Учењето училиштен материјал во градинка нема долгорочни придобивки, туку е штетно, пишува развојниот психолог Питер Греј, повикувајќи се на истражувања од научници.

– Раното учење не го намалува јазот помеѓу богатите и сиромашните, што е најчесто оправдување за рано учење. Децата што почнале да го работат училишниот материјал на предучилишна возраст се малку поуспешни во прво одделение, а во трето одделение нивната предност се губи, и некои од најдобрите истражувања покажуваат дека до четврто одделение овие деца почнуваат да имаат полоши резултати од оние што не учествувале во програми за рано учење. Исто така, децата што учеле во градинка имаат полоши показатели за емоционален и социјален развој од оние што играле во градинка – вели тој.

– Зборував на многу конференции за рано учење низ годините и постојано слушам наставници кои се жалат дека децата се несреќни затоа што им била скратена играта за да учат. Честопати се среќавам со наставници кои се откажале од оваа работа баш затоа што не сакаат да спроведат програми што им штетат на децата. А тоа се токму најдобрите воспитувачи, кои гледаат што се случува со децата и не сакаат да го трпат тоа- предупредува Греј.

– Тогаш, зошто го продолжуваме овој ужасен тренд скратувајќи им ја играта на децата, како и нивната друштвена активност од која толку учат и ги подложуваат на бесмислена и површна „училишна работа“ од која добиваат толку малку? Моето мислење е дека политичарите што ги донесуваат образовните политики и бирократите кои ги применуваат се незаинтересирани и арогантни. Ниту знаат за учењето и за децата, ниту се грижат за двете групи луѓе што знаат за тоа. Не обрнуваат внимание на научниците кои го истражуваат развојот на децата и не обрнуваат внимание на наставниците и учителите, кои секојдневно сведочат како влијаат овие политики врз децата.

Во минатото наставниците можеле да донесуваат одлуки за работата на час врз основа на сопственото искуство, знаење и здравиот разум, приспособувајќи го методот на различните и променливите потреби на секое дете. Но, денес се смета дека наставниците се бирократи, одговорни да ги извршуваат плановите што ги донел некој одгоре – многу часови за тоа, толку за ова – и сето тоа мора да биде исто за сите деца без оглед на нивните интереси и способности. Децата се само бројки, а не и личности.

Честопати се прашувам што би се случило кога наставниците, кои гледаат што се случува, би се побуниле и протестирале, не поединечно, туку здружено. Бев воодушевен кога прочитав за заедничкиот отпор на наставниците од Бруклин, Масачусетс, во јуни годинава. 37 воспитувачи од 34 државни градинки во Бруклин потпишале писмо што го прочитале на состанокот на училишниот одбор на Бруклин.

Еве дел од писмото:

– Нашите кариери ги посветивме учејќи петгодишни и шестгодишни деца и се уверивме дека некои современи практики имаат долгорочно штетно влијание врз социо-емоционалната состојба на децата. Затоа денес сакаме да укажеме на ново отцепување што се појави во градинките во Бруклин. Станува збор за отцепување помеѓу научните истражувања за утврдените начини на кои децата најдобро учат и програмите кои надлежните од нас бараат да ги применуваме. Забележуваме дека многу деца веќе се борат со вознемиреност затоа што знаат дека од нив се очекува да знаат да читаат. Сега е вообичаено да се слушне дете од претшколска возраст како вели: „Не знам да читам, мразам читање, го мразам училиштето, не сум добар во ништо“. Тоа е она што најмногу нè загрижува.

Образовните притисоци врз децата на возраст од пет и шест години им отежнуваат на овие деца да развиваат самоконтрола, да бидат независни и креативни. Сите истражувања покажуваат дека на децата им е потребно времето да го трошат на игра, но поради барањата за учење, има сè помалку учење низ игра, а во некои денови и воопшто нема. Како воспитувачи, знаеме дека играта не е само игра – таа ги развива мозочните функции овозможувајќи ни да ги следиме нашите цели. Низ игра децата ги развиваат концентрацијата и контролата на емоциите.

Малите деца се создадени да се движат и да истражуваат. Многу деца што мораат да седат подолг временски период стануваат фрустрирани, добиваат грчеви во мускулите. Сè повеќе и повеќе деца се дијагностицирани со АДХД и други проблеми во однесувањето и знаеме зошто се случува тоа. Но, она што се презема само го продлабочува проблемот.

– Ме интересираше дали нешто се променило по протестот на воспитувачите во Бруклин и дознав дека во новата учебна година работите останале исти. Дали воспитувачите ќе имаат сила да преземат нешто повеќе од ова писмо, дали можеби ќе штрајкуваат? Не штрајк поради лошите плати и бенефиции, туку штрајк за благосостојбата на нашите деца и за подобра иднина на нациите – се прашува Питер Греј.

Извор



912

X