Немој да го земаш додека плаче. Само привлекува внимание.
Не теши го кога е толку хистеричен. Гледаш дека привлекува внимание. Не наседнувај на тоа цимолење. Само бара внимание.
Не прави го за детето она што го може самото. Никогаш. Само бара внимание. Би рекол човек дека тоа внимание е некоја тешка дрога бидејќи треба толку да се избегнува. Но, вниманието не е никаков луксуз. Ниту е нешто од што треба да се плашиме. Внимание бараме сите.
„Потребата за внимание е дел од нашата природа. Од моментот кога ќе се родиме, бараме комуникација, внимание, кое ни е неопходно за ние да се развиваме и растеме – емоционално, физички, духовно и интелектуално“, Брен Браун.
На луѓето им е потребно да видат, слушнат, нивните чувства да се признаат, да бидат прифатени. На луѓето им е потребно внимание. Во што е тогаш проблемот? Или подобро кажано – во кого? Во децата, кои отворено ја покажуваат нормалната, природна човечка потреба, или во возрасните кои оваа нивна потреба ја користат како извор за надмоќ над децата? Веруваме дека го знаете одговорот. И сега, веројатно мислите дека наш предлог е на децата секогаш во сѐ да им попуштате и да скокате секојпат кога очите ќе им се насолзат. Не.
Што треба да направите кога децата бараат внимание?
Обидете се без условување
Нѐ учат дека родителството треба да биде засновано на страв. Мораме да ги контролираме децата, инаку тие ќе прават лоши работи и ќе носат погрешни одлуки. Не смееме да им покажеме премногу разбирање и внимание бидејќи може да станат премногу врзани за нас. Но, дали е ова начин на кој треба да се третира едно малечко човечко суштество? Што би било кога вашиот партнер постојано би ве контролирал, очекувајќи секогаш дека ќе направите нешто лошо или ќе донесете погрешна одлука. Што ако тој своето внимание кон вас го покажува во зависност од тоа дали му се допаѓа вашето однесување? Како би се чувствувале ако својата љубов и нежност ги користи за од вас да го добие посакуваното однесување? Тоа воопшто не звучи како здрав однос и сигурно е дека таквиот не го сакате ниту со своите деца.
Ни говореле лаги
Да, нѐ лажеле. Децата не се намерно лоши, за да нѐ искористат или манипулираат. Тие се човечки битија кои се обидуваат да го разберат светот во кој живеат, да се поврзат со вас и го прават тоа најдобро што умеат. И понекогаш им е баш тешко. Замислете, фрлени се во свет кој буквално ги охрабрува нивните родители да ги игнорираат емоциите на своите деца, нивното плачење и желба да се поврзат. А како што растат, да го игнорираат и тоа познато „привлекување внимание“. Променете ја оваа лоша навика што ја негуваат со генерации, верувајќи дека ја прават вистинската работа. Тоа не е начин на кој треба да третирате некој што го сакате. И тоа сигурно не е начин на кој би ги третирале возрасните луѓе во својот живот кои ги сакате и почитувате. Таа врска помеѓу детето и родителот не е некаков паралелен универзум во кој важат правилата дека оној со повеќе искуство и моќ има право да го третира послабиот како да е помалку вреден. И да очекува дека тоа нема да направи никаква штета.
Слушајте ги своите деца
Секое однесување е комуникација. Ако децата, како што велите, со своето однесување привлекуваат внимание, тогаш очигледно тоа внимание и им треба. Тоа може да биде од милион причини и ваша работа е да разбере која е причината. Кога некој што го сакаме има потреба за нешто, го слушаме, му покажуваме дека се грижиме и му помагаме таа потреба да ја исполни онака како што е во наша моќ.
Зошто таа детска потреба за внимание е исклучок?

Дајте им внимание
Ако детето бара внимание, дајте му го. Тоа е сосема легитимна потреба. Играјте со децата, смејте се со нив, покажете им дека ви се важни и тогаш кога не се однесуваат така како што вие сте замислиле дека треба.
„Вниманието е најретка и најчиста форма на великодушност“ – Симон Вел.
Не можете никогаш да го „расипете“ детето давајќи му премногу внимание. А што ако бара внимание на лош начин? И тогаш. Заборавете на тоа дека детето манипулира. Ако детето навистина избрало да направи нешто неприфатливо и лошо за да го привлече вашето внимание, тогаш што ви кажува тоа? Дека е очајно и дека прави сѐ за да биде видено. Можеби мисли дека тоа што го прави е најдобриот начин за да ви го привлече вниманието. Затоа, дајте му го на детето тоа што му треба. Покажете им на децата дека не мора да прибегнуваат кон лошо однесување за да го добијат потребното внимание. Покажете им дека вашата љубов и внимание се секогаш тука кога им требаат.
Бидете тука
Покажете им многу љубов, внимание и поврзаност, кои им се потребни, дури и кога не ги бараат. Вниманието не е нешто што треба да го дозирате или скратувате. Тоа е легитимна потреба. Па така, одговорот на прашањето што треба да правите кога вашето дете привлекува внимание е – дајте му внимание. Секојпат.