Во Македонија секое четврто дете е сиромашно, а едно на 300 деца од сиромашни семејства оди во градинка. Само две од три деца од сиромашни семејства одат во средно училиште, изјави денеска министерката за труд и социјала Мила Царовска, на конференцијата посветена на детската сиромаштија, во организација на УНИЦЕФ.
Таа најави дека оваа слика ќе се промени со социјалната реформа и поконкретно реформата на детската заштита во земјата.
– Досега не повеќе од 3.500 деца примаа детски и образовен додаток. Тоа е речиси ништо. Но, сега повеќе од 60.000 деца ќе ги примаат овие два додатока и тоа е голем исчекор напред во борбата против детската сиромаштија – рече Царовска.
Предвидени се детски и образовни додатоци за поголема група во Македонија со цел директно да се влијае врз намалувањето на сиромаштијата.
Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, изјави дека ја поддржуваат Владата во три клучни области.
– Првата област е суштинска реформа на системот за социјална заштита и да допре до сите лица што имаат потреба од тоа и ќе им помогне самите да се извлечат од сиромаштијата. Втората област е насочена кон подигање за 50 отсто на оние деца што не одат во градинки и да почнат да одат, со фокус на децата што живеат во сиромашни услови. Третата сфера е соработка со здравствениот сектор и секторот за социјална заштита во давање поддршка на родителите за изградба на родителски стратегии со кои ќе ги охрабруваат и ќе им помагаат на своите деца да се развиваат и побрзо да излезат од сиромаштијата – рече Перкс.