Додека ги пишувам овие редови, се наоѓам на првиот викенд на море по изолациските карантини во мојата викендица, а првпат со 15-месечно дете и во трето тримесечје од бременоста. Сеќавањата на островот ме врзуваат за детството, но и на оној долг период пред мајчинството кога тука доаѓав со моите пријатели и нивните деца. Безгрижно седев и гледав во тој постојан благ хаос, уверена дека еден ден, сето тоа, баш јас, ќе го избегнам со мудрост и леснотија.

Таа перспектива уште посилно ми одѕвонуваше во главава кога ова лето се судрив со сето она што планирав да го избегнам, нервоза, исцрпеност и огромна работа која започнува веќе со пакувањето за тој краток семеен одмор. Без разлика на тоа дали патуваш на 2 или 10 дена, за одмор со дете ти треба сè.

А потоа сфаќаш дека синтагмата „одмор со дете“ како таква и не постои. Како што не постои ништо од она што си го живеел, а ниту она што си го замислувал дека ќе биде во однос на родителството.

Слатко ропство, морам да признам. Но, еве признавам и дека по првото дете посакав да поминам низ истото уште еднаш и што побрзо.

Одмор со дете не постои.

Неодамна пријателката ме потсети како пред неколку години, доаѓајќи во посета заради раѓањето на нејзиното прво дете, така изморена и ненаспана, ѝ ги забележав кутикулите на ноктите и ѝ дадов совет како во некои слободни моменти може едноставно да ги среди. Тој малечок домашен трик за маникир таа го прими мирно, додека јас, со уредни, свежо налакирани нокти ѝ ги прераскажував моите проблеми од „светска важност“ и откачени авантури. И сега еве сум јас тука, па кога таа ме потсети, почувствував таков срам, бидејќи бев во полошо издание отколку таа тогаш, без фризура, со неуредни нокти дури по цела година од раѓањето на моето прво дете и се прашував:

„Дали е можно да сум го кажала тоа!“

Колку блажена леснотија на постоењето беше тоа! Ја заменија недостигот на социјални контакти, вишокот килограми, грижата и неописливиот замор кој те обзема и на кој сурфаш. Заморот кој некогаш како работен човек си го чувствувал не е ниту сенка на сегашниот замор. Запуштеност. Да, бидејќи целата грижа за негата преминува на детето од оној момент кога од родилиштето ќе се вратиш дома со саканата „векна“ на која животот ѝ зависи исклучиво од тебе.

Дури и детето кое најмалку бара, нешто за кое можам да бидам навистина благодарна, бара постојан ангажман. Од првиот ден облеката се пере со најнежни средства без хемикалии, потоа се пегла и грижливо се реди во орманот кој свечено сте го ослободиле за своето чедо? Пелени? Навистина, се обидов со сè! Не затоа што не им верував на искусните, туку затоа што сакав да се уверам која пелена најмногу одговара на Најважното Газе на Мојот Живот. Сакав да се буди сув и по помината цела ноќ. Кај нас, за среќа, таа мила ноќ се случи веќе по 3 месеци.

Од моментот кога почнавме да воведуваме цврста храна, па сè до денес, неговите ручеци се центар на вселената. Изборот и осмислувањето на намирниците станаа рутинска обврска во која има многу импровизација, но не и изговори. Покрај сето тоа, ако претходно во животот не си останувала долг период во домот, а јас секако со мојот животен стил не сум останувала, жените и мајките се соочуваат и со голем дел од домаќинските обврски. Во тој пакет влегува и дел од грижата за другиот родител на твоето дете, кој не е на родителско отсуство, кој нужно останува скратен за голем дел од тебе и сè што некогаш си била, а рутината, која станува „модус операнди“ во месеците што следуваат, прави и самата да заборавиш која си, додека се претвораш во детектор за чистота и елиминатор на сите вишок обврски.

Кога ќе посакаш да излезеш, да доживееш барем дел од она во кое некогаш си уживал, кино и театар, заморот те совладува до таа мера што едвај чекаш да се вратиш дома, а целата радост што некогаш си ја доживувал со гласна музика или бучни дружења е заменета со неверојатен мир на твоето бебе додека спие.

Па така, еве ме на одмор на островот на мојот живот, со сопругот, пријателите и детето. По цел ден трчање по него, спречување штета и потенцијални повреди, менување пелени, облекување, соблекување, хранење и детски песни, конечно дојде крајот на денот. Го оставив друштвото во разговор со сопругот на тераса, додека одам да го заспијам синот, како што и мене некогаш ме оставаа кога одеа да ги заспијат своите деца. Се сеќавам сега и размислувам како понекогаш не би се ни вратиле, така изморени и исцрпени од целиот ден.

Тоа е тој момент кој го познава секој родител, кога твоето дете ќе заспие, а ти едвај чекаш малку да седнеш и да воздивнеш, да ја одмориш главата од грижи, да поразговараш со возрасни лица така што навистина ќе успееш да ја довршиш темата без прекинување, да се сретнеш со себе, на неколку часа да бидеш одговорна единствено за себе самата. Иако и не си веќе толку важна и немаш многу свои потреби, но ете само да бидеш која и да си по целиот тој ден и новиот живот. И да, не знам дали изморена и бремена и јас ќе заспијам со него или ќе се вратам кај друштвото и ќе го довршам разговорот… Но, зарем е важно тоа?

Родителскиот ден е така бескрајно долг, а родителскиот живот прекраток! За почеток, треба да се обидете да бидете благи кон себе, да се ослободите од непотребните обврски за самоказнување и прекори кои неизбежно го следат родителството. Да се биде присутен и да се запознае таа чудесна вселена на нов љубовен соживот, не може да се спореди со она што сме го познавале како живот пред сето тоа. Треба да се препуштите и потоа да го почекате вашето јас да се врати, ако треба да се врати и ако воопшто постои враќање од тој пат на кој тргнуваш само кога ќе станеш – мајка.

Автор: Наташа Јањиќ Меданчиќ

Извор



912

X