Статистиките покажуваат дека секоја четврта бременост завршува со спонтан абортус. Овој текст е посветен на сите оние несудени мајки кои, за жал, се дел од оваа црна статистика. Не губете надеж. Со вас го делам моето искуство и моите скриени чувства, бидејќи сакам да знаете дека не сте сами. Нè има многу, но за овој вид губиток главно се молчи. Ви ја посакувам целата среќа.
Како што реков, една од четири трудници доживува спонтан абортус. Иако е тоа голем процент, никогаш не ни помислував дека меѓу тие четири трудници ќе бидам и јас. Тоа е една од оние работи за кои веруваме дека им се случуваат само на другите, сè додека не нè изненадат. Нерадо се сеќавам на тој период. И ден-денес во мене предизвикува чувство на губиток и тага за тоа бебе, никогаш непрегрнато. Поминаа доста години оттогаш.
Но, без разлика на тоа, знам дека никогаш нема да бидам рамнодушна, иако се обидувам да бидам рационална, да се убедам себеси дека така морало да биде и дека тој дел од мене му припаѓа на минатото. Беше тоа мојата прва, многу посакувана бременост. Првиот поглед на оние две цртички на тестот, повеќе од што било во животот ми потврдија дека навистина постои љубов која се раѓа одненадеж, во моментот. Но, не ни сонував дека исто така одненадеж ќе умре. Сè одеше добро, до 11. недела, кога почувствував дека нешто не е во ред. Тоа го потврди и прегледот на кој по своја иницијатива отидов. И пред тој ултразвук на кој веќе немаше срцебиење, имав некое чудно чувство дека бебето ме напушта. Баш така се чувствува, напуштено. Без објаснување.
Како јас да сум самата виновна. Апсолутно виновна за тоа. Можеби не јадев доволно поради утринската мачнина? А можеби и поради онаа чаша црвено вино на ручек пред некој ден? Премногу шетав, а премалку се одморав? Мора да е поради оној филм што ме вознемири толку многу, што плачев цела вечер? Или поради оние лоши вести што ги слушнав минатата недела? Да, се обвинував себеси, прашувајќи се одново и одново каде погрешив и дали исходот би бил различен ако само дишев поинаку, ако нешто прескокнев или додадев.
А потоа помислував во какви сè услови жените успеваат да ја износат бременоста без последици и сфатив дека не сум можела подобро да се однесувам. Едноставно го живеев мојот живот. Моето однесување тие 11. недели беше сосема избалансирано и во согласност со мојата состојба. Па, можеби сепак не е до мене? А до кого е? А вистината е дека ништо не би се променило и да се однесував поинаку. На ова бебе не му било судено да види сончев ден, да ја добие мајчината насмевка и прегратка и да скока по вирчиња од дожд. А зошто, никогаш нема да дознам. Тешко е да се помирам со тоа. Тешко е и кога ќе чуеш: „Не е тоа ништо. Се случува. Уште си млада, ќе имаш три деца“. Можеби е така, но ова едно никогаш нема да го имам.
Тогаш не знаев дека ќе ја имам среќата да ги родам и прегрнам моите прекрасни, здрави деца. За нив сум благодарна секој ден. И кога ми е тешко, се сеќавам колку всушност сум првилегирана што гледам како растат, што сум им мајка. Тоа ми ја грее душата. Но, тагата за она првото, изгубено бебе и понатаму е тука. Тоа чувство не исчезна. Само се смири. Бидејќи секогаш кога детето е сакано, без разлика дали прво и единствено или десетто, на мајката еднакво ѝ е важно да го земе в прегратка, да го почувствува, да го сака и теши. Фантазирав за тие дебелки ножиња, за тркалезното главче, за малите рачиња кои се обвиткуваат околу мојот прст, потајно замислувајќи дека бебето ќе ги има сините очи на сопругот и мојата широка насмевка. Смислував и имиња. Сонував за особините на тоа мало суштество. Се прашував на кого ќе личи, каков карактер ќе има. За тие 11 недели отсонував цел еден живот кој го носев, а на некој недопирлив начин и го проживеав.
Во мојот сон, тоа беше девојче. Со сини очи и со весел поглед и вечна насмевка што плени. Сонував за нејзината игра, кикотење и бескрајни приказни што би ми ги раскажувала со брзина на светлината, едно многу брбливо девојче, додека нежно ја припивам кон себе и ја галам по косата, вдишувајќи го тој мирис на детство и невиност. Но, моето мало девојче, потполно безгрешно, исчезна за еден ден. Никогаш нема да знам… зошто? И еве уште се потсетувам во своите соништа на неа.
Имам впечаток како да сум ја запознала, иако никогаш не ја ни допрев, ниту ја видов. Некои работи едноставно ги знаеш. Како што јас ја знам неа.
Неродена моја, нека те чуваат ангелите, додека некогаш навистина не те прегрнам.
Те сака мама.
Автор: Лана