Лицемерие за кое обично не сме ни свесни

Беше тоа еден тмурен ден, кој незабележливо ни се вовлече под кожа и во нашиот дом воведе беспотребна нервоза. Поради силниот и досаден дожд кој немаше намера да престане, вообичаеното возење со тротинет и сладолед не доаѓаа предвид. Благодарение на соседите кои тоа претпладне почнаа со реновирање на електрични инсталации во својот стан, како шлаг на тортата, дојде и до изненаден прекин на струјата во целата зграда, што на моите деца им го оневозможи гледањето на посакуваниот долгометражен цртан филм. Времето на траење на несудениот цртан планирав да го искористам како свој „мини одмор“ во вид на непречено подготвување ручек.

Покрај сето тоа, уште една јаготка, во стилот на атомска бомба, слета на споменатиот шлаг, предизвикувајќи невидена бура на емоции од страна на нашите ангели. Беше тоа фактот дека во куќата немаше ни трага од чоколадно млеко. Голем пропуст. Целосно скандалозен, ќе се согласите. Тоа беше капката што ја прели чашата. И, се разбира, настана апсолутна анархија.

Едно општо врескање и негодување, какво што ни оние од челик како „Ајронмен“ не би поднеле, а не ние обично семејство, од крв и месо. Кога врескањето го достигна својот врв и кога моите иритирани мајчински нерви, со сите напори да избројам до сто, дојдоа до точка на пукање, возвраќањето со иста мера изгледаше како сосема логична последица на случката.

„Смирениот дијалог сега никој не би го констатирал, а камоли прифатил“, помислив, однапред оправдувајќи го својот следен потег и наглото губење на самоконтролата. Потоа во тој изненаден афект на ослободување на фрустрациите, како некој командир на чета на млади морнарски маринци, гласно и остро им викнав, со строг и заповеднички тон. „Доста! Престанете да викате!“ Моите два синооки ангели зачудено ме погледнаа и без приговор во истиот момент го усвоија мојот крик. Да, тоа беше крик што ја отсликуваше мојата немоќ смирено и контролирано да завладеам со ситуацијата. Признавам, во истиот момент се почувствував мизерно и засрамено. Зарем тоа беше единствениот начин да го привлечам нивното внимание и да ја спречам започнатата претстава? Дали е во ред да се бара од децата да не викаат истовремено викајќи на нив?

Зарем не е тоа лицемерно?

И така почнав да размислувам за појавата на таканаречено родителско лицемерие. Ми се чини дека како невидлив вирус е распространет помеѓу нас, родителите. Трпеливо чека, неуморно барајќи можност за инфилтрирање. И одеднаш нè обзема. А што е најлошо, многумина од нас и не се свесни за присуството бидејќи како што реков, невидливо е. Симптомите се незабележливи, а има ли лек, е единственото прашање без одговор. Лекот е искреноста, транспарентноста и дијалогот. Но, може ли секогаш да се биде искрен кон децата, а тоа да не ги повреди нивните чувства и да не доведе до општа конфузија? Некогаш благото разубавување на вистината сигурно е помалку болно за нив во споредба со бруталната реалност. Но, многу тенка е линијата помеѓу разубавувањето на вистината и невистината.

Треба да се биде внимателен бидејќи никој не заслужува лаги, а најмалку нашите деца.
Може ли лицемерието да биде оправдано?

Сите ние како родители сме лицемерни, без разлика дали сме свесни или не. Дури и одредена доза на лицемерие е нормална и добредојдена. Бидејќи, како би ги разликувале родителите од децата? Не можеме да бидеме еднакви, ниту може да ни биде дозволено исто да се однесуваме.

Би било лудо и неодговорно да му се дозволи на детето да ги усвои сите навики на своите родители. На пример, да го оставите да пие кафе, да запали цигара или да помине цела ноќ пред телевизор, или на ноќна забава со пријателите, само затоа што понекогаш тоа го прават мама и тато. Некои работи едноставно не се за деца и тоа така треба да остане.

