето не се ни свесни колку може да бидат штетни стресорите на почетокот на животот, ако никој не се занимава со нив.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top