Во големото множество задачи, особено поврзани со родителството, првата личност на која забораваме сме ние самите. Тоа е погрешен пат бидејќи како мислиме да воспитаме задоволно, оптимистично и дете полно со самодоверба ако ние сме личност која постојано се жртвува за другите и го занемарува својот живот? Ова е помош, поддршка и потсетник токму за вас…

Бркотница наутро

Како започнува вашиот вообичаен, просечен ден? Веројатно станувате пред сите дома за да подготвите појадок, да ги нахраните домашните миленичиња, да ги навадите цвеќињата, да ги измиете чиниите од вечерата, да одговорите на е-пораката од завчера…
Потоа ги будите децата, истовремено запеглувајќи нешто, обидувајќи се без гледање во потсетникот (бидејќи немате време за тоа) да се потсетите што сè сте запишале на списокот со денешните обврски. Потоа пак ги будите децата бидејќи не им е доволно само еднаш да влезете во собата, еднаш да им кажете, еднаш да ги бакнете… накратко, вашиот ден само што почнал, уште не сте стигнале на работа, а веќе сте уморни.

Не, не се децата тие што најмногу ви го оптоваруваат денот. И не, не е виновен директорот, ниту работата, ниту општеството, ниту очекувањата од средината секогаш да давате максимум. Не, не сте виновни ни вие бидејќи нема повеќе да зборуваме за вина, туку за одговорност – а одговорни сте вие!

Верувањето дека мора да се жртвувате е извор на сите проблеми

Некогаш одамна некој ви кажал или можеби вашите родители со пример ви покажале дека без жртвување не се постигнуваат големи резултати. Можеби не сте свесни за тоа, но токму копирањето на моделот на жртва, научен во раното детство, е најчестиот образец на однесување на многумина од нас.
Со верувањето дека мора да се жртвувате ако сакате резултати почнал процесот на носење товар кој не е само ваш, туку и на сите ваши предци. Тој товар што сте го добиле со раѓањето е дел од вашата традиција, сте се соживеале со него, тој се подразбира.
Размислете колку време им давате на децата, колку на работата, колку на пријателите, колку на партнерот, колку на домашните обврски! Всушност, колку време останува за вас? Малку или воопшто не останува? Зошто е така? Затоа што сте се жртвувале себеси – она највредното што сте го имале – а во морето секојдневни обврски не сте ни забележале.

Не станува збор само за времето што му го посветувате некому или на нешто бидејќи во тоа време се вклучени вашите емоции, потреби, желби, вашите вредности, интереси… И тоа е во ред ако уживате во таква распределба на своето време, ако тоа е вашиот избор. Но, размислете повторно, дали тоа навистина е правилна распределба во која вистински, искрено уживате?

Чекори кон освестување

Одговорност. Сега можам лесно да замислам како се муртите и мислите дека никој не ве разбира, дека садовите нема сами да се измијат, како ни другите домашни работи, дека вашите деца токму сега се во некоја кризна фаза од развојот и дека за некој месец или година сè ќе биде поинаку.

Мислам дека не сте во право. Секогаш ќе има работи, проблеми, предизвици, обврски и стресови. Исто така, времињата нема да стануваат подобри бидејќи ова се единствените што ги имаме, ниту некој друг ќе ни направи чудо ако тоа не го направиме самите. Затоа, пред да ви помине животот, пред да се разбудите едно утро и да се изненадите од сопствениот одраз во огледалото и бројот на брчките, застанете за момент и обидете се да го замислите вашиот живот без оној излишен и претеран товар. Понесете го на рамена само она што навистина морате.

Преземете одговорност за вашиот живот. И онака речиси никој нема да ви оддаде никакво признание, да ви рече „фала“ за сето она што го правите за другите. Не е фер да мислите дека некој друг е одговорен ако вие сте незадоволни, презафатени, преоптоварени. Впрочем, главно и никој тоа не го побарал од вас, нели? Најчесто нашите домашни само ја прифаќаат улогата што сами сме си ја одредиле и се препуштаат на тоа.

Умерена амбиција. Навистина не постојат совршени родители. Без оглед колку се трудите, правите сè што мислите дека е најдобро, најмногу што можете да постигнете во родителството е да бидете доволно добар родител. Утешно е да се знае дека на нашите деца не им требаат совршени родители.
Имено, кога децата знаат дека нивните мајки и татковци имаат свои доблести и недостатоци, свои слабости, нервози, промашувања – тоа и ним им дава слобода да бидат такви какви што се. Тогаш ни тие немаат потреба да глумат дека се совршени мислејќи дека само така би ја заслужиле родителската љубов. На своите деца и тоа како сте им добри ако сте „нормални“, здрави, посветени, ако ги сакате и кога се обидувате да ги научите како да станат подобри.

Реорганизација на времето. Ако успеете да си обезбедите барем минимум слободно време, тоа ќе ве направи посмирена личност, пооптимистична, заштитена од стрес. Бенефитот за вашето здравје, ако сте ментално/физички/емотивно урамнотежени, ќе биде голем, а ќе биде подобро и за вашето дете кога ќе сфати дека вие имате сопствен живот и активности што не се поврзани со него.

Спротивно на тоа, додека растат уверени дека се вашиот центар на светот, односно дека без нив речиси не постоите како самосвесна личност, сè што ви се случува вам децата ќе го поврзуваат со себе. На овој начин постојано се соочуваат со изразено силни чувства на вина (ако вие сте нерасположени), отфрленост (ако сте уморни и не им посветувате внимание) бидејќи мислат дека тие се одговорни, односно виновни за секоја ваша емоција.

Затоа, сетете се во што сте уживале најмногу кога сте биле дете? Во која активност целосно сте заборавале на времето, која ви го греела срцето, која секогаш ви ја враќала насмевката на лицето? Дали денес имате некакво хоби, нешто што го сакате исто како и таа активност во детството? Пронајдете време за вашите хобија и интереси без оглед на дневните обврски.
Најпрво, кога и да почувствувате дека сте уморни и дека ви треба малку мир, јасно и гласно кажете го тоа. Одете во друга соба, легнете и одморете се. Од друга страна, не заборавајте дека за децата поважен е квалитетот на времето што го поминувате со нив отколку квантитетот.

Се подразбира дека времето додека миете чинии и средувате или додека разговарате на телефон не е еднакво квалитетно како и времето кога со детето работите нешто во кое заедно уживате. Квалитетно заедничко време е термин кој го означува времето поминато на обострана радост и задоволство, исполнето со акција и квалитет.

Автор: Јелена Холцер, педагог

 



912

X