Не е невообичаено децата да крадат. Ако вашето малечко земе нешто што не му припаѓа, не кревајте паника дека тоа е почеток на живот исполнет со криминал. Помогнете им на децата да разберат зошто е лошо тоа што го направиле и направете промени во нивното однесување, а потоа продолжете понатаму. Постојаното споменување на она што се случило или етикетирањето на вашето дете како крадец нема да биде добро за никого. Прочитајте како подобро да реагирате во такви ситуации.

Зошто децата крадат?

За многу малите деца, оние на возраст под четири години, крадењето е повеќе активност која подразбира недостиг на разбирање. Размислете: Пробувањето грозје во маркет за да се уверите во квалитетот е во ред, јадењето банана не е. Земањето парче уметничко дело од градинка е нешто што се охрабрува да се направи, но да се донесат маркери дома е погрешно.

Додека линијата помеѓу прифатливото и криминалот можеби ви е прилично јасна, за малите деца не е баш лесно разбирлива. Постарите деца крадат од различни причини, но, сепак, тоа не значи дека се криминалци. На возраст од пет до осум години децата се во таканаречена „фаза на тестирање“, како што вели д-р Барбара Хауард, асистент-професор за педијатрија од училиштето за медицина „Џон Хопкинс“ во САД.

– Децата се обидуваат да дознаат што ќе се случи ако ги фатат, а еден од најголемите проблеми е ако не ги фатите. Се обидуваат да дознаат кои се правилата и ако никој не ги фати и не им каже дека тоа што го прават е погрешно и мора да го вратат или да платат за тоа, тогаш тие не добиваат чувство дека се доволно надгледувани – вели Барбара.

Враќање и извинување

Без разлика на возраста, кога детето краде, важно е родителите сериозно да ја сфатат ситуацијата и да реагираат. Како што објаснува д-р Хаурад, кога децата крадат без да се соочат со последици или промена во однесувањето, не само што ќе мислат дека крадењето е во ред туку и нивното сопствено чувство за безбедност ќе бледнее.

– Мислам дека е од помош кога ги поврзувате работите на тој начин што ги терате да размислуваат како би се чувствувале кога тоа би им се случило ним – вели Али Леви, мајка на 11-годишно и 8-годишно девојче.

– Децата не развиваат емпатија веднаш, но на рана возраст можат да разберат како би се чувствувале за нешто. Кога ќе прашам како би се чувствувала кога твојата сестра ќе ти го земе колачето, почнува да разбира на што мислам – вели друга мајка.

За да му помогнете на детето да го сфати значењето на своите постапки, важно е да му покажете како да ги исправи работите.

– Секогаш ги тераме нашите деца да се вратат назад во продавницата, да го вратат тоа што го зеле и да се извинат. Сакаме нашите деца да бидат свесни за своите постапки, а тоа значи да признаат кога ќе направат нешто погрешно и да го исправат – вели Марта Јанг, мајка на три деца.

Продолжувате понатаму

Кога вашето дете ќе направи промени во своето однесување и ќе го врати украдениот предмет, и вие и детето треба да продолжите понатаму. Како и секогаш, важно е да се справите со однесувањето, но не да го третирате како индикатор за некој дел од карактерот на вашето дете. „Не нарекувајте го вашето дете крадец“, вели Мишел Борба, психолог за едукација и автор на „Големата книга за родителски решенија“. „Кажете му на детето – Зеде нешто што не ти припаѓа и сега мора да го вратиме назад“.

Иако „Направи нешто погрешно“ и „Ти грешиш“ се слични, сепак, разликата во влијанието што го имаат овие реченици врз детето е голема. Слично на ова, по крадењето не употребувајте ја техниката на заплашување. Во таа фаза, ако го однесете детето на тура низ полициска станица или малолетнички центар за да му покажете каде ќе заврши, обично тоа ќе му направи повеќе штета отколку корист.

Кога да побарате помош

Колку и да е нормално крадењето како појава кај децата, сепак, има ситуации кога е важно да се побара професионална помош. Постојана рамка на крадење, чување украдени предмети и земање работи само затоа што им значат на другите (не затоа што детето всушност ги посакува) се знаци дека можеби се случува нешто подлабоко. Детето што не покажува никакво каење за своите постапки или доживува други предизвици, на пример, развод на родителите или насилство на училиште, исто така треба да се консултира со професионалец.

Автор: Пола Каштан



912

X