Основачот на теоријата за поврзаност е англискиот психијатар и психоаналитичар Џон Боулби. Тој смета дека проблемите во однесувањето на децата, нивната адаптација во општеството и агресијата на адолесцентите се вкоренети во некои нарушувања на детскиот однос со родителите во најраните години од детството.

Научникот во 1936 година следел некои нарушувања кај децата што биле одгледувани во сиропиталишта. Открива дека децата што растат таму често имаат различни емоционални проблеми, вклучувајќи ја и неможноста да воспостават блиски и трајни односи со другите. Според Боулби, таквите деца не се во состојба да сакаат бидејќи не се во состојба трајно да се врзат за мајката во многу раната фаза од својот живот. Џон Боулби забележал слични симптоми кај децата што веќе некое време живеат во нормални семејства, но долго време се одвоени од родителите. Открива дека на тие деца засекогаш им се скратени блиските односи со кого било. Тој тврди дека развојот на детето не може да се разбере без внимателно следење на односот мајка-дете.

Како се формира оваа врска и зошто е толку важна, а ако ја нема, зошто последиците се толку тешки, па дури и непоправливи?

Формирање наклонетост

Еден од основните концепти на теоријата е „објектот на поврзаноста“, односно личноста кон која се создава наклонетоста. За повеќето луѓе таа личност е мајката. Меѓутоа, врзувањето за биолошката мајка не е најважно бидејќи во случаите кога биолошката мајка долго не е во животот на едно дете тоа обично може да воспостави силна врска со друга личност која ќе ја замени. Во зрелиот живот предмет на поврзаноста може да биде партнерот, менторот итн.

Поврзаноста почнува од првиот ден на животот на детето и се формира во текот на првата година.

Многу е важно секоја мајка правилно да ги препознае потребите на своето дете – кога сака да јаде, кога сака внимание, кога сака да си игра и слично, односно мајката мора да биде подготвена да ги задоволи сите специфични потреби на своето дете. На тој начин, знаејќи ги потребите на детето, помага во формирањето на неговото размислување и развој.

Двомесечно дете покажува општествена реакција со насмевка кога гледа познато лице. Насмевката му станува намерна и општествена кога ќе почне да бара контакт со очи. Џон Боулби е уверен дека оваа бебешка реакција е одговор на реакцијата на возрасните, кои секогаш покажуваат чувства, инстинктивно сакаат да го земат бебето во прегратка, го продолжуваат контактот со него, го смируваат ако плаче итн. Возрасните се провоцираат со плачење, цицање, чукање со рацете, повлекување на раката. Ова формира многу силна приврзаност и желба за интимност, особено со мајката.

На секое дете му се потребни луѓе со кои може да воспостави силна психичка поврзаност за нормално да се развива. Оваа поврзаност нема никаква врска со обичната „грижа за деца“, како што се храната, облеката и засолништето. Се разбира, сето тоа е исто така важно за правилен развој на детето, но воопшто не е доволно за успешен општествен и емоционален развој и не помага детето да научи ефикасно да ги регулира своите чувства. Ваквите односи се остварливи само во семејството и, за жал, не се можни за децата што растеле во институции.

Децата развиваат силна поврзаност кога ќе примат вистинска топлина, прегратки и наклонетост. За нив е многу важно да добиваат внимание од луѓето што се грижат за нив, а нималку не им се важни подароците и материјалните работи. Мајката е таа што може да му помогне на детето да се избори со знаците на агресија и депресија. Таа е личноста која своите деца може да ги научи на вистинска љубов.

На секоја личност, особено на дете, ѝ е потребен доказ дека некој ја сака, дека постои некој со кого ќе ја дели својата тага, анксиозност и радост. Некој со кого ќе може да разговара за што било и во кој било момент, а за тоа ќе постави темели во љубовта што ја добива детето, што ќе стане основа за правилен физички и ментален развој на детето.

Извор



912

X