Секој родител сака неговите деца да се чувствуваат добро во сопствената кожа – и тоа со добра причина. Студиите покажале дека самоуверените деца се помалку анксиозни, имаат подобри резултати на училиште, отпорни се повеќе од другите, а и остваруваат поздрави меѓучовечки односи.

Психотерапевтот и авторка на популарната книга „13 работи што ментално силните родители не ги прават“, Ејми Морин, укажала на седум најголеми грешки што  ги прават родителите, а со кои ја рушат самодовербата кај децата:

1. Им дозволуваат на децата да бегаат од одговорност

Иако можеби мислите дека обврските ќе ги оптоварат вашите деца и ќе им го зголемат нивото на стрес, завршувањето на домашните обврски всушност ќе им помогне да станат поодговорни. Завршувањето на обврските приспособени на нивната возраст ќе им помогне да го развијат чувството на способност и постигнување. Без разлика дали ќе му кажете на детето да ви помогне околу облеката или да го фрли ѓубрето, одредени обврски се можност децата да се видат себеси како способни и компетентни лица.

2. Не им дозволуваат да прават грешки

Тешко е да гледате како вашето дете во нешто не успева, да биде одвоено или нешто да згреши. Кога се случува такво нешто, многу родители брзаат да го спасат детето уште пред да падне. Но, штитејќи ги од неуспех всушност им ја скратувате можноста да се борат и да возвратат. Без разлика дали вашето дете ги заборавило патиките пред важен фудбалски натпревар или погрешило неколку одговори на натпреварот по математика – грешките можат да бидат негов најголем животен учител. Секоја грешка им е можност да развијат ментална сила која им е потребна за подобро да постапат следниот пат.

3. Ги штитат од нивните емоции

Природна желба е да сакате да ги развеселите своите деца кога се тажни или да ги смирите кога се лути. Но, начинот на кој реагираме на емоциите на нашите деца има големо влијание врз развојот на нивната емоционална интелигенција и самопочит. Помогнете им на вашите деца да препознаат што е тоа што ги покренува нивните емоции и научете ги како самите да ги контролираат. Обезбедете им „рамка“ која ќе им помогне да сфатат како се чувствуваат и како во иднина би им било полесно да ги контролираат емоциите на општествено примерен начин.

4. Поттикнување на менталитетот на жртва

Кажувањето работи како „Не можеме да си дозволиме да ви купиме нови патики како што имаат другите деца бидејќи сме сиромашно семејство“ потврдува дека повеќето животни околности се надвор од контрола на детето. Наместо на своите деца да им дозволите да бидат полни со самосожалување и да ја преувеличуваат својата несреќа и проблеми, охрабрете ги да преземат некои позитивни мерки (на пример, нека продаваат лимонада пред домот за да заштедат за предметите што ги посакуваат). Децата што ги препознаваат своите избори во животот имаат повеќе самодоверба и се пооптимистични во однос на создавањето подобра иднина за себе.

5. Прекумерно заштитнички настроени

Секако дека држењето на детето „под стаклено ѕвоно“ ве ослободува од многу непријатности и грижи, но претераната изолација го забавува неговиот развој. Гледајте на себе како на водич, а не како заштитник. Дозволете им на своите деца да го доживеат и почувствуваат животот.

6. Очекуваат перфекција

Високите очекувања се здрави, но ако премногу очекувате, ќе почувствувате некои последици. Кога децата ќе видат дека премногу очекувате од нив, можеби нема ни да се обидуваат или ќе се чувствуваат како никогаш да нема да успеат да се вклопат во тие очекувања. Наместо тоа, дајте им јасни очекувања на долги патеки со „препреки на патот“. На пример, одењето на факултет е долгорочно очекување, па помогнете им да имаат краткотрајни цели по тој пат – постигнување добри оценки, завршување на домашните задачи, читање…

7. Ги казнуваат, а не ги дисциплинираат

Децата мора да научат дека некои постапки доведуваат до сериозни последици. Но, постои голема разлика помеѓу дисциплина и казна. Децата што се дисциплинирани мислат – направив лош избор. Децата што се казнети мислат – јас сум лоша личност. Со други зборови, дисциплината му дава на вашето дете самодоверба дека во иднина може да донесе попаметни, поздрави одлуки, додека казнувањето прави да помисли дека не е способно да постапи подобро.

Извор



912

X