„Јас сум родител, знам како и што да правам“, слушнав во семејната амбуланта. „Млада станав мајка, тешко ми е“, ми рече синоќа една познајничка. „Што знаеш ти за родителството, како да е лесно“, ми рече една сосетка кога ја прашав зошто го тепа своето дете.
Знам.
Знам многу за родителството.
Знам дека секој може да биде родител.
Знам дека родителите се луѓето што те раѓаат, евентуално и те воспитуваат.
Знам дека тоа е титула која им се дава на почитувани луѓе.
Лесно може да се стане родител, но не секој може да биде наречен мајка и татко. Мајка и татко не се титули што се стекнуваат, туку се заслужуваат.
Само ретки се мајки и татковци.
Доцна е.
Зора е веќе, а јас уште не сум ги затворила очите.
Ме фаќа носталгија.
Погледнав во небото: „Ти благодарам. Не за родителите, туку за мајката и таткото“.
Тешко ми е кога ќе помислам на оние деца што имаат родители, но немаат мајка и татко.
Таква сум јас, емотивна.
Така ме научија мајка ми и татко ми.
Мојата мајка, онаа што минуваше ноќи и ноќи будна за секоја треска што ја имав, за секој заб, за секоја најмала болка, ситница. Онаа што го жртвуваше својот живот за да ме донесе на свет. Мојата најдобра пријателка. Мојот борец. Онаа што ми го покажуваше секој пат. Онаа што ја напушти плажата на најжешкото сонце за да го направи омилениот ручек за мене и татко ми. Таа, чија прегратка има моќ да ја залечи секоја рана. Да дишам и да оживеам.
Онаа со која таблицата за множење не беше проблем, онаа што ја делеше секој петка со мене, онаа што ја избриша секоја моја солза. И тоа ме направи кралица.
Извини, мамо, за секоја солза што ја пролеа, секој кажан грд збор, навреда. Посакувам да бев половина човек од тоа што си ти и половина како тато.
Мојот татко, со кого се гордеам. Оној заради кој најмногу ме радува прашањето „чија си“, што другите деца го мразеа.
Оној што ги исполни сите соништа на една девојка.
Оној што луташе среде ноќ барајќи дежурна аптека за моите први менструални грчеви.
Оној што ми го донесе првото кученце, ми ја олесни секоја посета на стоматолог… Поради него, никогаш не одев по дождот сама до училиште, не само јас, туку и моите пријатели. Оној што беше татко на целото мое одделение. Оној што го сакаа сите деца.

Оној што нѐ возеше мене и мојата пријателка со километри на концерт на Џастин Бибер и што внимаваше на две луди тинејџерки кои пристигнаа 15 часа порано во Арената. Оној што ме научи да пливам, да возам велосипед, да се радувам на животот, да бидам човек. Оној што ја поддржува секоја моја луда идеја.
На најдобрата мајка и најдобриот татко,
Благодарам, за среќата што ми ја овозможивте. За волшебното детство за кое сонував, за секоја жртва што ја направивте што јас не ја ни забележав.
Благодарам,
Што не сте само родители, туку мајка и татко.
Автор: Анастасија Гавриловиќ