Новите генерации се веќе пораснати и некои од нив почнаа да доаѓаат на психотерапија поради различни проблеми. Бидејќи голем број од припадниците на одредени генерации имаат некои свои заеднички особини, психотерапевтите почнале да забележуваат одредени разлики во однос на клиентите-припадници на постарите генерации.
Во прашање се две генерации „сакани деца“: генерација Y, во која спаѓаат родените помеѓу 1980 година и 1994 година, кои сега имаат помеѓу 26 и 40 години, и припадници на Z-генерацијата, познати како интернет-генерација, кои спаѓаат во родените помеѓу 1995 година и 2005 година, кои сега имаат помеѓу 15 и 25 години.
Проблеми на новите генерации
Психотерапијата се формирала преку работата со „несаканите деца“, односно со оние што биле претерано строго воспитувани, на кои родителите не им покажувале љубов, како и со оние што во детството биле занемарувани или малтретирани. Појавата на новите клиенти што биле „сакани деца“ на психотерапевтите им донела нови предизвици. Еден познат американски психотерапевт кој има долг стаж во работата со луѓе метафорично изјавил: „Додека порано нашата работа личеше на дејството на оцетот со кој се отстранува бигорот, сега повеќе личи на дејството на лепилото“.
Во што се разликуваат овие две генерации „сакани деца“? Припадниците на Y-генерацијата се често нарцисоидни, егоцентрични, со нереално позитивна слика за себе, арогантни во комуникацијата, се стремат кон хедонизам, немаат работни навики и вистински желби да пораснат и да преземат одговорност за себе и другите. Припадниците на Z-генерацијата се попасивни, повлечени, зависни од родителите, насочени кон содржините на интернет, погледите им се постојано упатени во екраните на нивните „паметни“ телефони, поточно во мини-компјутерите кои погрешно ги нарекуваме телефони.
Покрај широкиот општествен и економски контекст, врз формирањето на одредена генерација важно влијае моделот на родителско воспитување, како и медиумските содржини што ги окупираат умовите на децата и младите луѓе. Додека припадниците на Y-генерацијата всушност се разгалени деца кои пораснале како жртви на попустливото воспитување кое нудело љубов, а не и дисциплина, припадниците на Z-генерацијата најмногу ги одредила појавата на „паметните“ телефони, кои на рана возраст ги „вградиле“ во својата личност и така се изложиле на претерано влијание од содржините на интернет.
Кои проблеми ги имаат овие некогаш сакани деца?
Припадниците на Y-генерацијата го понеле од семејството доживувањето дека тие се центар на светот и така продолжуваат, во поголема и помала мера, да се однесуваат во надворешниот свет: во односот со пријателите, партнерите, во работното опкружување. Секогаш се во право, не признаваат грешки, а добронамерната критика ја доживуваат како напад на нивната личност. Бидејќи со текот на времето, наспроти своите способности, а поради недостиг на работни навики, не можат да ја оправдаат својата претерано позитивна слика за себе, вината за неуспехот ја наоѓаат во другите. Едно истражување покажало дека 80 отсто од нив имаат животна цел да се збогатат, а 50 отсто сакаат да станат позната јавна личност.
Припадниците на Z-генерацијата се преплашени од надворешниот свет, за кој се неподготвени. Се чувствуваат сигурно во своите семејства, со светот комуницираат преку интернет и социјалните мрежи. Многу се загрижени за себе и за своето здравје, имаат лоша слика за себе, ама не затоа што родителите не им упатуваат пофалби и не ги поддржуваат, туку затоа што се чувствуваат неприфатено од врсниците. Во емотивниот развој доцнат три години. Во оваа група е многу изразена склоноста кон анксиозност, депресија, а има и зголемен ризик од самоубиства.
Поставување дигитални граници
И во едната и во другата генерација физичкиот изглед и привлечноста се основни вредности. Причина за тоа е што немаат развиени социјални вештини и пасивно чекаат другите да им пријдат. А кога тоа не се случува, го обвинуваат својот недостиг на магнетска „привлечност“ и почнуваат да мислат лошо за себе.
Што може да заклучат родителите од ова? Прво, дека љубовта не е доволна. Потребно е детето и да се дисциплинира, а тоа значи дека родителот треба да се постави и како авторитет кој вели: „Не смееш!“ и „Мораш!“ и кој повремено казнува. Потребно е да се постават „дигитални граници“ и да се ограничи времето за користење дигитални екрани и интернет. Потребно е на детето и младото лице да му се помогне да развие социјални вештини и да го оствари доживувањето на прифатеност во групата на своите врсници. Не треба да се гледа само како се чувствува детето, колку е среќно и сакано, туку треба да се потсетите дека цел на воспитувањето е изградбата на самостојни и одговорни возрасни личности.
Автор: Зоран Миливојевиќ