Кога имаше 3 години, Алекс го започнуваше секое утро во дневниот престој прашувајќи ја наставничката како е и што правела претходниот ден. „Тој навистина се интересираше за нејзиниот живот“, се сеќава неговата мајка Ерин Греј. Помалку му се интересни врсниците, со кои Алекс се бори да се поврзе. Тој повеќе стапува во интеракција со своите наставници или поминува време сам. Но, оваа преференција за дружење со персоналот не ја загрижила Греј, која вели дека Алекс е вербално напреден за својата возраст. „Само се смеевме и велевме: Тоа е нашето дете.“

Џорџија Милер од Канада, едукатор кој е специјалист за детско ментално здравје, вели дека не е невообичаено за децата да преферираат друштво од возрасни отколку од други деца. Некои деца, како Алекс, се понапредни когнитивно од своите врсници, па сметаат дека возрасните се постимулирачки. Другите можеби имаат анксиозност или недостиг на самодоверба во социјални ситуации и играат со возрасен со кој се чувствуваат безбедни.

„Децата ја насочуваат играта, нема споделување и самите деца ги имаат контролата и моќта“, вели Милер. Додека не е ова некое црвено знаме кое треба да се крене ако детето не е „социјална пеперутка“, сепак, важно е да се охрабри да игра со своите врсници бидејќи на тој начин децата учат како да се себерегулираат, да стапуваат во интеракција со другите и да носат одлуки, вели Лиса Сувард, родителски тренер и тренер за деца специјализиран за социјализација, од Торонто. „Играта е начинот на кој децата учат како да го менаџираат својот свет“. Повеќето невротипични деца се подготвени да го научат ова на возраст од околу 3 години. Ако вашето дете од претшколска возраст не гравитира природно кон своите врсници, вие како родители можете да помогнете, еве како:

Потенцирање на приказни и играње улоги

Милер сугерира читање книги чии теми вклучуваат пријателство и позитивна игра. „Детето нека погодува кој лик што ќе направи и како тоа би постапило во одредена ситуација“, вели таа. Возрасните, исто така, може да го имитираат „реалниот живот“ и да моделираат соодветни однесувања. На пример, родителите може да ги подготват децата за аргументи врз основа на тоа која играчка кој ќе ја добие, преку „глумење“ на тоа сценарио и моделирање на решавање проблем.

Излегување на отворено

Колку што е можно, давајте му на детето можности за интеракција со врсниците, на пример, преку дружби во парк или на игралишта, вели Сувард. Можеби ќе треба да го подготвите малку детето, на пример, ако забележите дека деца играат, вие можете да кажете: „Мислам дека децата се во тврдината. Можеби треба да ја соблечеш јакната и да видиш дали им е потребна помош.“ Откако детето ќе се приклучи, повлечете се – но, подоцна, пофалете го за остварената интеракција со другите.

Разговор со наставникот

За да му помогнете на детето да стапи во интеракција на училиште, зборувајте со наставникот за да видите како тој постапува за да ги охрабри социјалните размени во училницата. Дајте му до знаење дека тоа е ваша грижа и прашајте што можете да правите дома за да помогнете во поддржувањето на способноста на детето за стапување во интеракција во училницата.

Следете ги насоките од вашето дете

Учењето за интеракција со врсниците е круцијален дел од претшколскиот развој, но исто така е важно да се почитуваат границите на детето. Сувард забележува дека ако обидот за игра со врсник не оди добро, тогаш направете пауза и обидете се повторно подоцна.

Бидете истрајни, но и трпеливи

Со правилната насока и поддршка, повеќето деца од претшколска возраст со текот на времето ќе почнат да играат со своите врсници како што ќе почнуваат да се чувствуваат побезбедни и ќе креираат позитивни интеракции со другите деца – вели Милер.

Кога има нешто повеќе

Постојаната желба за друштво од возрасни може некогаш да е знак за сензорно или анксиозно нарушување, особено кога е придружено од екстремна лутина, нервен слом или други диспропорционални реакции на социјални ситуации. Предизвиците со социјални вештини, исто така, може да бидат едни од многуте карактеристики од спектарот на аутизам, иако во тој случај се појавуваат и други симптоми, како недостиг на контакт очи в очи и повторувачки однесувања. Друг знак дека однесувањето може да биде нешто што бара повеќе поддршка и помош е кога изгледа дека кај детето недостига емпатија.

Автор: Линдзи Кнетеман

Извор



912

X