Родителите често наоѓаат оправдување за однесувањето на своите деца – или дека се работи за претшколски тантруми, или тинејџерски бунт, но децата кои не можат да ги зауздаат и кои вербално ги злоупотребуваат, всушност, се насилници, го признале тие тоа или не. Можеби, сепак, би требало да признаат.

Психијатарот Шон Гровер од САД ги охрабрува родителите и педагозите да ги нарекуваат таквите деца баш со конкретниот израз – насилници, истакнувајќи дека единствено така фрустрираните родители може да се соочат со вистината и да го променат својот однос кон детето од негативен во позитивен.


Гровер говори од сопствено искуство за злоупотребата што ја доживеал од своето дете: „Кога престанав да се трудам да го поправам моето дете и почнав да ја истражувам својата улога во поттикнувањето на неговото злоупотребувачко однесување, пронајдов одговори. Однесувањето на детето беше последица на мојата несигурност како родител“. Кога зборуваме за насилството, повеќето од нас го поврзуваат со училиштето. Се грижиме за тоа дали нашите деца се злоупотребени во училишната околина. Но, како родителот да го препознае сопственото дете насилник во сопствениот дом? Конфликтот помеѓу децата и родителите не е никаква новост. Децата ги тестираат границите, а родителите се секогаш во позиција на донесување одлуки, често за децата непопуларни и го изговараат она „не“ – кое децата не сакаат да го слушнат.

Ќе ви се закануваат, ќе ве уценуваат додека не го добијат тоа што го сакаат


Кога детето го тестира родителскиот авторитет и кога родителот ќе постави граници, детето се учи на самоконтрола. За детскиот здрав емоционален развој, поставувањето граници е од пресудна важност. Ако тие граници не се јасно поставени, набрзо ќе се најдете на најдобриот пат за да станете жртва на насилство – и тоа во сопствениот дом, од сопственото дете. Тестирањето на границите можеме да го опишеме како малтретирање и вознемирување. Насилството, од друга страна, е агресивно, злонамерно и злобно, па вклучува вербални навреди, физичка агресија и провокативно однесување. Насилниците во училишниот двор по ништо не се разликуваат од насилниците во семејниот дом. И едните и другите ги користат сите средства за да го добијат тоа што го сакаат. Имаат недостиг на емпатија и се заробени во нарцисоизам. Ќе ви се закануваат, ќе ве уценуваат додека не го добијат тоа што го сакаат. Сè додека ги пробиваат границите на однесувањето, односот родител-дете е осуден на пропаст. Повеќето родители се прашуваат кога нивното дете влегува во фаза на бунтовништво и станува „тешко“: Што се случило со моето преслатко, чувствително и послушно дете? Како да се спречи тестирањето на границите и барањето независност да не премине во насилство?

– Почитувањето е најважна работа. Никогаш не дозволувајте му на детето да разговара со вас од висина. Во вашето семејство воспоставете комуникација со меѓусебно почитување и уважување. Научете го детето да го изрази своето незадоволство на конструктивен начин – вели психијатарот Шон Гровер.


Децата не можат да ги изразат своите чувства со зборови, па им треба водење од родителите за да го научат тоа. Кај децата секогаш се очекува благ отпор, тие на тој начин учат да бидат асертивни и го откриваат сопствениот идентитет. Не сакате како родител вашето дете да биде премногу соработливо бидејќи би можело да стане мета на насилници. Насилството е показател на небалансиран внатрешен живот. Кога детето ќе ви се спротивстави, запрашајте се: Што всушност се случува? Дали е изморено, гладно, исплашено? Можеби има проблеми на училиште, со врсниците или со учењето? Обидете се да го лоцирате проблемот и со детето да го дефинирате и да го изговорите наглас.


Во критичните моменти, кога детето тргнува со нападот, не реагирајте. Вклучете пауза! Задржете ја контролата над ситуацијата, не возвраќајте агресивно инаку ќе покажете дека го одобрувате тој вид на комуникација во домот. Кога зборуваме за воспитување деца, запомнете го ова – децата впиваат 10 проценти од она што го зборувате и 90 проценти од она што го правите. Зависи и од тоа со какви родители вие сте растеле, па таков модел на однесување користите со своите деца, обрасците на однесување и комуникација ги пренесувате во вашето семејство. Поставете си го прашањето: Дали моите родители биле насилници? Дали ме запоставуваа и занемаруваа? Дали беа нарцисоидни?


Три вида родители што најчесто се жртви на насилство од страна на децата:


– Родители со изразено чувство на вина
– Што и да тргне на лошо, таквиот родител чувствува вина. За да си го олеснат тоа чувство, на децата им даваат преголема слобода и не им поставуваат граници.

Родител со тегоби – Секогаш е загрижен, а таа загриженост ја изразува преку постојана анксиозност. Децата ја доживуваат таа тегоба преку родителски реченици како што се: „Не ти верувам!“, „Не си лице на кое може да се потпрам!“, а последица е лутина и отпор кои детето ги чувствува кон родителот.

– Родител кој сè ќе „поправи“ – Овој тип родител не може да поднесе да го гледа своето дете фрустрирано и постојано ќе го решава проблемот наместо него. Таквите родители се добронамерни, но резултатот од таквото воспитување може да биде застрашувачки. Детето станува зависно од родителот и во подоцнежниот животен период очекува дека мама и тато да решаваат сè наместо него. Децата имаат вродена потреба за развој на независноста и треба да бидат охрабрувани за тоа.

Родителите што работат на себе ретко стануваат жртва на насилство од страна на своето дете, а родителството бара постојан ментален и физички тренинг.

Извор



912

X