Во очите на мојата ќерка јас сум силна.
Додека ме гледа како носам 500 кеси од автомобилот, таа ми вели: – Мамо, имаш многу големи мускули! Кога ме гледа како плачам, дознава дека и големите девојки понекогаш плачат.
Кога ќе се соочам со неуспех, таа ја гледа својата мајка како дава сè од себе. Таа гледа напор. Гледа дека сум тука. А кога не сум и се чувствувам виновна што пропуштам нешто заради работата, таа подоцна гордо вели: – Јас пишувам приказна исто како мама!
Таа ја гледа силата во мене дури и кога јас сум најслаба.
Во очите на мојата ќерка јас сум непобедлива.
Според неа, јас можам да направам сè. Можам да преместам планини, да направам магија. Јас сум неизмерна забава и смеа и среќа и авантура.
Таа ја гледа светлината што свети во мене дури и кога се чувствувам како чад.
Во очите на мојата ќерка јас сум нејзиниот херој.
За моето мало девојче, јас можам да го освојам светот. Не постои работа премногу голема или мака со која мама не може да се справи. Мразам пајаци, но ќе ги фатам кога таа се плаши. Таа не слуша кога сама се охрабрувам пред да го фатам. Многу сум срамежлива, но почнувам разговори со други луѓе за да ѝ покажам како функционира создавањето пријателства. Таа не забележува дека моето срце бие како лудо кога го правам тоа.
Таа ме охрабрува да бидам најдобрата верзија од себе. Да ги следам моите соништа. Да го искористам максимумот од животот.
Таа гледа колку сум храбра дури и кога се чувствувам толку несигурно.
Во очите на мојата ќерка јас сум прекрасна.
Таа не ја забележува мојата мрсна коса, едноставно ја сака мојата фризура. Таа не се грижи каков вид панталони носам, секогаш мисли дека се убави. Таа не се грижи ако не ставам коректор на моите подочници. Комплиментите доаѓаат без оглед дали имам или немам шминка.
Таа не се грижи за стриите или килограмите плус. Таа не знае што е целулит или кој број на облека носам. Таа ми вели: „Ги сакам твоите очи и уши, и носот, и устата, и косата и лицето“. Таа ми вели работи како: „Мамо, ти си прекрасна“ или „Го сакам твојот фустан“ и со сето тоа ми го топи срцето.
Таа ја гледа мојата убавина дури и кога се чувствувам скршено.
Во очите на мојата ќерка јас сум возрасната верзија од неа.
За неа, мојот живот е сè што таа сака да има, да биде. Таа сака да биде мајка како мене еден ден. Сака да се омажи. Сака да пишува приказни. Сака да биде висока и да носи обетки како моите. Честопати го става мојот градник над нејзината блуза и ги облекува моите високи потпетици и ми вели: „Види, јас сум мама! Нели изгледам убаво?“
Таа го гледа мојот живот како нешто што и таа го сака. Дури и кога чувствувам дека би можела работите да ги правам подобро.
Во очите на мојата ќерка јас сум совршена.
Таа не се грижи дека сум ја кажала погрешната работа. Таа не си го повторува тоа повторно и повторно во нејзината глава. Не забележува дека не успеав да одам во фитнес-сала – таа е среќна што одлучив да останам дома со неа. Не знае кога сум ја запоставила работата или кога ме изнервирал некој – си го продолжува денот велејќи ми да играме, покажувајќи ми ги нејзините цртежи…
Таа ја гледа радоста во мене, дури и кога јас морам да ја побарам радоста во мене.
Ме гледа поинаку од кој било друг – од мојот сопруг, моите родители, моите пријатели. Таа ме гледа поинаку од општеството – единственото нешто што очекува од мене е љубов.
Таа ја гледа вистинската јас.
И време е да почнам да се гледам низ очите на мојата ќерка.