„Лут сум. Не знам зошто. Понекогаш се будам лут, понекогаш сум добро расположен. И мене не ми се допаѓа сето тоа. Би сакал да не бидам толку нервозен и лут, но сум и ништо не можам да направам околу тоа“.

„Секој ден се чувствувам како да сум во затвор, заробен во тело кое се менува, а животот ми се состои од работи кои морам да ги направам, а не од работи што сакам да ги направам. Тестови, контролни задачи, одговарање. Цел ден го поминувам со тинејџери кои исто така се чувствуваат изгубени“.

„Понекогаш се случува некој да ме повреди на училиште. Наставник или некој од учениците. За тоа не ви зборувам бидејќи ми е малку срам да признам дека се чувствувам повредено. Не сакам да знаете колку често така се чувствувам“.

„Сето она што се случува во мојот живот се сведува на работи кои всушност не ги сакам. Не сакам да станувам рано. Не сакам да легнувам рано. Не сакам да одам на училиште. Не сакам да пишувам еден куп домашни задачи. Не сакам… Не можам да се сетам на ниту една работа што сакам да ја правам. Освен да спијам. Единствено кога спијам не сум под стрес, не чувствувам притисок и не сум загрижен“.

„Понекогаш се кријам во соба и гледам филмови или бесмислени видеа. Тоа го правам за да побегнам од сопствените мисли кои ме заробуваат. Бегам од самиот себе. Звучи лудо, зар не?“

„И да, знам дека собата ми е во хаос. Но, мене баш така ми се допаѓа. Изгледа онака како што се чувствувам. И ве молам, не  прашувајте ме што не е во ред со мене бидејќи не знам да одговорам на тоа. Не знам од каде се појавија сите овие чувства“.

„Знам дека ми се лутите. И не можам да ве обвинувам. Престанав да разговарам со вас. Понекогаш кажувам грозни работи. Викам, навредувам, ве обвинувам за работи за кои не сте виновни. Понекогаш кршам предмети бидејќи се чувствувам скршено“.

„Но, не беше секогаш така. Кога ќе погледнам некои свои стари фотографии, гледам насмеано и среќно дете. Дете кое обожавало да пее и да игра, да се шегува и да не го интересира што мислат другите или што велат. Тоа дете веќе го нема“.

„Ќе ви кажам сега нешто што не се изговара лесно. Ве молам да ме сфатите сериозно. НЕ ОТКАЖУВАЈТЕ СЕ ОД МЕНЕ. Не мразете ме. Потребно ми е да бидете посилни од мене. Да ми бидете родители, особено кога ќе кажам дека не сте ми потребни“.

Кога би умеел да ви кажам како да ми помогнете, би ви го рекол ова:

1. Дајте ми простор

Не шпионирајте ме, не влегувајте во мојата соба без тропање, не барајте одговори. Ги немам. Кога ми викате, се чувствувам уште полошо. Потребно ми е да бидам сам, потребен ми е простор.

2. Не викајте ми

Понекогаш вревата во мојата глава е толку голема, што не можам да ги слушнам сопствените мисли. Кога згора на тоа и вие ми викате, се чувствувам уште полошо. Како да сум најголемото разочарување во вашите животи.

3. Одземете ми ги уредите

Не можам да престанам да зјапам во телефонот. Се обидувам, ама не можам. Знам дека тоа ми одзема многу време, но не можам да се борам. Потребна ми е вашата помош. Потребно ми е да поставите граници. Ве молам. Сигурно ќе имаме кавга и ќе ви противречам, но не откажувајте се. Не обидувајте се да ме вразумите, едноставно не дозволувајте ми по цел ден да го држам телефонот или да гледам во компјутерот.

4. Одведете ме на некое мирно место

Велам дека нема никаде да одам со вас. Но, ако ме однесете на некое тивко, мирно место, каде што можеме да шетаме и мирно да разговараме, без расправии, некаде каде што ќе може да го слушам ветрот, птиците, дрвјата, слободно да дишам и да заборавам на сето она што ме мачи, тоа би ми се допаднало. Дури и би можеле да молчиме, тоа би ми значело.

5. Не дозволувајте да бидам разгален

Престанете да ми давате сѐ што ќе посакам. Колку повеќе ми давате, толку повеќе ме туркате подалеку од себе. Потребно ми е да ги заслужам работите. Тоа ми помага да изградам самодоверба. Морам да научам да штедам пари и да ги делам со оние што имаат помалку. А тоа никогаш нема да го научам ако ми ги исполнувате сите каприци. Го мразам тоа што зависам од вас, ве молам, помогнете ми да станам независен.



912

X