Ова е листата со 10. најчитани авторски содржини во 2019 година

Колумна: Еве како им ја УНИШТУВАТЕ иднината на вашите деца. Несвесно!

Денешните родители им се слуги на своите (разгалени) деца. Ова не е мое „размислување“, туку професионална констатација — за жал, заклучува м-р Гоце Бумбароски, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп во својата колумна, еден од најчитаните текстови во 2019 година на Деца.мк.

Децата растени со ќотек и груби критики не престануваат да ги сакаат родителите. Но, престануваат да се сакаат себеси!

Децата не може да ја направат разликата, и птиците родени во кафез мислат дека летањето е болест. Но родителите можат и вреди да се потрудат детето да се сака и себеси, вели Христина Стефановска, психолог, во објаснувањето зошто родителското насилство е опасно за децата.

Како природно да се симне температурата, кога да се даде лек, што ако се појават грчеви… објаснува д-р Корнелија Ѓорѓиеска

Дали да се даде лек за симнување на температурата, дали да се покрие убаво или да се расоблече, кога да се однесе на лекар… Ова се само дел од родителските дилеми кога детето ќе крене температура. Ги расчистува д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина.

Христина е единствено дете со болеста CANDLE. Мајка ѝ постојано се тресе дали ќе собере донации за пат, за секоја наредна терапија во Америка

Мене најголема желба ми е да биде како сите други девојчиња што ги гледам на улица, како нејзините другарки. Кога ќе ги видам колкави девојки се, шетаат, се забавуваат. Тоа треба да го прави и мојата Христина, срцето ми се кине од болка за моето дете. Сакам да биде здрава, весела, изјави Катерина Митревска, мајка на Христина, која е единствена од Македонија што боледува од ретката животозагрозувачка болест Chronic Atypical Neutrophilic Dermatosis (CANDLE).

Колумна: Исклучете го вашиот ценет „Вибер“ или „Фејсбук“… погледнете го детето в очи и ќе прочитате – мамо/тато ми требаш!

И ве молам, ве молам не облекувајте го како по модно списание само за да го сликате насекаде за да соберете некој лајк и едно браво и преку него да ја проектирате својата неуспешна кариера. Жално, бедно, тажно и студено е кога ќе видиш дотерано, а осамено детенце, порача проф. д-р Мирослав Пендароски во својата колумна.

Цицање палец, кубење коса, претерано трепкање… Како се третираат невротски симптоми кај децата

Неврозите се психогени нарушувања кај децата кои најчесто се јавуваат како реакција на психотрауматски ситуации. Симптомите може да се јават постепено и да бидат такви што родителите тешко ќе ги забележат или, пак, ќе сметаат дека се безначајни (цицање на палецот, гризење на усните или други делови на телото, вртење или кубење на косата, триење на кожата, гризење на ноктите или заноктиците, претерано трепкање и други) и нема да преземат ништо, порачува во својот совет психологот м-р Лидија Зорба.

Сумамедот не е препарат на база на мед, а децата да се лекуваат на лекар, не на интернет, порачува д-р Весна Стојанова-Атанасовска

Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, педијатар, ни издвои 10 правила, потсетувања, кои, како што вели, настанале од искуството со родителите и често ги потсетува на нив.

Иле Михајловски, наставник: Не е тешко да направиш добар ученик колку што е тешко да направиш човек!

Секој ден е ден кога од срце посакувам да го научите најважното додека сте во училиште. А најважното не се крие во учебниците, туку во самите вас. Јас само можам да ветам дека секој ден ќе се трудам да го разбудам токму тоа што тлее во вас. Најважно од сè е да научите како да бидете ГОЛЕМИ! ГОЛЕМИ – во СРЦЕ, ДУША, УМ!, им порача наставникот Иле Михајловски на своите ученици и родителите.

„Кучко една“, „Доста мори“ се зборови што ми ги упатува синот. Многу лошо се однесува, а ќотек не помага…

„Имам 34 години, високо образование, вработена сум и имам 2 деца (8 години и 2,5 години). Живееме заедно со сопругот, сами, само јас сум повеќе ангажирана околу децата. Сакам да прашам за поголемиот син. Последните неколку месеци има некоја чудна промена кај него – почна да не ме слуша ништо, враќа на секој збор, знае и со погрдни зборови да се обрати, на пример, „кучко една“ или „доста мори“ итн. Додека беше мал, секогаш бев толерантна со него, сè правеше со договор, со добро, многу ретко го тепав. Ама сега со ова однесување буквално ме вади од такт“, е дел од прашањето на читател кое го одговори психологот Христина Стефановска.

Мама да седи дома или да трча на работа и да го мисли малото кое е над 8 часа во градинка

Да ја чувам покрај себе својата ќерка или да бидам мајка што јури на работа и заработува, умствено се докажува, придонесува во издржувањето и постојано неуморно го мисли малото кое секојдневно отседнува над 8 часа во градинка. Веќе со години мислава ми ја разјадува душата, пишува во својата колумна Ирина Микеска.

Меѓу најчитаните содржини беше и онаа за битолските татковци чии деца одат во градинката ,,Естреја Овадија Мара“, клон ,,Пролет”, кои изиграа танц со нивните ќеркички на приредба во градинка кој бил, всушност, подарок наменет за нивните сопруги, по повод 8 Март, Денот на жената.



912

X