Мамо, дали се посреќни децата или возрасните?

Велат дека сум имала среќно, фантастично детство. Живеевме во странство, а работата на татко ми ми овозможи да научам јазици и да запознам многу убави места. Велат, родителите можеле многу да ти дадат, треба да им бидеш благодарна за сè што знаеш и умееш. Да не беа тие, којзнае каде би била сега и што би правела.

Моите родители се запознале во Белград, мајка ми од мал град во источна Србија дошла во главен град на студии. Брзо се откажала и се вработила во државна служба. Добила гарсониера, тогаш можело така. Запознала згодно момче кое од село дошло во град, а потоа среќна ѕвезда го испратила во странство, исто така во државна служба. Во бракот ме добиле мене, а 5 години подоцна уште едно женско дете.

„Сите среќни семејства личат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ – Толстој.

Долго верував дека сме среќно семејство. Имавме доволно пари, го видовме светот. Само ни недостигаше здравје. Мојата сестра боледуваше од вродена болест, цистична фиброза. Почина на 17, а јас тогаш имав 22 години. Можеби таа нејзина болест, а подоцна и смрт, од нас направи несреќно семејство. А можеби моите родители едноставно не умееја да бидат среќни, да шират радост.

Откако паметам, татко ми беше тврдоглав човек. Имал сиромашно детство и неписмени родители од кои заминал веднаш штом му се укажала можност. Имал големи амбиции и желби, но недоволно социјална интелигенција. Дали таков се родил или не умееле да го научат да биде подобар, попаметен, не би знаела.

Мојата мајка беше и остана кокета со тежок карактер. Беше убава жена и долго изгледаше помлада отколку што беше. Сакаше да се дотерува, малку шминка, фризура, бисери околу вратот. И ден-денес, на 87 години, има комплекс поради големите стапала и упорно се обидува да носи штикли за да изгледа повисока. И ден-денес живее во убедување дека за квалитетен живот е неопходен маж како потпора за сè.

Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин. Во моето семејство не се разговараше многу, но се знаеше за ред. Мојата мајка за сè имаше правило, а на шега го нарекувам „закон“. Кој леб треба да се купи, кога се јаде, како се извршуваат работите во домот. Сè што би направила во врска со тој нејзин „закон“ беше предмет на навредување. Купував премногу компири, или погрешна зелка, или некој друг леб – ете драма.

Такви какви што беа, моите родители никогаш со мене не разговараа за важни работи, за животни работи. За љубов, пријателство, какви луѓе постојат, од кои да се чувам, а кои да ги држам до себе. Кај нас не се зборуваше за среќа и несреќа. Всушност, кај нас генерално не се зборуваше многу. Само се живееше – убаво, така сите ми велат.

За животот, моралот, среќата, подемите и падовите, учев од книги или филмови. Моите родители никогаш вистински не се занимаваа со мене. Немаше потреба, бев здрава, добар ученик, послушна ќерка. Од нивното гледиште, родителството веројатно тука завршува. Бунтовник станав повозрасна, сега кога имам свое дете на кое треба да му толкувам како да разликува добар од лош човек, како да не се дава себеси, или во кој правец да ја побара вистинската среќа. Во возрасните денови научив што е во ред, а што не треба да се прави. Дури неодамна научив да велам „не“ и сфатив дека тоа едно „не“ може да те спаси од големо разочарување и непријатност.

Јас бев послушно дете, не бркав момчиња, не пушев, не се враќав доцна дома. На моите родители им бев добра ќерка. Сега кога на мене дојде ред да бидам родител, да разговарам со ќерката за љубовта, пријателството и животните вистини, јас не сум сигурна како се прави тоа. Бидејќи во времето на моето детство такви теми дома не се покриваа.

Пред некој ден ќерка ми ме праша дали се посреќни децата или возрасните. Ѝ реков „ќе ти објаснам подоцна“. Ја совладав вештината на одложување на разговорите што не ми се пријатни, прашањата на кои го немам вистинскиот одговор.

Кога малку ќе размислам, јас сум жив пример дека одговорот на ова прашање е вистинска дилема. Бидејќи имав сè, ми велеа дека сум среќна поради сето она што родителите ми го овозможија. Но, не би се осмелила да тврдам дека сум била среќно дете.

Автор: Супермајка

Извор



912

X