Повторно се дружев со прекрасната Исидора Мун, половина самовила – половина вампир, и со нејзиниот верен придружник – Розовото Зајаче (кое првично беше кукла, но мајката на Исидора со помош на магија го оживеа и сега ѝ е најдобро другарче на нејзината ќерка).

Ако се прашувавте во какво училиште се запиша милата Исидора, а не успеавте да ја прочитате првата книга, ќе ви кажам дека таа е веќе ученичка во обично училиште, ако може така да се каже. И искрено, воопшто не се издвојува од соучениците-деца затоа што никој не ја гледа како да е различна од нив. Напротив, нивната дружба е безгранична и весела.

Како што веќе знаеме, Исидора многу сака балет. Со нејзиното Розово Зајаче честопати прават приредби пред нејзините родители и, за волја на вистината, толку се уиграни што личат на професионални балетани. Исидора дури има омилена балерина на која се огледува и ѝ се восхитува – Татјана Туту. Во нејзината детска соба има залепено огромен постер од Татјана, а плус собира и нејзини фотографии во специјален тефтер, кои ги украсува со омилените светки. Исидора копнее да ја гледа Татјана во живо во некоја нејзина претстава.

А која желба, толку посакувана и копнеена, останала неостварена?! Утредента на училиште Исидора ја дочекува незамислива среќа – учителката им соопштува дека ќе ги носат на балетската претстава „Алиса во земјата на чудата“ во која Татјана Тату настапува во улогата на Белиот Зајак. [Сега малку ќе скршнам од нашата тема и ќе ви речам: ако не сте ја прочитале оваа книга, мислам дека многу пропуштате. Не би требало да се лишувате од убави и поучни книги како споменатава. За тоа колку е вредна, зборува неисцрпната инспирација на различни типови уметници да ја претстават преку нивната специфична уметност – на пример – балетската претстава на која ќе присуствува Исидора Мун].

Ете ги сите, дотерани и нетрпеливи да го проследат балетското шоу, кога одеднаш Исидора забележува дека го нема Розовото Зајаче. А претставата само што не почнала. Зар мораше овој долгоочекуван ден да има филмски заплет?! Исидора тргнува во потрага по нејзиното зајаче и… во еден долг ходник со врати, слуша нечиј плач… Што ли ќе биде ова?! [Откако ќе ја прочитате и „Алиса во земјата на чудата“, ќе откриете неколку сличности во оваа сцена со потрагата по Розовото Зајаче. ;)]

Верувајте, многу сакам да ви дораскажам што се случува до крајот на оваа случка, ама ќе си го гризнам јазикот и ќе премолчам. Важно е дека Исидора Мун не нè остава без поука од секое нејзино доживување. Овој пат ќе научиме дека е многу важно да бидеме љубезни и со добра волја за помош на тие што се во неволја. Таквото однесување секогаш се наградува со голема среќа. А, кој не би сакал да биде среќен?!



912

X