Детето што го тепа својот родител не е среќно со тоа однесување и повеќето деца по таквиот излив на емоции и однесувања ќе бараат простување и утеха од родителот. Во превод, децата сакаат помош бидејќи не знаат како да се справат со таквите емоции.

Кога децата испитуваат колку удари може да поднесе мама, тоа може да биде фрустрирачки и за родителот и за детето. Што се случува во главата на детето кое комуницира со удари и зошто всушност го прави тоа, објаснува психологот Матеа Блажевиќ од програмата „Свесно родителство“, од Хрватска.

Што се крие зад тоа кога детето ги тепа своите родители?

Се крие преплавеност со емоции. Логиката вели дека ако детето има потреба да удри некого, веројатно е налутено. Но, не треба да биде така. Многу деца тагата и чувството на повреденост ги покажуваат низ агресија или автоагресија со гризење и удирање околу себе. Кога детето ги удира родителите, тоа е преплавено со чувство кое не научило да го изразува на поинаков начин, а тоа предизвикува фрустрација.

Битно е да се разбере дека чувствата се моќна сила која низ растењето треба да научиме да ја изразуваме на позитивен начин, а не да ја потиснуваме. За детето да го научи тоа, реакцијата на околината е од клучна важност. Возрасните, за да знаат како треба да реагираат, треба да знаат како да се справат со сопствената агресија и чувствата што ја предизвикуваат. Тоа значи дека справувањето со детската агресија, без оглед дали е насочена кон самото дете или кон некој друг, во родителот предизвикува емотивна заднина. Повеќето од нас се воспитувани дека не е во ред да се удира по друго живо битие, па уште на рана возраст ни се поставува граница дека тоа не смееме да го правиме. Меѓутоа, многу е важно како ни се поставува таа граница.

Повеќето деца ќе научат дека не смеат да удираат бидејќи како последица возрасните ќе им викаат или ќе добијат силна осуда. Парадоксално, ние возрасните ја запираме детската незрела агресија со сопствената агресија. Во такви ситуации децата не се учат како да се справат со емоциите што довеле до агресија, туку се учат да се плашат од последиците и од своите чувства кои доведуваат до таков расплет на ситуацијата. Важно е да се напомене дека треба да се знае како да се запрат агресивните однесувања. Детето што го удира својот родител не е среќно со таквото однесување и повеќето деца по таквиот излив на емоции ќе бараат простување и утеха од родителот. Во превод, децата бараат помош да се справат со таквите емоции. Кога ќе ги запреме на соодветен начин, детето искуствено се учи на сигурност и учи дека постојат здрави авторитети во кои може да има доверба бидејќи тие веќе го поминале она што детето допрва треба да го научи.

Како да се реагира на тоа?

Психолозите често велат дека не постојат рецепти/шаблони по кои може да се движиме бидејќи секое дете, па и семејство, се поинакви. Исто така, се разликуваат и ситуациите и неможно е за секоја од нив да се изготви „посебен рецепт“. Но, можно е да се обидеме да ја разбереме секоја од тие ситуации во кои се јавува агресивно однесување. Да се запре, но и да се оди чекор понатаму – да се разбере што е тоа во детето или во ситуацијата што доведува до таква реакција. Во превод, важно е да му се помогне на детето да научи како да се носи со чувствата што се наоѓаат зад агресивната реакција. За да се постигне тоа, детето треба да научи да ги препознае и да ги именува чувствата. Да му се даде право да се чувствува како што се чувствува.

Речениците како „немој да се лутиш“; „грд/а си кога се лутиш“ или „немој да бидеш лош/а“ нема да помогнат. Детето ќе научи како да ги покажува своите чувства, но на прикриен начин. Повеќето психолози се согласуваат околу ова, но она што останува тешко е навистина да се разбере и да се сочувствува, а истовремено да се запре таквото однесување, за детето да ја сфати таа граница со почитување и зачувана доверба во својот родител.
Речениците како „гледам дека си лут/а, но не можеш да ме удираш и јас ќе те запрам ако се обидеш да го направиш тоа“ е лесно да се научат, но за навистина да функционираат, треба родителот да ги изговара со јасна намера, а не со агресија, и со сочувство за сѐ што се наоѓа во заднината на детската агресија. За да можеме да го постигнеме тоа, важно е да ги разбереме и своите чувства поврзани со агресијата (како јас како возрасно лице реагирам кога сум агресивен/а, што кај мене предизвикува таква агресија и како реагирам на агресијата – се повлекувам или одам во напад).

Дали родителите се затечени со таквите удари? За што размислуваат кога ќе се случат?

Повеќето родители што го споменуваат овој проблем имаат чувство дека нешто не е во ред со нив како родители. Повеќето се соочуваат со чувството на беспомошност, вина, а понекогаш и страв. Помош бараат кога ќе забележат дека нивната реакција не помага да се реши проблемот или кога ќе забележат дека реагираат агресивно на детската агресија, со што повеќето родители тешко се носат бидејќи го сакаат своето дете и сакаат да му го овозможат најдоброто од себе.

Што да се прави кога детето се тепа во градинка или добива удари?

Темата агресија секогаш со себе ја повлекува темата поставување граници. Ако детето удира, не научило да се изразува себеси на поинаков начин и му треба помош од возрасните. На тоа дете му треба помош за да го запре агресивното однесување на возрасен и зрел начин без агресија, но ќе му треба помош и да научи да се изразува  на поинаков начин. На детето што добива удари му треба заштита од возрасните, но веројатно треба да научи и како да поставува граници. За да го научат тоа, и на двете деца им треба помош од возрасни кои знаат јасно да постават граници, им треба авторитет кој го сакаат и на кој му веруваат дека ќе ги научи на сите вештини што ќе ги користат низ животот бидејќи на оваа возраст децата најмногу учат преку имитирање.

Кога по никоја цена не треба веќе да се толерира удирањето, штипењето и гризењето на детето?

Да се препознаат и именуваат емоциите и начинот на кој треба да се изразуваат во согласност со нашиот темперамент (она што психолозите го нарекуваат „да се биде свој“) е нешто што го учиме од првите денови. На почетокот тоа го учиме гледајќи во мајката, а подоцна низ искуството на туѓите реакции на нашите однесувања. Не гледам ниту една причина зошто некој би трпел агресија, дури и да доаѓа од сопственото дете. Ако како возрасни ја трпиме детската агресија, ги учиме дека ќе има и други луѓе во нивниот живот со кои ќе биде во ред да постапуваат на начин како што ние сме ги научиле. Ако родителот забележи дека не знае да се справи со агресијата на детето, треба да побара помош.

Автор: Ивона Шатрак



912

X