Воспитување

Воспитајте се прво себеси. Потоа само ќе ви се каже како да ги воспитувате и одгледувате своите деца

Професор доктор Светомир Бојанин – детски психијатар и еден од основачите на невропсихологијата на развојниот период, автор на книгата „Гордиевиот јазол на младоста“, „Под дрвото на сознанието за доброто и злото“, „Училиштето како болест“ и „Тајната на училиштето“, порачува:

Нема научно воспитување и нема никаква наука за воспитувањето, тоа се измами. Воспитувањето е нормален, емоционален и спонтан однос со нашите деца.

Воспитувачкиот процес е, всушност, нашиот живот!

Детето мора да нè впива низ животот. Никој не ги одгледал своите деца по упатства. Ниту еден родител не им рекол на своите деца да крадат, да се тепаат по натпревари, а децата сето тоа го прават. Според тоа, се работи за една друга грешка во воспитувачкиот процес. Ако мајката и таткото се караат, а потоа им велат на децата дека тоа не е кавга и им велат да бидат пристојни, таа ситуација е бесмислена! Проблемот е во тоа што децата се воспитуваат со гледање.

Некои велат: „Имаме сега и куќа и децата имаат и своја соба и телевизор и не сакаат да учат!?“ Па не сакаат да учат затоа што ни мама ни тато учат. Не читаат дури ни весници! Проблемот е во прашањето – дали ние на нашето дете доволно му импонираме како луѓе за тоа да нè имитира? Или сме за нив некои мајки и татковци, а тоа имитира некои други што биле поупадливи, поблиски, позабележителни?

Како се однесуваме, како изгледаме, со тоа ги воспитуваме. Ги миеме ли забите или само бараме  детето да го прави тоа? Ги миеме ли рацете пред и по јадење или тоа го бараме само од детето? Ако тоа не го правиме ние, а бараме од детето да го прави, тогаш сме во конфликт, и ниту тоа ни верува нам ниту ние нему. Мораме да знаеме што може детето, што можеме да му дозволиме. Со страв, но сепак мораме.

Кога да престанеме да се грижиме? Не можеме да престанеме. Но, мораме да престанеме да му пречиме на детето да порасне. Колку повеќе го заштитувате, толку помалку го штитите! Ние мораме да ги инспирираме децата и да ги поттикнуваме да учат. Но, мораме да знаеме и дека децата ќе бидат успешни само ако го засакаат тоа. Мораме да се обидеме децата да го засакаат учењето, да имаат желба да учат! Не е исто ако ние само го „малтретираме“ детето да учи и ако и ние учиме заедно со него.

Никогаш не треба да му се каже на детето: „Оди учи, оди работи!“ Ако сме успеале да го мотивираме, самото ќе сака да работи. Ако не сме успеале, мораме да го тераме на тоа. Додека не најдеме некои вистински модели, не смееме да го запустиме она што барем досега сме го имале. Поставувањето на детето како цел на сопствениот живот и потоа од таа „цел“ да бараме однапред планирана придобивка за возврат потсетува на сите кругови на празноверие чија рамка е она фрлање на паричката во фонтаната со очекување таа „жртва“ да им се возврати со некоја посакувана среќа уште вечерта. Детството го загрозуваат и оние родители што се посветиле на децата со отфрлање на сопствените животи, давејќи ги во својата „родителска пожртвуваност“ и заштита, занемарувајќи ги и своите работни обврски, напредување во струката и напуштање на работното место за да се „посветат на децата“.

Постојат и видови љубов во човечката природа што не бараат возвраќање. Една од нив е онаа кон децата. Човековото тежнеење за детето останува обележје на човекот и потоа кога тоа самото ќе се осамостои, и биолошки и социјално, и заминува од нас во белиот свет, кога ние воопшто не сме му потребни, копнежот за кој не бараме возврат, тивко во нас, сепак постои и го очекуваме.

