– Засекогаш!
– Засекогаш, мамо?
– Засекогаш!

Да се биде возрасен е сериозна работа. Да се биде зрел возрасен човек е уште посериозно.

Седев на подот и под аголот, мижејќи на едно око, ги прегледав аглите на паркетот и скалите обидувајќи се да откријам дали некаде сум ги промашила остатоците од повраќаниците. Да, детето таа ноќ рафално повраќаше во безброј наврати и што е најлошо, се обиде да побегне од себе, од мене и повраќање на самиот себе, па така вознемирено трчаше низ станот. И низ станот, оставаше зад себе не баш сјајни траги. И ете ме мене со крпа, под аголот. На подот.

Луѓето најдобро согледуваат некои работи седнати на подот. Тука некаде на дното, под ниво на појасот. Од приземноста. Останав така да седам уште некое време. Детето спиеше. Се потпрев со грбот на ѕидот. Беше студен. Што ли прават сега луѓето што се плашат од детски повраќаници? Прво тоа ми падна на ум.

– Како спијат? Мирно, се надевам… Дали би се менувала со нив?

Што ли прават сега луѓето што ги оставиле своите деца бидејќи нешто друго или некој друг им бил пречка? Што ли прават сега луѓето кои ги оставиле своите деца бидејќи не биле доволно добредојдени во нивниот живот? Што ли прават луѓето кои ги оставиле децата што немале среќа да се родат здрави? Што ли прават сега луѓето кои генерално оставаат сè што не е совршено?

Никој не ми одговори. Пепел паѓаше по мојата маица со натпис „Just do it“. Симболично. Повраќаницата секогаш ја чистат мајките. „Just do it, woman!“
И што уште прават мајките?

Па ништо. Бришат повраќаници и остануваат да стојат над она што не е совршено. Седнуваат некогаш на средина од собата, палат цигара и се потпираат со грбот на студениот ѕид. Потоа стануваат, ја тресат пепелта од себе, ја собираат косата и победуваат. Го победуваат тој ден, таа ноќ, тој живот.

Им се насмевнуваат в лице на сите предизвици, ги засукуваат ракавите, па се борат. Не бегаат. Никогаш не бегаат.

– Гладна сум… Мижејќи рече. Уште во пижами, изморена, со големо кадифено куче под пазува.

Го отворив прозорецот и го пуштив сонцето во собата. Од собата излегоа непроспиената ноќ, стравот и остатоците од грижата заради болното дете.

Сега сè е во ред. Таа е гладна, сега сè е добро, си велев.

– Мамо, сонував лош сон – ми рече. Сонував дека си отишла некаде и не можев да те пронајдам.

– Леле, колку чуден сон! – се насмевнав. – Тој сон никогаш нема да се оствари!

– Засекогаш нема да ми се оствари тој сон?

– Засекогаш!

Автор: Мирјана Девиќ-Кнежевиќ

Извор



912

X