Повеќето деца поминуваат низ фазата кога се обидуваат да им „вратат“ на родителите, манифестирајќи дрскост. И возрасните понекогаш дозволуваат моменти на гнев или слабост да им ја надвладеат самоконтролата, па знаат да експлодираат едни на други.

На родителите главно им се советува да го игнорираат повременото превртување на очите или детското негодување, но мора да заземат став кога детето ќе покаже недостиг на почит. Но, како да се одреди каде е границата? И, кога ќе успеете да ја одредите, што треба да направите ако детето ја премине? Дали истите правила треба да важат за тригодишно дете и за тинејџер?

Лично не сметам дека какво било игнорирање на провокативно однесување на детето е добра идеја. Кога децата ќе почнат да им „враќаат“ на родителите, тие се обидуваат да им пратат некаква порака. А кога не се „слушаат“ таквите пораки, работите можат да излезат од контрола.
Но, тоа не значи дека вие како родител веднаш треба да експлодирате и на тој начин на детето да му ставите до знаење каде му е местото. Тоа само ќе ги влоши работите и однесувањето што се обидувате да го спречите веројатно ќе се повтори.

Ваша цел е, претпоставувам, мирно да воспоставите некои стандарди на однесување и меѓусебно почитување во домот. Тоа ќе го направите така што со својот пример ќе покажете почит и со конструктивна комуникација ќе се обидете да го решите проблемот, поставувајќи истовремено некои јасни очекувања во поглед на начинот на комуникација во вашето семејство.

Еве ја и стратегијата за тоа, во три чекори:

1.Строго водете сметка за својот речник и покажете како се укажува почит додека разговарате со вашите деца. Дури и тогаш кога сметате дека можеби не го заслужиле тоа. Ако се фатите себеси како викате или омаловажувате, гризнете се за јазикот. Не плашете се да поставите граници, но тоа направете го дури кога ќе можете да зборувате смирено и да му укажете почит на детето.

2. Ништо не сфаќајте лично. Потсетете се дека вашето дете сѐ уште учи како да се самоконтролира и моментално има проблем поради кој губи трпение. Покажете дека ги признавате неговите чувства и дека го разбирате проблемот, па дури ако истовремено мора да го предупредите да внимава на тонот на својот глас. Децата двапати ќе размислат за своите зборови и за тоа дали со нив ќе ги повредат своите родители ако знаат дека родителите ги почитуваат и ги поддржуваат. Во суштина, најдобар начин да ја зајакнете комуникацијата со своите деца е да ја користите секоја можност за позитивно поврзување. Секој ден обезбедете барем 15 минути кои ќе ги поминете насамо со своето дете, давајќи му го притоа своето целосно, неподелено внимание.

3. Кога детето ќе ви изрази непочитување, смирено соочете се со неговите зборови и поставете јасни очекувања за неговото однесување и начинот на кој ви се обраќа.

„Кога така зборуваш, звучи како навистина да сакаш да ме повредиш. Мора да си многу вознемирен кога така зборуваш со мене. Ти знаеш дека јас не разговарам со тебе со таков тон. Можеш да ми кажеш што те мачи, а притоа да не викаш и да не ме напаѓаш. Што се случува?“
Или, ако веќе знаете во што е проблемот: „Гледам дека сега си ми лут. Гледам и дека навистина сакаш да ти дозволам да… Сакам за сѐ убаво да разговараме, но не можам додека ме напаѓаш. Ќе разговараме кога и двајцата ќе бидеме смирени“.

Во сите овие ситуации ние го учиме детето не само како да ги почитува родителите, туку и како треба да се однесува во комуникација со другите луѓе.
* Ако на нивната дрскост реагираме со дрскост, ние го храниме таквото однесување бидејќи и самите сме модел за таков начин на комуникација.
* Ако го игнорираме нивното непочитување, нивното однесување ќе ескалира бидејќи тоа всушност е нивниот начин да допрат до нас.
* Ако препознаеме и признаеме дека нешто ги мачи, им нудиме помош и бараме да нѐ третираат со почит како и ние што ги третираме нив – децата учат да комуницираат почитувајќи го соговорникот, дури и тогаш кога емоциите се закануваат да го надвладеат разумот.

Тоа не е никакво изненадување, дека децата од родителите учат како да се однесуваат. Се разбира дека некогаш ќе се обидат и со некое однесување или ставови кои ги виделе на училиште или во филмовите. Но, ако поставите јасна граница и став за тоа како треба да се третираат луѓето околу себе, и ако самите се држите до нив, упорно и доследно, детето на крај ќе го прифати и ќе го усвои таквиот став.

Автор: д-р Лаура Маркам



912

X