Дали пред вашето дете разговарате опуштено за сите теми? Или можеби верувате дека тоа е само дете, па до него темите за возрасни не допираат? Ако е така, тогаш грешите. Децата многу повеќе слушаат и разбираат отколку што мислиме. Затоа постојат некои работи за кои не треба да зборувате пред нив. Затоа што едноставно не мора да го знаат тоа.

Децата не мора да знаат што мислите за нивните наставници

Не треба да се преправате дека премногу ги сакате наставниците на вашите деца, ниту да тврдите дека се совршени, уште помалку ако тоа не е вистина. Ако морате да заземете став поради фактот дека вашето дете се жали од својот наставник, доволно е да ги нагласите неговите позитивни квалитети, без обид да застанете на нечија страна. И, секако, воздржете се од негативно коментирање на неговите квалитети и карактер.

Децата не ги интересира колку чини нешто

Не е потребно децата да бидат оптоварени со податоци за кредити или за тоа колку чини семејниот одмор. Споделувањето вишок информации што се однесуваат на финансиската положба на семејството може да ги загрижи децата поради вашите финансиски проблеми, а последно што им треба е грижата за парите, особено затоа што тие не можат да ги поправат работите. Од друга страна, децата не треба да споделуваат информации за семејниот буџет со другарчињата или познајниците. Држете ја вашата финансиска ситуација во вашиот дом и подалеку од ушите на децата. Ако мислите дека со тоа ќе ги научите да не го бараат најскапиот ранец или патики, треба да знаете дека сте на погрешен пат.

Децата не треба да ги слушнат родителите како зборуваат лоши работи еден за друг (дури и ако е вистина)

Колку и да е совршено едно семејство, постојат случаи кога сите покажуваат некој недостаток. На крајот на краиштата, никој не е совршен. Но, ако сте разочарани од животниот сопатник, во тоа разочарување не треба да ги вовлекувате децата. Би било фер да му кажете на вашето дете дека не постојат совршени луѓе, така што ни односите не се совршени. Тоа треба да го направите без да се обидувате да го споделите вашиот негативен став кон партнерот пред детето. Ако кажете нешто лошо за партнерот/партнерката пред вашето дете, само ќе предизвикате неоправдано колебање на неговите емоции, збунетост и разочарување.

Нема потреба да му кажете на вашето дете колку килограми треба да ослабете

Речиси и да нема мајка што не е на диета или не оди на јога, фитнес, пилатес за да се ослободи од тие неколку килограми вишок што ја делат од нејзината идеална тежина. Но, децата воопшто не ги интересира и нема потреба да ги оптоварувате со тоа. Ако не за нешто друго, барем за да избегнете да им ги всадите сопствените комплекси, несигурност и недостиг на самодоверба во пубертетот, ако помислат дека имаат и еден грам повеќе. Ова е особено важно за ќерките.

Доволно е да се придржуваат кон здравите навики – правилна исхрана, спорт и одмор за да се создадат добри навики и позитивен став кон здравиот живот.

Децата не треба да знаат што мислите за родителите на нивните пријатели

Можеби мислите дека разговорот со вашите деца останува зад ѕидовите на вашиот дом, но треба да бидете свесни дека дури и кога сте сигурни дека вашите деца не слушнале ништо, можеби слушнале доволно и се свесни за што зборувате. Затоа озборувањето на вашите познајници, пријатели и родителите на нивните другари е крајно неприфатливо. Ако децата се сведоци на таквото озборување, порано или подоцна ќе почнат да разговараат со луѓе од своето друштво на ист начин како што слушнале дека тоа го правите вие. Да не зборуваме за тоа дека на своите пријатели ќе им кажат што мислите за нивните родители.

За децата е многу важно да научат да се однесуваат кон луѓето во нивното опкружување со почит, дури и тогаш кога некој не им се допаѓа.

Децата не ги интересираат вашите грешки и изговори

Децата треба да растат знаејќи дека и родителите се обични луѓе кои прават грешки, и тие чувствуваат тага и не успеваат во она што го замислиле. И тоа е нормално. Но, не можете со тоа постојано да ги оптоварувате децата.

Во некои случаи за децата може да биде корисно да бидат свесни за грешките на родителот, но постојаното оптоварување со информации е преголем товар дури и за најотпорните деца. Дозволете им да уживаат во своето детство, а притоа да не мора постојано да ги трпат вашите изговори поради кои нешто сте направиле или не сте направиле. „Извини“ е магичен збор, но ако пречесто го користите во комуникација со детето, тоа може да му нанесе повеќе штета отколку корист.



912

X