Сите сме го слушнале аргументот дека на децата им е подобро ако се пораснати во традиционално семејство со мајка, татко и ако е можно, биолошки брат или сестра. Но, дали ова тврдење е засновано на факти?

Професорката Сузан Голомбок, директор на Центарот за семејни истражувања на „Кембриџ“ и автор, изучува нетрадиционални семејства повеќе од 40 години. Што велат нејзините откритија за она што им е потребно на децата за да напредуваат:

Зошто претпоставуваме дека традиционалното е најдобро?

По Втората светска војна, до 60-тите и 70-тите години, семејствата со двајца родители хетеросексуалци биле нормата според која се формирале семејствата и се сметало дека тоа е најдобро за децата. Пред тоа време родителите ретко се разделувале, вели Сузан, но вообичаено имало голема стигма поврзана со тоа. Па, било претпоставка, а таа претпоставка не била многу тестирана. Кога почнале да се појавуваат нетрадиционалните семејства во 60-тите и 70-тите години, се велело: „Татковците играат важна улога во развојот на родот кај децата, но и во емоционалниот и социјалниот развој“, вели Сузан, „или дека на децата им се потребни двајца родители“.

Што е она што навистина негативно влијае врз децата?

Истражувањата на разводите во тоа време покажале дека децата имале повисок ризик од развивање емоционални и бихевиорални проблеми, а и дека имале послаби резултати на училиште во споредба со врсниците. Но, кога овие истражувања биле подлабоко анализирани, се покажало дека децата немале толку негативни ефекти од тоа што немаат, на пример, машка фигура во семејството, објаснува Сузан. „Не бил проблемот во толкава мера што се работи за еден родител, колку што имало проблеми поради разделбата и разводот… кавгите на родителите, често со години пред да дојде до самиот развод, или недостиг на општествена поддршка за самохраните мајки, или мајки кои излегле од тежок брак, па често страдале од депресија, анксиозност и проблеми со менталното здравје“. Сузан објаснува дека има голема низа фактори, вклучително и финансиските проблеми со кои се соочуваат родителите по разводот, па тој збир на фактори бил попроблематичен за децата отколку отсуството на едниот родител.

Нетрадиционални наспроти нови семејства

„Нетрадиционално семејство е генерално она што го сметаме за семејство по развод, на пример, сама мајка или самохрана мајка од самото раѓање на детето, или семејства каде што има посвоено деца или, пак, има очув и маќеа“. Новите семејства вклучуваат и самохрани мајки по избор или семејства кои се оформиле преку асистирачка репродукција, како вештачко оплодување, донација на јајце-клетки, сурогат-мајка или донор на сперма. Родителите во овие семејства, според Сузан, се бореле многу за да имаат деца, медицински, или со негативните ставови на општеството, оние што продолжиле по таа насока се оние што навистина сакаат да бидат родители. А тие луѓе, кога веќе ќе станат родители, се многу посветени (генерално).

Што им е потребно на децата: односи со добар квалитет

Зборуваме многу за љубовта, а љубовта е важна. Но, љубовта не е сè, вели Сузан. „Она што е најважно за децата е квалитетот на врските во семејството… децата треба да се чувствуваат безбедни и сигурни. Треба да чувствуваат дека нивните родители ги слушаат, дека се чувствителни и имаат разбирање за сето она низ кое може да поминуваат. Треба да чувствуваат и емоционална сигурност – дека родителите се интересираат за нив, дека прават нешта за нив, практични нешта, но и емоционални“. Во основа, на децата им е потребна стабилност, безбедност, внимание и љубов. Ова се работите што ќе дадат резултат – среќно дете.

Автор: Брон Бејтс

Извор



912

X