Мисли глобално, дејствувај локално. Секојдневно се среќаваме со различни нови облици на катастрофи кои многу влијаат врз квалитетот на нашиот живот. И децата како активни учесници и граѓани секојдневно се сведоци и во самото непосредно опкружување и преку различни видови медиуми, пишува меѓудругото Лана Кихас, воспитувач, едукатор во својата колумна за roditelji.hr.

Сè што се случува стигнува до детската психа, чувства и когнитивни интереси. Децата многу често индиректно се предизвикани да зборуваат за актуелните проблеми, да мислат и да се грижат. Со децата за тоа треба да се разговара и да се подготват на актуелните случувања и тоа не само во смисла на моментална заштита, туку е потребно и подалеку да се размислува – воспитување за иднината. На детето треба да гледаме како на активен учесник и граѓанин, па затоа воспитувањето и образованието во раното детство имаат важна улога во воспоставувањето на темелите за активно и одговорно граѓанство.

Секое зло е за некое добро! Дали сме самите криви или заслужни за тоа? Ни доаѓа ли наплата за таа невнимателност, негрижа за природата, околината, себеси, другите? И претходно други различни заразни болести ја убивале секоја трета личност. Со доаѓањето на новото човештво, нашето однесување и влијанијата, доаѓаат и нови вируси, болести и однесувања. Како што се однесуваме едни кон други, како што се однесуваме кон околината, така и околината на некој начин доаѓа да наплати? Неодговорно, себично и неконтролирано однесување. Фрламе отпадоци насекаде, користиме сè повеќе пластика, хемикалии, сè помалку се грижиме за растителниот и животински свет, ги уриваме дрвјата… се оттргнуваме од природата, од она природното, градиме оклоп околу себе.

Доста негативизам, себичност и неодговорност. Се грижите што децата не ве слушаат? Се грижите ли што децата ве гледаат? Во ова масовно лудило, се надевам дека ќе произлезе нешто добро и дека ќе научиме нешто, а тоа ќе им го пренесеме и на нашите деца. Мојата појдовна точка е „она што не те убива, те зајакнува“. Што можеме да научиме од моменталната ситуација и каква врска има тоа со воспитувањето деца?

Луѓето се вирус? Да, луѓето се вирус. Вирусно ги пренесуваме однесувањето, мислите, чувствата. Едни на други. Големо е влијанието на секој поединец. И оној себичниот и оној што не е себичен. Ако поединецот се грижи за себе на здрав и логичен начин, тој има развиено и свест за себе, за другите и за околината. Децата учат од нас, нашите емоции несвесно и вирусно им се пренесуваат. И токму во овие кризни моменти можеме многу да ги научиме: да бидат со здрав разум или сомнителни, себични, дволични или алтруистични, со контролирано или со неконтролирано однесување и емоционални реакции… Сакале ние или не, на некој начин меѓусебно сме поврзани и индиректно влијаеме едни на други, па така и на децата. Емпатија, алтруизам, хуманизам – ова се нештата што децата првенствено ги учат од нас.

Земјата може без човекот, но човекот не може без Земјата. Сè што јадеме, пиеме, дишеме и користиме за живот, добиено е од природата, а и самите влијаеме врз неа. Влијаеме врз природата и таа врз нас. Сепак, поголемо е влијанието на човекот со своето дејствување на Земјата и човекот не може без Земјата, но Земјата може без човекот. Воспитување за одржлив развој. Рационално користење вода, енергија, храна, здравствена хигиена и заштита на здравјето… воспитувањето за одржлив развој се надевам дека нема да функционира само сега во време на карантин, туку тоа да стане стил на животот на сите нас, па и на секое дете.

„Не грижи се ако децата не те слушаат. Грижи се затоа што секогаш те гледаат“ (Роберт Фулгум)

 



912

X