Воспитување

Што ако со децата сè е во ред, а со нас возрасните не е?

Колку пати се случило детето да ви го крене притисокот со своето однесување и поради тоа вашата реакција е онаква каква што не би требало да биде? Кога децата се помали, тоа се случува почесто, а како што растат, тоа е поретко. Што мислите, зошто е така? Зошто се поразумни, попаметни, позрели или, пак, ние сме ги дресирале да бидат баш онакви какви што сакаме да бидат?

Децата учат живеејќи, многу се искрени во своето однесување и најчесто ги копираат и учат од возрасните, како што и треба да биде. Понекогаш имаат некоја своја идеја која сакаат да ја реализираат, но ние возрасните тоа го сфаќаме како остварување на некој каприц, па настојуваме да ги увериме дека тоа не е така и дека не е добро и дека е подобро на начинот на кој ние ги правиме нештата.

Животните околности ни покажуваат дека помалите деца имаат некои способности што возрасните ги немаат. Децата повеќе се слушаат себеси и дејствуваат онака како што се чувствуваат. Затоа и се случува детето да се фрли на под пред сите и баш му е гајле за тоа што ќе кажат другите. Поважно е како се чувствува во моментот, а се чувствува фрустрирано, бидејќи нешто не добило. Или, пак, е тажно и затоа плаче гласно, за на сите да им даде до знаење дека неговата тага е голема.

Децата немаат его и не замеруваат, па поради тоа и полесно простуваат. Затоа и се случува да се искараат и веќе по неколку минути да простат и да продолжат како ништо да не се случило. Не се злопамтила и не се оптоваруваат со тоа. Со леснотија ги препознаваат емоциите на другите и полни се со милост и разбирање. Децата, како детектор, многу брзо ќе препознаат кога некој е тажен или загрижен и ќе му пријдат да го утешат и да му помогнат на свој начин.

Често на индивидуалните советувања имам ситуации кога родителот се жали дека баш такво емпатично дете „му досадува“ со „мамо, мамо“ тогаш кога на мајката ѝ е најтешко и има проблеми. Што мислите, зошто? Да ви го загорчи животот или затоа што препознава дека имате проблеми и тогаш сака да ви даде внимание и љубов на свој начин? Ако го замените зборот „мама“ со „те сакам“, во тој момент ќе сфатите дека детето сака да ви каже дека сè ќе биде во ред бидејќи тоа е тука за вас и ве сака.

Само што родителите во такви ситуации од јачината на своите бурни емоции не ја препознаваат љубовта на детето, кое со мало чудо сака да ја ублажи ситуацијата. Тоа не разбира што се случува, но емоционално чувствува дека со вас нешто не е во ред. Најлошото што родителот во тој момент може да го направи е да каже, или поточно да лаже дека сè е во ред или дека сè ќе биде во ред. Така детето го учиме на двоен живот, што со време и ќе ни успее. Како што расте детето, од родителите учи дека едно е како се чувствуваш внатре, а друго како се однесуваш надворешно.

Сетете се на почетокот од текстот – кога детето се чувствува лошо, тоа вреска и плаче или се фрла на под, сè додека не го увериме и научиме дека не смее така да се однесува и дека емоциите треба да ги сокрие, па никој да не знае како се чувствува. И така се создава двојниот живот на секој човек.

Наместо да работиме на автентичноста и искреноста, ние возрасните ги учиме децата дека како и да се чувствуваат, треба да се однесуваат на општествено прифатлив начин. Само емпатите или луѓето што ги читаат емоциите или децата на помала возраст се збунети од ова бидејќи не им е јасно зошто живееме лажлив живот – глумиме едно, а всушност чувствуваме друго.

И така детето кое е родено да биде автентично и веродостојно, да го покажува и надвор она што го чувствува внатре, ние возрасните со време го „расипуваме“ и го уверуваме дека е подобро и поприфатливо да биде лажливо и да има двоен живот. Што кога би ги научиле децата да бидат веродостојни и автентични, онакви какви што се и однатре да бидат и однадвор? Како ви е вам во друштво на луѓе што не се автентични? И самите понекогаш чувствувате дека тоа не е тоа и во сопственото однесување, зарем не?

Но, од мали нозе сме научиле да бидеме погрешни и како што старееме, се уверуваме дека тоа не е во ред, па полека се враќаме на старите правила, но навиката е грозна работа и тешко е да ја менуваме, па целиот тој процес ни оди тешко и бавно, но незадоволството е присутно.

Затоа, кога ќе добиете дете, дозволете му што подолго да остане свое и автентично, да биде она што е. Не учете го како да ги крие емоциите, туку вие да учите од детето, за искрено да ги покажувате своите емоции. Подобро на детето искрено кажете му како се чувствувате и што ве мачи отколку да лажете дека „сè е во ред“.

Ако имате страв од тоа што ќе мислат возрасните, со своето дете не морате да се плашите, бидејќи тоа чувствува и знае како ви е. Не морате да се плашите дека ќе ве искористи бидејќи нема. Вежбајте да бидете свои со детето и луѓето што ги сакате и двојниот живот оставете го само за ретките, на кои не им верувате.

Наместо да се лажеме и себеси и другите дека е така како што не е, бидејќи секогаш постојат оние околу нас што одлично ги читаат емоциите и ќе ја препознаат нашата глума. На крајот на краиштата, ние самите сме незадоволни со себе кога глумиме.

Автор: Анита Вадас, советник за успешно родителство во Хрватска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top