Кога ќе забремените, сосема е природно одеднаш да откриете ново чувство на одговорност и желба да го заштитите вашето бебе. Поради ова – без разлика колку е лесна вашата бременост – може да се појави и грижа и страв од спонтан абортус. Кај трудниците што претходно изгубиле бебе или имаат тешкотии со зачнувањето, оваа анксиозност може да биде особено зголемена. Сепак, треба да се има на ум дека постојаниот страв и размислувањето „што ако се случи“ само водат до стрес и ви го одземаат драгоценото време за уживање во бременоста.

Загриженост за ризикот од спонтан абортус

Една од најчестите грижи на идните мајки е стравот од абортус, особено во раните денови, бидејќи 80 % од спонтаните абортуси се јавуваат во првото тримесечје. По 13-тата недела веројатноста за губење на бременоста е значително намалена. Можеби е корисно да се знае дека повеќето абортуси, всушност, не можат да се спречат. Затоа, ако се случи тоа, нема да биде поради нешто што сте го направиле. Акушерките тврдат дека повеќето абортуси во првото тримесечје се предизвикани од генски абнормалности кај растечкиот фетус. Губењето на фетусот подоцна во бременоста може да се поврзе и со здравствени состојби, како што се автоимуни нарушувања, изложеност на токсини, инфекции и физичка траума.

Иако абортусот е вообичаен (статистичките податоци покажуваат дека дури една од четири бремености завршува со абортус), сепак изгледа како табу-тема, што може да придонесе за уште поголем страв и вознемиреност кај трудницте.

Надминување на стравовите ако претходно сте доживеале загуба

Анксиозноста во бременоста може да биде честа појава, а поголема е веројатноста да ја развиете ако сте бремени со по доживеан абортус. Всушност, дури 64 % од жените имаат зголемена веројатност за анксиозност или депресија дури и по две години од губењето на своето бебе. Вознемиреноста е реална. Сепак, многу е малку веројатно дека ќе имате спонтан абортус по втор пат – и ништо што сте направиле не го предизвикало абортусот првиот пат. Многу жени чувствуваат олеснување откако ја поминале таа недела од бременоста во која го изгубиле своето бебе претходниот пат. Исто така, експертите препорачуваат неколку начини за справување со анксиозноста:

Фокусирајте се на дишењето

Препораката број еден е да се вратите во сегашниот момент и да се фокусирате на вашето дишење. Кога ќе се појави анксиозност, телото обично има физичка реакција и дишеме пократко, па затоа вежбањето длабоко дишење е важно и корисно. Практикувањето поактивно дишење во овој момент може да биде ефикасно во намалувањето на анксиозноста. Редовната пренатална јога, работата со дишење или рутината за медитација и свесност може да ви помогнат да се смирите кога ќе ви се појават грижи.

Користете го методот на пет сетила

Кога чувствувате анксиозност, речиси како да стои лав пред вас, па вашето тело оди во режим на борба или бегање, но реалноста е дека пред вас нема лав. Еден од методите што можете да ги практикувате е да ги искористите сите пет сетила за да го забавите чувството и да се вратите во сегашниот момент. Потребни се само неколку минути за да се идентификува следново:

5 работи што ги гледате

4 работи што можете да ги допрете

3 работи што можете да ги слушнете

2 работи што можете да ги мирисате

1 работа што можете да ја пробате

Тоа помага да го смирите вашиот ум и ви овозможува да препознаете дека сите работи околу вас се реални, а не вознемиреноста што ја создавате во вашата глава. Обидете се да вежбате кога не сте загрижени, па ќе имате „алатки“ кога ќе ви бидат потребни.

Често престојувајте во природа

Поминувањето време во природа има значителни лековити ефекти, подобрување на расположението, менталното здравје и емоционалната благосостојба. Конкретно, изложувањето на сончева светлина го зголемува нивото на витамин Д, од кој има неколку придобивки, вклучително и намалување на крвниот притисок, намалување на ризикот од дијабетес тип 2, зајакнување на имунолошкиот систем и подобрување на нивото на енергија.

Дури и 10 минути излегување може целосно да ви го промени денот. Идеално би било да живеете блиску до природата, но и да не е така, одете во најблискиот парк.

Побарајте терапија или група за поддршка

Може да биде многу корисно да имате доверлива личност, особено експерт за оваа тема, да разговара за сите грижи и емоции што се појавуваат за време на бременоста. Приклучувањето на група за поддршка, исто така, може да биде многу корисно за поврзување со други кои минуваат низ слично искуство. Прашајте дали има таква група во вашиот град и придружете ѝ се.

Потпрете се на партнерот и на пријателите

Партнерот и добар пријател можат да бидат добра поддршка за трудниците. Ако тие нудат поддршка и само ги потврдуваат вашите чувства – тоа може да биде исклучително утешно. Всушност, тоа може да го намали стресот веднаш бидејќи знаете дека не сте сами. Партнерот може да ви помогне да препознаете кога почнувате да се вознемирувате. Исто така, ќе ве потсети на алатките и методите што можете да ги користите за да спречите влошување на вашата анксиозност.

Извор



912

X