Но, исто така, треба да им се објасни зошто на родителите нешто им е дозволено, а ним не им е. Односно, зошто родителите се ослободени од некои обврски што децата мора да ги извршуваат. Важно е да им се објасни и од која причина мајката и таткото донеле одлука понекогаш да прават нешто што можеби не е добро за нив и нивното здравје и да им се разјаснат последиците од таквото однесување.

Кога децата ги нема, родителите оро играат

На сите нас, родителите, познат ни е оној вид лицемерие кога им ги забрануваме на децата слатките и грицките, а штом тие ќе отидат на спиење, ние речиси во истиот момент правиме пауза и навалуваме на сето она што сме им го забраниле. Кој вели дека не е така  – секоја чест, или се лаже самиот себе. Јас признавам, една сум од оние мајки што редовно инсистираат на здрава детска исхрана, иако самата најпрво би смачкала еден дупли чизбургер со голем помфрит и газиран пијалак. Но, тоа, се разбира, не им го откривам. Понекогаш кришум, без децата, се честам со споменатиот голем оброк, додека дома се вари нешто зелено, многу здраво и, се разбира, органско.
„Но, тоа е за нивно добро“, се тешам самата себе за да чувствувам помала вина.

Ми се случило повеќе пати успешното заспивање на децата да го зачинам со една чоколада од 300 грама. Се разбира, повторно во строга тајност. Бидејќи, можам да им објаснам зошто пивото не е добро за нив, но навистина не знам да им објаснам зошто тие не смеат да изедат цела чоколада, а мама смее. Повторно за нивно добро, нели?

Преправање и лажно претставување

Имало и ситуации во кои сум се преправала дека сум силна, а не сум била. Секоја солза на моите деца, како и секоја повреда, настинка, изгребано колено, болест, лош сон, болка, всушност каква било нивна мака, мене еднакво ме погодува. Тоа се моменти во кои глумам смиреност и мирно рамо за плачење. Моменти во кои тешам и галам, бакнувам за да помине и велам дека не е ништо страшно, а многу ми е страшно. Верувам дека и во ваквите случаи лицемерието е оправдано. Бидејќи рамото за плачење ја губи својата функција доколку и самото се расплаче. Рамото за плачење не смее да тагува. Барем не во моментот кога е најпотребно. Во таквите ситуации собирам сила и го стегам срцето за да останам силна додека не помине.

А потоа, главно незабележително заминувам во некој скриен ќош од домот, каде што нечујно и без сведоци им се предавам на моите емоции. Да му кажете некому да не плаче, а и самите да барате поволен момент за плачење, повторно е лицемерно. Но, како што кажав, овој вид лицемерие сигурна сум дека е во ред.

Заклучок

Верувам дека на децата би требало да им се објасни зошто на родителите нешто им е дозволено, а ним не им е, иако тоа не е секогаш едноставно. Исто така, ние како родители мораме да бидеме одговорни, а со самото тоа и свесни за своите постапки, секогаш. Колку и да им зборуваме на децата што е добро, а што не е, ако ние самите не се однесуваме во согласност со својата приказна, нема ништо од тоа.

Децата учат според модел и пример и многу поверојатно е дека подоцна во животот ќе усвојат некои наши лоши навики отколку да послушаат некои од нашите паметни и крајно добронамерни совети до кои и ние самите никогаш не сме се придржувале.

Бидејќи родителството е најдоброто огледало. Она што им го покажуваме на нашите деца се рефлектира назад. Така што, гледајќи во своите деца, всушност се гледаме себеси.
Се разбира, иако сме родители, ние сме само луѓе. Не сме совршени и не можеме секогаш во секоја ситуација беспрекорно да се однесуваме, но мораме да се стремиме кон самоконтрола. Најважно во целата приказна е дека мораме да го усогласиме своето однесување со она што би сакале да го видиме кај своето дете. И тука нема грешка.
Нема приказна што може да го надмине живиот пример.

Никогаш не смееме да заборавиме дека тие учат од примерите.
Затоа, да бидеме добар пример, односно модели какви што тие заслужуваат.
А ќе се согласите дека го заслужуваат само најдоброто.

Автор: Лана



912

X