Пред неколку недели, напишав една порака на таблата во собата за играње на моите деца. Реченицата гласеше: „Бидете присутни заедно“. Малку знаев.

Пред коронавирусот, имавме неверојатно зафатена фаза од животот. Две кариери, четири деца. Претшколска возраст, основно образование, оставања, земања, терапија, посети на лекар, работни патувања, одмори и менување на детската облека. Беше гласно и заморно. Беше многу. Секој ден. И колку и да се обидував да забавам, зафатеноста и брзината на животот секогаш ме повлекуваше назад. Секогаш се обидував да бидам во тек со она што се бараше од мене – и што го барав од себе.

Можеби вашиот период од животот бил слично бурен и составен од низа активности. Можеби, како мене, и вие сте го изгубиле патот. И сега, во овој застрашувачки момент, кога многумина од нас се осудени на изолација во времетраење од еден месец и повеќе, а други се грижат за болни или едноставно ги прехрануваат своите семејства, брутално е будењето за препознавање на фактот колку е всушност ранлив и кршлив животот. Во овој момент гледаме од една друга перспектива. Не можам да не мислам дека коронавирусот ќе нè научи многу работи – ако дозволиме. Нередот од облеката и домот целокупно, или стресот од работата не се важни.

Не е важно дали се обидуваме да ги изгубиме вишокот килограми или дали сме се пријавиле за вистинскиот камп. Не е важно дали поминуваме премногу време пред екраните или дали земаме доволно музички лекции. Не е ни стигнувањето навреме или испраќањето електронска пошта предоцна.

Она што е важно сега е да сме безбедни и присутни, заедно.

Она што е важно сега е вртењето на прстињата на моето бебе околу моите, додека се обидува да заспие. Она што е важно сега е насмевката на моите деца додека се бркаат во домот. Она што е важно сега е радоста кога мојот син ме победува во некоја игра. Она што е важно се приказните пред спиење кои вообичаено бев премногу изморена за да им ги читам повторно и повторно. И повторно. Она што е важно сега е сведочење на чудата кои се воедно мои бебиња, како спијат. Она што е важно е сонцето кое сјае на нашите лица додека седиме во градината, дури и кога еден вирус го опколува целиот свет. Она што е важно сега е благодарноста што имаме доволно храна, засега, да нè нахрани. Она што е сега важно е барањето одговор од лидерите на сите нивоа, да го направат најдоброто за нашата земја. Она што е важно сега е желбата да се осигуриме дека секое дете и семејство го имаат истиот мир. Она што сега е важно е надежта дека моите родители, бабите и дедовците на моите деца ќе живеат долго колку што судбината може да дозволи, за тие да создадат што повеќе спомени заедно.

Она што е важно е ценењето на секој прв одговор – од полицијата, пожарникарите, лекарите, медицинските сестри и херои на сите деца – кои, секој ден од својот живот, запознаваат луѓе што ги живеат своите најлоши денови. Она што е важно е благодарноста дека живееме во свет каде што работат луѓе кои доставуваат производи. Она што е важно сега е нова цел да не го поставуваме сопствениот брак како последен на листата со приоритети. Она што е важно сега е понизноста на знаењето дека ги немаме сите одговори, а никој од нас не ги знае часот и местото и дека сите го имаме само овој момент.

Она што е сега важно е посветеноста за оваа трагедија да стане почеток на нешто убаво и вистинско и ново во нашите животи – како луѓе, како семејства, како земји и како свет.

Она што е важно сега е да сфатиме дека сè што можеме да направиме е да бидеме присутни во овој ранлив момент, заедно.

Па така и ќе бидам.

Автор: Елизабет Тенети



912

X