Една од најважните лекции на кои ме научи родителството е дека влијанието од тоа како ние, родителите, гледаме на своите деца и бебиња е неверојатно силно. Ако веруваме дека се беспомошни, дека бараат многу, дека се кенкави – нивното однесување само ќе се зајакне во тоа уверување. Ако, од друга страна, на своите деца гледаме како на способни, интелигентни мали луѓе, подготвени да учествуваат во животот, да иницираат активности, разбираат и возвраќаат на нашите напори да комуницираме со нив, тогаш тие тоа и ќе станат.

Не е идејата на оваа моја приказна да почнете да ги третирате децата како целосно возрасни луѓе. На бебињата им е потребен бебешки живот, а на децата детски. Но, тие заслужуваат исто ниво на почитување како и возрасните. Еве зошто го зборувам тоа и што ме уверило дека бебињата всушност само го рефлектираат нашиот став за нив.

Кажи ми што се случува

Кога, на пример, би доживеала шлог кој би ме направил толку зависна како што е новороденчето, многу би сакала на некој начин да ме предупредат пред да ме кренат, земат, нахранат, облечат, дадат вакцина. Би сакала да знам за сето она што се случува околу мене, особено ако е директно поврзано за моето тело. Би сакала да ме поддржат самата да направам нешто за што сум способно или што би можела да го научам (на пример, да држам лажица). Можеби на почетокот е малку необично да се разговара и да се предупредува некој што не може да те разбере, ниту да ти одговори. Но, брзо ќе се навикнете. Бебињата ќе го разберат вашиот тон и вашата намера да ги вклучите во сè. А ако им дадете шанса и им покажете дека верувате во нив, ќе почнат да комуницираат многу порано.

Обрни ми внимание

На бебињата им е потребно целосно и неподелено внимание од оние што ги сакаат, баш како и на нас, возрасните. Особено кога сме во физички контакт (како доење). Неколку минути вистинско внимание во повеќе наврати во текот на денот е многу подобро и поефикасно за бебето отколку часови празен физички контакт. Кога некој ќе ме допре, сакам да бидам вклучена во тоа што се случува, охрабрена да обрнам внимание, а не од мене да се бара да гледам на другата страна и да го игнорирам тоа што ми се случува.

Обиди се да ме чуеш наместо да ме „поправиш“

Сакам некој да ги разбере моите чувства, а не да се обидува да ги поправи. Те молам, не обидувај се секое мое плачење да го замолкнеш со цуцла или со она иритирачко „шшш“. Остави ме да се обидам барем да кажам што ми е, пред ти да претпоставиш. Понекогаш само сакам да плачам во твојата прегратка и тебе да не ти пречи тоа. Опушти се. За мене, најголема утеха е тоа што чувствувам дека си тука, дека ме слушаш и се трудиш да разбереш. Остави ме да го креирам моето време и да си играм така како што сакам. Сакам активности со своето семејство и кога нешто ми покажуваат и на тоа ми го насочуваат вниманието. Но, сакам и да одлучам што сакам да правам. Дајте ми тивко, сигурно место, каде што ќе можам безбедно да се движам, да се вртам и да размислувам. Потребно ми е време да сфатам како работат моите раце и зошто постојат работи како кивање кои можам да ги почувствувам, но не можам да ги видам. Она што го правам можеби ви изгледа без врска, но јас сум всушност зафатен/а. А кога ќе видите дека сум во нешто задлабочен/а, не прекинувајте ме за да ми ја промените пелената. Сакам да знам дека сте тука во случај да ми затребате, но немојте, ве молам, да ме навикнувате постојано да ги следам вашите упатства и да го правам она што вие мислите дека треба, кога има толку многу работи што треба да ги искусам сам. Забележете ги работите кои јас сакам да ги правам. Дозволете ми да ви покажам дека сум интересна личност.


Не лажете ме.


Не морате да ми се насмевнувате кога не сте расположени. Бидете искрени кон мене. Бидете она што сте, за и јас да научам да бидам она што сум. Знам дека имаме уште многу работи за учење – и вие за мене и јас за вас. И нема секогаш да биде лесно. А кога ќе почнете да се грижите и да замислувате иднина, јас ќе бидам тука да ве вратам, да ве потсетам на овде и сега. Ви ветувам.

Автор: Џенет Ленсбури

Извор



912

X