Воспитување

Што се случува, па децата се такви какви што се? Или, што не се случува?

Постои информација дека воспитувањето е еднакво старо колку и човечкото друштво. Ако се свртите околу себе, ќе се запрашате дали тоа е навистина така, но ако се свртите кон себе, ќе сфатите зошто не е. Не е прашање од кога постои воспитувањето, прашање е од кога луѓето свесно го применуваат. Сметам дека воспитувањето деца не постои доколку пред тоа не постоело самовоспитување кај родителите.

Самовоспитувањето се дефинира како процес на свесна и организирана дејност на воспитаникот на развојот на сопствената личност. Овој процес подразбира достигнување одреден степен на зрелост, биолошко-физиолошки, интелектуален, емоционален, како и социјален. Прво се постигнува биолошко-физиолошката зрелост, а потоа емоционалната, која подразбира дека човекот може да ги контролира сопствените емоции и да управува со нив. Најдоцна се постигнува социјалната зрелост, која подразбира снаоѓање во различни ситуации и заземање одреден личен став кон сето она што се случува во човековото опкружување. Колку сме навистина зрели? Колку време посветуваме на развој и изградба на сопствената личност?

Воспитувањето почнува во семејството и јасно е дека најважна улога имаат родителите. Родителот е првиот контакт на детето со светот! Родителите се сè што имаат децата. Можете ли да замислите колку сте важни во очите на детето? Што се случува од детството до адолесценцијата, па децата се такви какви што се? Или, што е тоа што не се случува? Не се случува љубов. Не се случува разбирање. Не се случува искрен разговор. Не се случува поддршка. Децата ни растат без поврзаност со родителите. Без блискост. Без свесна присутност на родителите. Верувате ли дека децата се сами од себе лоши? Дека не слушаат затоа што ви тераат инает? Јас не верувам дека детето се раѓа како насилник или како убиец. Не верувам дека се раѓа несигурно или срамежливо. Не верувам дека се раѓа лошо. Верувам дека такво станува во опкружување на такви родители. Да воспита деца може само воспитан човек. Емоционално, духовно и ментално способно дете може да биде одгледано само од таков родител. Родителот кој не се сака себеси не може да го научи детето да се сака себеси. Родителот кој нема самодоверба не може да го научи детето да биде самоуверено. Родителот кој е несреќен, не може да одгледа среќно дете.

„Од сите луѓе што ги среќаваме, девет десеттини стануваат она што се – добри или злобни, корисни или не – благодарение на воспитувањето. Токму тоа и ја создава огромната разлика помеѓу луѓето“ – Џон Лок.

Ако ги погледнеме постарите генерации, ќе забележиме дека повеќето со себе носат стари уверувања, односно уверувања на своите родители. Воспитувањето се пренесува од колено на колено и тоа не би било лошо ако е правилно, а единствен доказ дека не е се децата што ги имаме денес. Навистина е лесно да се каже дека некое дете е невоспитано. Многу е потешко да се сфати зошто е такво. Ако навлеземе подлабоко во тоа, ќе сфатиме дека не постои невоспитано дете, туку само дете на кое не му е дадена љубов. Такво дете не добива внимание од своите родители, а потоа го бара малтретирајќи други. Тоа не знае поинаку, никој не го научил. На таквите деца најмногу им е потребна љубов. Потребно им е разбирање, а не осудување. Прегратки, а не ќотек. Исто така, ни неговите родители никој не ги научил на тоа. Ни тие не знаат поинаку. Мислат дека прават добро додека не видат дека детето е „лошо“ и потоа најчесто обвинуваат некој друг. Со родителите едноставно управува стравот, а не љубовта. Мислат дека го штитат своето дете со критики, а всушност го саботираат. Кому му служат критиките? Не му служат ниту на возрасен човек, а камоли на мало дете.

„Ние сме резултат на воспитување. Воспитувањето е резултат на свеста“ – Јелена Бркљач.

Постои истражување кое вели дека зборовите влијаат врз растенијата, а замислете како пак влијаат врз човекот или врз детето. Какво дете може да стане ако од малечко слуша: „Не глупирај се, ќе те скршам од ќотек, глупав си, тргни се…“ Таквите родители не успеале да се освестат, односно не се ни обиделе. Не ги освестиле програмите и уверувањата на своите родители. Може слободно да се каже дека таквите луѓе не размислуваат со своја глава, туку со главата на своите родители. И затоа воспитувањето денес е такво какво што е. Поради несвесност. За воспитување е потребна свест. Тоа не се завршува кога детето ќе наполни 18 години, напротив, воспитувањето трае цел живот.

Воспитувањето е доживотен процес, а најсилна метода за воспитување е сопствениот пример.

Изберете да бидете добар пример на своето дете. Изберете го неговото воодушевување, а не страхопочит. Изберете да му дадете љубов наместо да ја скратувате. И на крајот, изберете да бидете онакви какви што би сакале да бидат и вашите деца.

„Невозможно е децата правилно да се воспитуваат ако оние што ги опкружуваат не се добро воспитани“ – Роберт Овен.

Автор: Јелена Бркљач

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top