Воспитување

Што да сторам за да ме слушаат децата на мојот сопруг?

Живеењето во мешани семејства може да донесе и многу предизвици, вклучително чувства кои децата може да не знаат како да ги изразат. За среќа, има начини како заедно да се пристапи кон справувањето со предизвиците.

Ситуација: Мојот сопруг и јас стапивме во брак пред 2 години и неговите две деца сега живеат со нас. Имаат 8 и 10 години. Ретко ме слушаат, а некогаш целосно ме игнорираат. Се обидувам да не ги надминам моите граници, но чувствувам дека ова е болен период. Има ли начин да ги поттикнам да ме почитуваат?

Одговор од Емили Едилин, психолог: Драга маќеа,

Прво, сакам да ги валидизирам твоите чувства – дека игнорирањето те повредува, дури и кога децата тоа го прават несвесно без да знаат како тоа влијае врз возрасниот. Во светот на родителите толку можеме да се фокусираме на сочувството кон нашите деца и во разбирањето на нивните однесувања, што ги занемаруваме нашите сопствени емоционални одговори, кои се важни. Се разбира, како возрасни сме подобри во справувањето со нашите емоции, но тоа не ги прави помалку реални. Животот во мешано семејство носи многу предизвици и можности за децата, навистина е премногу. Но, со текот на времето и посветеноста, можно е секој да се промени и да расте.

Улогата на таткото

Во семејството се развиле одредени шаблони и треба да се променат. Најкритичната состојка за продолжување напред? Вашиот сопруг. Како нивен постојан родител од раѓање, тој ги поставува и очекувањата за децата. Не го споменувате, па не знам дали тоа го прави или не, но тој треба да го поддржи вашиот авторитет како маќеа. Тоа значи дека вие и тој треба да ги имате вистинските правила и очекувања, а ако тоа го нема, дури и ненамерно, игнорирањето од страна на децата ќе се зајакнува. Се надевам дека веќе имало дијалог меѓу вас за справување со проблемот, но знам како терапевт дека овие разговори не се случуваат природно. Можно е игнорирањето да произлегува од нивните тешкотии да ја прифатат реалноста дека нивните родители веќе не се заедно. Тоа не е рационално размислување, но можеби се чувствуваат на тој начин што ако не сте тука (ве игнорираат), ќе живее нивната фантазија дека нивните родители некогаш ќе се смират.

Таткото треба да има директен разговор со нив за начинот на кој ве третираат. Не дисциплински разговор, туку разговор фокусиран на емоционална поддршка и истражување на моменталното однесување. Може да потенцира дека гледа оти тие ве игнорираат и да ги праша што мислат по тоа прашање. Важно е да ги охрабри да се изразат и да ги валидизира нивните емоции. Потоа, може да го адресира однесувањето кое треба да се промени и да им помогне да најдат други начини за справување со различните емоции.

Улогата на мајката

Друго што забележав во вашето прашање: сега живеат со вас. Изгледа дека тоа било промена и дава сознание дека имало некој степен на губиток на нивната мајка. Од искуство тврдам дека за децата најважно е тоа што нивната родена мајка сега не се грижи за нив. Тоа е навистина емоционално. А вие претставувате мајчинска фигура која едноставно не е нивната мајка и не може никогаш да биде заменета. Важно е да имате на ум дека децата можеби слушаат лоши пораки од нивната мајка за вас, а нема начин тоа да не им влијае. Дури иако ова не се случило, веројатно тие мислат дека ако ве сакаат и почитуваат, ја изневеруваат нивната мајка. Комплицирано е.

Професионална поддршка

Ако сопругот ве поддржува, како авторитетна фигура дома, и нуди емоционална поддршка за децата, а проблемот повторно не се реши, препорачувам семејна терапија и терапија за децата. На тој начин децата ќе имаат место каде што ќе изразат што чувствуваат и тоа ќе им помогне да најдат поздрави начини за комуницирање и согласување. Тоа значи и поставување граници за однесувањето и поставување јасни очекувања за тоа како семејните членови се однесуваат едни кон други. Се надевам дека и вие имате свои извори на поддршка и можете да ги изразите болката и маката. Ако тоа го направите и со терапевт, тогаш ќе имате поголема можност да изградите сочувство кон децата и подобро да ги градите меѓусебните односи.

Заклучок

На возраст од 8 и 10 децата се во фаза кога се многу ранливи на надворешните влијанија и сè уште развиваат делови од мозокот кои процесираат силни емоции. Доживеале големи семејни промени кои им предизвикале лутина, тага и загуба. Не е праведно и кон вас, но со правилните ресурси и поддршка, можете да им покажете како изгледаат љубовта, почитта и довербата. Иако тоа не е замена за нивната мајка, сепак не го минимизира фактот дека и посветената маќеа може да се грижи. Иако е потребно повеќе време за децата да го сфатат тоа.

Автор: Емили Едлин

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top