ПРАШАЊЕ: Мојот син има 2 години и 3 месеци. Уште од неполна година го откри својот полов орган и мислев дека е тоа моментално и ќе помине, како што беше со првиот син. На неполна година на контрола на педијатар барав совет и ми беше кажано да му го одвлекувам вниманието во тој момент. Ама тој момент уште трае, и тоа во текот на целиот ден. На почеток му го тргавме ќебето или која било мека играчка бидејќи практикуваше бебешка мастурбација, која не е престаната до денес. Каде и да се обратев за совет, ми беше кажувано дека ќе помине, дека е фаза, дека ќе прекине на 2,5 години, ама си продолжува и ме плаши дека никогаш нема да прекине.
Нема посебна причина за тоа, и кога е среќен го прави тоа, а верувам и кога му е досадно, може во секој момент и на секоја локација. Сум помислувала да го однесам на психолог, ама сѐ уште е мал, почнува да зборува, ама нема да одговори на прашања.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и верувам дека ова многу ве окупира и не ви дава мир. Но, за да ги разбереме однесувањата на нашите деца, треба прво да видиме што се случува во фазите на развој и што тоа значи за детето. Околу првата година на детето, тоа е во фаза на сензорно-моторно истражување, гледа, слуша, допира, мириса, вкусува, фаќа, врти, трга, става в уста, тапка, гушка итн. Тоа открива дека телото е дел од него, почнува да го препознава како свое и истражува што е тоа што му дава пријатно чувство. Тоа учи преку директно искуство, кое делче е кое, како звучи, како се чувствува и како може да се допре: „Кога ќе ја допрам играчката… Кога ќе го ставам ова в уста итн.“ Кога ќе го допре своето тело и ќе почувствува топла, мека, смирувачка сензација, природно ќе го повтори тоа. Така што оваа активност или „детската мастурбација“ е форма на самосмирување и самопознавање, што нема врска со сексуалноста.
На вашето дете ова му дава пријатно чувство исто како кога цица или се нишка, го смирува кога е уморно, пред спиење, кога е вознемирено и кога не знае што да прави. Од друга страна, му дава и сигурност, тоа е нешто што детето го контролира без да зависи од некој друг, а воедно го истражува своето тело, исто како што ги истражува рацете, ушите, нозете… И иако сега поминало толку многу време, детето се фиксира и го прави она што му дава пријатност, нешто што го ослободува од напнатост, вознемиреност… исто и кога е среќно, тоа е импулс од телото кој исто бара да се изрази.
Од голема важност е како вие реагирате на сето ова. Би било добро да не се создава голема реакција и да се однесувате кон ова исто како што се однесувате за кое било поставување граница, мирно, кратко и без драматизација. А што значи тоа, границите се полни со љубов, но сепак им се потребни на децата. Од друга страна, децата на оваа возраст го повторуваат она што добива внимание, дури и кога реакцијата е негативна. Што повеќе му напоменувате, што повеќе се вознемирувате, што повеќе го именувате и осудувате или детето ја чита вашата реакција, толку повеќе детето го поврзува ова однесување со вниманието и ќе го повторува често.
Можете да кажете: „Ова се прави само дома, насамо.“„Разбирам, но тоа се прави само кога сме сами.“ „Ајде сега да играме/да шетаме.“ Потоа пренасочете давајќи му играчка, вода, да црта, да правите нешто заедно. И бидете секогаш доследни во смисла да му се праќа на детето иста порака секојпат. Исто така, не етикетирајте го како „не си послушен“ или „ова е валкано“, бидејќи детето на оваа возраст не ги разбира таквите пораки на здрав начин.
Исто така, обрнете внимание кога се случува однесувањето. Ако се случува кога детето е уморно, вознемирено или без доволно стимулација, тоа често зборува за потреба од смирување. Во овој случај, помагаат повеќе рутина, повеќе физичка активност, доволно сон и предвидлив дневен ритам. Да се знае кога спие, јаде, станува, шета итн.
И не паничете, туку обидете се мирно да набљудувате. Ваквите однесувања најчесто постепено се намалуваат низ самиот развој, особено кога детето расте во атмосфера со смирени граници, емоционална сигурност и доследен пристап.
Најважно е детето да не почувствува срам околу своето тело или дека прави нешто „лошо“, туку полека да учи кога, каде и како се поставуваат граници. Со текот на времето, како што ќе се развива говорот, саморегулацијата и интересот кон светот околу него, најчесто и потребата за ваков начин на смирување постепено ќе се намалува.
И верувајте му малку и на развојот. Некои работи не се решаваат со притисок, туку со време, сигурност и присутен родител кој останува смирен додека детето расте низ своите фази.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете разговор и советување на: sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova