2020 година ќе се памети како еден од најлудите и најмрачните моменти во модерната историја, но некои работи сепак ја подобруваат годината. Така, на пример, експерти заедно го формираа Советодавниот комитет за упатства за исхрана и го создадоа првиот извештај за здрави навики во исхраната кај доенчињата и бебињата на возраст до две години.

Конечно сега постои основен извештај, поткрепен со наука, за тоа како навистина треба да изгледа здравата исхрана за бебињата. Нивното мото е: „Секој залак е важен“. Сега постои извештај поддржан од науката кој го докажува она што многумина од нас одамна го знаеле – дека додадените шеќери не се добри за децата. Извештајот наречен „УСДА“ (USDA) од 2020 година кажува дека здравите навики во исхраната почнуваат од многу рана возраст и тие можат да помогнат во градењето на темелите на здрава иднина.

– Извештајот го продолжува традиционалното нагласување и ги потврдува доказите дека е важна соодветната исхрана во најраните фази од животот. Изложеноста на исхраната во текот на првите 1.000 дена од животот не само што придонесува за долгорочно здравје туку помага и во обликувањето на преференциите на вкусот и изборот на храна – пишува во извештајот.

Зошто е ова толку важно? Бидејќи овој извештај ќе помогне во обликувањето на она што мнозинството луѓе ќе го јадат во текот на следните пет години. Програмите насочени кон влијанието на овие упатства вклучуваат програми за помош на храна, маркетинг во прехранбената индустрија и совети за исхрана дадени на јавноста.

Овие упатства може, исто така, да се рефлектираат во ручеците во училиштата и другите јавно финансирани програми за храна.

Што заклучува извештајот? Еве пет клучни работи што родителите треба да ги знаат:

Да не се дава додаден шеќер. Точка.

– Избегнувајте храна и пијалaци со додадени шеќери во текот на првите две години од животот. Енергијата во ваквите производи веројатно ќе ја измести енергијата од храна богата со хранливи материи, зголемувајќи го ризикот од несоодветност на хранливите материи – вели педијатарот д-р Стивен Абрамс, претседател на Комитетот за исхрана на Американската академија за педијатрија.

Сокот е огромен проблем

Дури и ако овошниот сок е означен како 100 отсто овошен сок, во него сепак има додаден шеќер и може да предизвика проблеми кај децата под две години. Наместо да им давате калории без хранливи материи, обидете се со свежо овошје. Да, свежото овошје има шеќери, но исто така има и растителни влакна и други витамини и хранливи материи кои не можат да се добијат од сокот. Ограничете го сокот на не повеќе од 120 милилитри на ден, а подобро – обидете се да го избегнете целосно.

Читајте ги етикетите на намирниците

Читањето на етикетата на одредени намирници може да биде вртоглаво, но важно е затоа што ќе откриете многу начини на кои додадените шеќери можат да се сокријат во списокот со состојки. Барајте состојки како кафеав шеќер, засладувач на пченка, сируп од пченка, декстроза, фруктоза, глукоза, сируп од пченка со висока содржина на фруктоза, мед, лактоза, сируп од слад, малтоза, меласа, суров шеќер и сахароза.

Најдобро е бебето да е на мајчино млеко

Извештајот цврсто тврди дека доењето е најздравиот избор за бебињата и дека може да помогне да се намали ризикот за развивање широк спектар на потенцијално сериозни здравствени состојби, вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 1 и астма кај бебињата. Сепак, треба да се напомене дека не сите мајки можат да дојат и дека кога мајката ќе избере да му дава на бебето адаптирано млеко, може да го стори тоа на здрав начин, што не значи да му се постави на своето дете пат кон сериозни здравствени ризици.

Недостигот на витамини не е шега

Витамините играат огромна улога во невролошкиот развој, како и во здравиот имунолошки одговор. Комитетот внимателно ги разгледал витаминот Д, железото и цинкот и открил дека повеќето деца на возраст под две години едноставно не добиваат доволно. Ова е особено точно за бебињата кои мајките ги дојат и имаат недостиг на овие клучни хранливи материи. Бебињата што се хранат со адаптирано млеко се чини дека добиваат соодветни количини на витамин Д, но за оние бебиња што се на мајчино млеко се препорачува надополнување од 400 интернационални единици на ден.

Извор



912

X