Кога да престанеме да се грижиме? Не можеме да престанеме. Но, мораме да престанеме да му пречиме на детето да порасне. Колку повеќе го заштитувате, толку помалку го штитите!

Не се проблем фабриките за играчки, туку нашите страсти и неодмереноста, поради духовната мрзливост да се потрудиме да се разбираме барем со оние што ги сакаме, а која, како родители, ја демонстрираме на нашите деца секој ден, од утро до вечер. Од нашето однесување и однесувањето на возрасните лица во околината зависи дали нашето дете од гумените пушки и тенкови ќе гради огради помеѓу кои ќе ги „храни“ или „лекува“ елените, зајаците или шимпанзата, како што тоа, за волја на вистината, можело да го види на ТВ-програмите, или со тие предмети ќе брза да ги убива соседите.

Секое дете мора како бршлен да се свие околу некој идентификациски модел кој го импресионира, на прво место со своето квалитетно разбирање на неговата личност и кој е погоден околу него да го „развива“ она што би сакало да биде и да го поседува како личност пред другите, во некои времиња за кои сонува. Ако не му ги понудиме нашите „знамиња“ за кои копнее со целото свое битие, ќе ги уочи кај некои други луѓе од опкружувањето или на маркетиншките тезги на оние што ги сведуваат во служба на купување и продажба на стока и трендови, сведувајќи ја својата животна смисла на таа празнина на постоењето, чија залудност никако не е лишена од убивање и крв.

Кога го прашале Гадамер, познат германски филозоф и педагог: „Како да ги воспитуваме своите деца и помладите генерации?“, тој рекол: „Воспитајте се прво себеси. Потоа само ќе ви се каже како да ги воспитувате и одгледувате своите деца, помладите генерации“. „А какво образование да им се даде?“ Тој вели: „Образовајте се прво себеси. Тука ќе го најдете одговорот како да ги образовате своите деца“.

Не е природно мајката и таткото да им се прават пријатели на своите деца. Детето има потреба да има пријатели, со нив сака да се влече на подот, да игра фудбал… Има потреба и да има учителка, која ќе го учи на поими, однесување и слично. А има и мајка и татко кои го сакаат неизмерно, но чија љубов има и одредена смисла. Детето има потреба да има авторитет.

Многу поважно е детето да го пофалите кога ќе направи нешто добро отколку да го критикувате кога ќе направи нешто лошо. Тоа зло ќе овене, ако за сето добро што го правело детето наидува на пофалба и радување од ваша страна. Треба да го пофалиме не кога победило некој друг во нешто, туку кога се победило себеси, ако денес е подобро од вчера. Многу помал е гревот ако во некоја ситуација на гнев некогаш и го удриме детето отколку ако лажно се однесуваме кон него. Секоја лага детето ја препознава. Препознава ако го тепаме од некакви наши садистички страсти, ако тоа е садизам на возрасен над послаб, кога тој родител го испразнил својот гнев, нерасположение, својот тажен живот. Детето препознава и кога ќе се појави очај поради него, па сме му удриле шлаканица.

Какви се всушност децата, никој не знае, ниту некој некогаш, низ целата историја на државното образование, се запрашал тоа. Се знае само што се бара од децата. Децата се во состојба да одговорат на барањата од училиштето и тоа било доволно за сите педагози во светот.

Љубопитноста на децата не може да се поттикне со страв и постојано докажување дека тие сепак уште не знаат ништо и дека се уште мали за со нас да се мерат. Разводот е секогаш распаѓање на една целина за детето. Многу е важно родителите, ако ги сакаат своите деца и ако мораат да се разведат, да не зборуваат грди работи едни за други пред детето. Детето мора да знае дека неговите мајка и татко го сакаат и дека тие се за него најдобрите на светот. Таму каде што мајката и таткото си нанесуваат штета еден на друг, значи дека го користат детето за своите лични потреби и зависности.

Автор: проф. д-р Светомир Бојанин

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top