Дали сте забележале како опкружувањето константно ги храни родителите со негативни мислења за децата? Кога се бебиња, сè започнува убаво, а потоа по некое време се претвора во сеење страв.

„Почна да оди? Е сега имаш проблем. Сега е најтешко“.

„Леле сега ќе наполни 2 години, тогаш се најлоши! Пристигнуваат – ужасните две!“.

„Двегодишниците се прекрасни. Тригодишниците се како мали тинејџери!“

„Леле, чекај кога ќе влезе во пубертет!“

Постојано ни велат дека децата манипулираат, ги тестираат нашите граници и авторитет за да видат што ќе им помине. Со сето тоа доаѓаат и еден куп (несакани) совети како на најдобар начин да ги контролираме тие мали тирани за тие да не нè контролираат нас. Дали вие сте добиле предупредување за таа страшна втора година? Дали мислите дека тоа влијаело врз начинот на кој сте го набљудувале вашето дете и каква интеракција сте имале со него во тој период? Дали постојано сте го барале тоа некое „лошо однесување“?

Овие токсични пораки се вовлекуваат во нашата глава и негативно влијаат врз нашиот однос со децата. Сета таа врева од надворешниот свет ја задушува нашата интуиција и почнуваме на децата да гледаме како на мали негативци кои постојано треба да ги поправаме и дисциплинираме. А потоа така доаѓаме до тоа постојано да го коригираме нивното однесување како само од тоа да зависи дали децата се добри, лоши или нешто помеѓу.

А вистината е дека нашите деца се многу повеќе од нивните способности да ја преспијат ноќта. Многу повеќе од својата волја веднаш да послушаат што им се вели. Многу повеќе од една оценка или однесување во еден даден момент. Многу повеќе од она што ние го гледаме на површината. Децата се човечки суштества – неуредни, валкани и прекрасни, диви и сочувствителни и вредни се за трудот и запознавањето, бидејќи не се тука само да послушаат.

Кога ќе ги сведеме децата само на однесувањето што моментално го покажуваат, пропуштаме да ја видиме нивната убавина и потенцијалот што го имаат. Запрашајте се само – кога би можеле детето да го исправиме, научиме и поведеме од позиција на светлост и убавина кои ги гледаме во него, а не од моментална пречка која се појавила, колку високо би полетале?

Ова го нарекуваме „родител-рефлектор“ бидејќи намерно бараме светлина во децата и ја рефлектираме така што тие самите да можат да ја видат. На крајот на краиштата, децата се гледаат себеси онака како што ги гледаат родителите. Она што го гледаат дека се рефлектира во нашите очи е она што тие ќе станат. Дали вие ќе бидете личност која во вашето дете секогаш ќе гледа светло и ќе го рефлектира назад кон него?

Тоа почнува со барањето позитивни работи, дури и кога детето ќе направи нешто „лошо“. Кога однесувањето на детето го гледате како негативно („Само ме тестира“ или „Само ме нервира“), тоа и кај вас предизвикува негативни реакции. Затоа станувате лути, засрамени или фрустрирани. А потоа го навредувате детето поради лошите постапки. За жал, кога детето го гледа своето „безобразие“ во вашите очи, тоа ќе се гледа себеси како лошо, и тоа не само своето однесување, туку себеси како личност. Ако тоа се всади во детското сфаќање за себеси, тоа ќе ги повторува лошите однесувања бидејќи се однесуваме онака како што се гледаме себеси. Затоа, обидете се да видите личност, срце и душа, над повиците, превртувањето на очите, бесот, неуредните соби и лошото однесување. Согледајте го најдоброто во детето и извлечете го тоа од него.

Автор: Ребека Еанес, извадок од книгата „Позитивно родителство: Интерактивен водич за јакнење на емоционалните врски“

Извор



912

X