Факт е дека она што на вашето дете му треба често е спротивното од она што вам ви треба. Ова го учите брзо, кога вашата потреба за сон се поклопува со потребата на вашето дете да јаде. А тоа е само еден сегмент од целото. Како што децата растат, така нивните потреби стануваат покомплицирани, но образецот продолжува. Потребна им е приватност и треба да знаете што прават. Имаат потреба да пеат една иста песна од Бијонсе постојано, а вие имате потреба никогаш повеќе да не ја слушнете.

Не се сите потреби еднакви. Во семејната економија, потребите на децата често се сметаат повеќе. Па затоа завршив со ‘рчко. И покрај мојот страв од нив. Моите чувства околу глодачите се нешто помеѓу аверзија и фобија. Стравот ме држи уште од детството, па кога мојата ќерка Роза, која тогаш имаше 8 години, праша дали може да земе ‘рчко, мојот одговор беше смеа. Мојата ќерка ме преколнуваше за милениче – милениче кое може да го гали. Нејзините петиции за куче, мачка и зајаче беа одбиени врз основа на алергиите на нејзините браќа и сестри. Па, барањето за ‘рчко, животно кое не чини многу и не бара многу одржување и не предизвикува алергија, беше неизбежно да се реализира.

„Душо“, ѝ реков на Роза. „Знаеш како се чувствувам за глодачите“. „Но, мамо“, ми рече натажено, „Ми треба милениче“. Видов дека разликата помеѓу „сака“ и „треба“ понекогаш е изгубена кај децата. На пример, сигурна сум дека никому не му е потребно „нинтендо“, иако моите синови не се согласуваат. Но, кога се работи за потребата на мојата ќерка за милениче, сфатив дека е во право. Јас, не сум љубител на животни. Со нивните заби и шепи, а некои и отров, ме прават нервозна. Но, она што ми прави тензија е она што кај ќерка ми е најлесно. Таа зборува на јазикот на животните. Нејзиното тело се релаксира кога е близу животни – дури и оние што влеваат страв. Не сака само да поминува време со животни, туку има потреба од тоа – не за нејзино преживување, се разбира, туку за нејзина благосостојба. На ист начин на кој мене ми требаат книги и пријатели за да се чувствувам како себеси, како да сум жива во светов, така на ќерка ми ѝ требаат животни.


Се согласив за ‘рчкото и така Доли му се приклучи на нашето семејство. Имав морници во првите неколку дена, кога и да направеше некаква врева, мојот нервен систем добиваше удар. Кога Роза ја земаше за да играат, јас ја напуштав собата. Мојата ќерка, од друга страна, беше посреќна од кога било. Цветаше како растение кое било изложено на светлина. Ѝ правеше на Доли овошно смути и ѝ печеше малечки торти од морков. По тежок ден на училиште или кавга со пријателите, мојата ќерка инстинктивно ја креваше Доли од кафезот и се гледаше како тензијата исчезнува додека ја приближуваше кон себе.
Еден ден, месеци откако дојде Доли, дојдовме дома и видовме дека кафезот е празен. Немаше трага од неа. Мојата ќерка почна да плаче. Јас трчав низ станот без јасна насока, премногу испаничена за да реализирам соодветна потрага. Додека мојата ќерка се грижеше за ‘рчкото, јас се грижев за ќерка ми. Доли беше најдобриот пријател што дете може да го има. Доли ги минимизираше осаменоста, тагата, здодевноста. Ги згаснуваше фрустрациите и бесот. Зеде речиси ништо, а даде толку многу. „Ќе ја најдеме“, ѝ ветив на Роза, не верувајќи во тоа. „Ќе ја најдеме“. Ги поместивме книгите, каучите, креветите.

фото извор: Никол С. Кеар

Наместивме садови со путер од кикиритки низ целиот стан. Мојата ќерка плачеше. Постојано ја довикував Доли. И потоа сопругот дојде и ни посочи дека најдобро можеме да ја лоцираме според звук, па да бидеме потивки. По неколку минути тој ја крена Доли од гардероберот во спалната соба, целата во прашина. Како што Роза ја приближи Доли до своите гради, конечно престана да плаче – а почнав јас. „Мамо, зошто плачеш? Ја најдовме“.

„Едноставно ми е многу драго. Многу ми олесна“.


Роза воздивна и рече: „Многу ја сакам и не сакам ништо лошо да ѝ се случи, знаеш?“ „Да, знам како се чувствуваш“, ѝ реков. Да не бев мајка, немаше шанси да се согласам да живеам со глодач. Родителството ве тера да пристапите и во некои чудни места за вас, места кои се непријатни и тешки. Но, тие места се оние каде што работите стануваат интересни. Тоа се местата каде што растеме. Сè уште не сум љубител на животни. Но, го сакам ова животно, кое искрено, сè уште малку ме плаши. Го сакам повеќе отколку што можев да замислам.

А што се однесува до тарантулата која мојата ќерка сега ме моли да ја земеме… па, дури и мајките имаат граници.

Автор: Никол С. Кеар

Извор



912

X