Свесни сме дека малите деца можат да се расправаат и да се караат и за најмали ситници. Меѓутоа, една мајка на две деца – кавгаџии ни објаснува дали е неопходно секогаш да се вмешате и да ја прекинете расправијата меѓу нив…

Кога со сопругот имаме доволно среќа да најдеме некој што е подготвен да го преземе нашиот циркус на неколку часа, можеме да побегнеме на пиво, па дури и на вечера. Тогаш морам на бебиситерката да ѝ напоменам неколку ситници.

Како прво, мојот помал син има сериозен страв од пропуштање бенефит (ФОМО синдром). Како второ, може да ѝ каже дека дозволувам да јадат колачи за вечера (што не е вистина). И на крај, моите деца се тепаат, и тоа многу, секојдневно.

„Нема потреба секогаш да интервенираш. Ако падне крв, сами ќе те повикаат“ – ѝ објаснувам на кутрата бебиситерка…
Сепак, тоа е реалноста на мојата екипа. Се тепаат, и тоа многу. Но најдобриот дел е што секогаш се помируваат на крај – некогаш под наше влијание, а некогаш успеваат во тоа сосема сами. А понекогаш се случува и да најдам писмо со извинување во некоја од собите што го напишал другиот, бидејќи му треба другар за играње. Тогаш и самата се топам, иако сум свесна дека по еден час повторно ќе чујам: „Ти си крив, ќе те кажам на мама!“
Нема да ве лажам, тоа е навистина исцрпувачки и поразително, па некогаш не интервенирам…
А некогаш – интервенирам. Доколку кавгите се случуваат константно и ќе сфатам дека навистина им треба да се одморат еден од друг, јас се уфрлувам во приказната. Ако не можам веќе да слушам плачење и лелекање, ги праќам во своите соби да се смират. Или, се разбира, ако дошле до тој стадиум навистина да се повредат меѓусебно, застанувам меѓу нив, бидејќи не ми се оди по лекари…
Сепак, најчесто единствениот проблем е кој да биде главниот лик во играта, кој прв да ја земе играчката или кој ја изел последната крофна…
Во овие ситуации обично се обидувам да останам настрана бидејќи треба самите да научат да ги решаваат своите проблеми.
А читав дека и експертите се согласуваат со тоа.

„Кога е можно, не мешајте се. Ако секогаш интервенирате, ризикувате да создадете други проблеми. Децата ќе почнат да ја очекуваат вашата помош и ќе чекаат да ги спасите наместо да научат сами да ги решаваат сопствените проблеми. Освен тоа, секогаш постои ризик некое од нив да помисли дека повеќе го штитите другото. Она дете што е спасено, во тој момент може да создаде чувство дека родителите секогаш ќе го спасуваат“, велат психолозите.

Тоа не значи и дека секогаш треба да ги игнорирате нивните кавги. Ние мораме да ги воспитуваме своите деца и да ги научиме на вештини за комуницирање и решавање конфликти. И ако некогаш дојде до претерани навреди и физичко насилство, мораме да се вмешаме. Сепак, и тука постојат начини на кои голем дел од одговорноста можеме да им го префрлиме ним.
На пример, една опција е да ги разделиме додека не се смират, а потоа да им дозволиме да зборуваат за своите емоции. Се разбира, без осудување. Никогаш не разговараме кој почнал прв, ниту кој бил виновен, бидејќи секој треба да преземе одговорност за своето однесување.

Психолозите даваат и друг предлог за децата на вистински начин да се изборат со толку силните емоции. На пример, поставете општи правила, дека нема поткажување, навредливи зборови, трескање врати, бидејќи за такви однесувања ќе следуваат последици. Ако сакаат да ги избегнат, самите ќе се оддалечат од кавгата или брзо ќе ја решат пред да дојде на посериозно ниво…

Прочитав и убави вести! Ако вашите деца, како моите, повремено (или постојано) се расправаат, експертите велат дека тоа е добро за нив.
„Семејните конфликти генерално се типичен и нормален дел од семејниот живот. Во суштина, тие можат да бидат добар тренинг и подготовка за животот. Тоа значи дека преку преговори и расправии со браќата и сестрите нашите деца учат важни вештини за односите со луѓето околу себе“.

Гледате ли? Кога вашите деца ќе почнат да се расправаат кој го зел „ајпадот“ или кој ќе седи на предното седиште, токму тогаш учат некои корисни вештини. Е, сега ми е полесно

Никој нема да ви каже дека е лесно да се биде родител на деца што често се караат, а факт е дека поради тоа, ќе мора да ја платите повеќе вашата бебиситерка. Претпоставувам дека тенденцијата на моите деца да се караат, а потоа да се смируваат (па повторно да се караат и да се смируваат) само значи дека се подготвуваат за својата иднина.
И кога еден од нив успешно ќе го заврши конфликтот на работа по некои 20 години, ќе се сврти кон братот или сестрата и ќе рече: „Фала ти што ме удри по стомак тогаш кога го изедов последниот сникерс. Навистина ме научи да преговарам и да соработувам со колегите, дури и кога некој од нив е безобразен“.
А вие ќе може да седнете, да си ги кренете нозете на масата и гордо да се насмеете знаејќи дека поради тие модринки и навреди во текот на годините, вашето дете сега е способно за живот.



912

X