Најкреативна градинка, најдобро рангирано училиште, врвен педијатар, спортски клуб, курсеви за странски јазици за бебиња, математички школи за деца од претшколска возраст, органска храна, приватни часови… Од родителската грижа се обидуваме на своите деца да им обезбедиме што повеќе, а сепак, нè мачи чувството дека ниту тоа нема да биде доволно. „Рецептите за успех“ што ни ги оставиле претходните генерации не се применливи во времето кое драстично се разликува, а што е она ново кое треба да го дадеме не е сосема јасно – новите модели се често контрадикторни, а пораките на „експертите“ збунувачки, што уште повеќе ја „подгрева“ родителската несигурност.
Некогаш поради преплавувачка грижа не можеме да ги контролираме неповолните животни околности, ја одбираме потребата за успех и престиж како решение и пат за обезбедување сигурност, а ваквата потрага најчесто ги вклучува и нашите деца. Ние креираме лична „формула за успех“, која станува водилка во нашите воспитни настојувања. Целта може да биде што било: успех на училиште, во спортот, извонреден талент и убавина, но и различни семејни вредности. Кога ваквата загледаност во идеалот е пресилна, тогаш зборуваме за родителски нарцисоизам.
Преголемата насоченост на идеалот ни оневозможува да ги прифатиме разочарувањата и отстапките – тогаш не постои мала грешка, а од облаци се паѓа веднаш во кал. Кога ќе го поделиме светот на 2 половини: совршено или безвредно – тогаш не постои средина, а со самото тоа ниту доживувањето на „обичното“, ни „доволно доброто“, кои се всушност скапоцени за детскиот развој. Родителскиот нарцисоизам нè спречува, делумно или целосно, да го видиме она што не сакаме да го видиме, а што е често многу очигледно во околината – училишниот неуспех, неприфатливото однесување, па дури и развојните тешкотии. Ова тежнеење кон „непогрешливост“ кај децата може да произведе преголема внимателност, поради што во животот нема да се осмелуваат да ги преземат неопходните и неизбежни ризици, токму поради стравот од грешка или неуспех.
Родителски нарцисоизам – последици врз детскиот развој
Кога родителскиот нарцисоизам ќе го земе својот замав, соодветните граници во нашиот однос кон детето стануваат разнишани и детето станува продолжение на нашата личност наместо личност за себе. Детето така учи дека некои делови од него се непожелни и дека е подобро да ги сокрие. Неговото искуство во ваквиот однос е дека не е видено или прифатено такво какво што е. Претераната насоченост кон успех создава атмосфера на постојана процена која се одликува со менување на восхитувањето и навредувањето, гордоста и разочарувањето. Децата стануваат хиперсензитивни на назнаките на разочарување на родителите, знаци кои често се невербални (поглед, израз на лицето…).
Парадоксална е вистината дека константните пофалби и аплаузи произведуваат сличен ефект како и постојаната критика – детето е секогаш свесно дека е проценувано, па дури и кога оцената е позитивна. Во тој случај, тоа пораснува во навидум арогантна личност, но со чувство на постојана притаена грижа дека е измамник, дека не го заслужува искажаното воодушевување. Со сето тоа, детето има „лажен“ развој на личноста – прикажува маски, фасади, презентации на она на кое семејството го научило дека е прифатливо и ценето.
Како кон пореален и емпатичен однос со децата?
Корисниот родителски нарцисоизам кој се прикажува како гордост поради постигнувањата на нашите деца и желбата да успеат во животот е нераздвоен и неопходен дел од родителството, компонента на секој однос родител-дете. Така повеќето родители ги доживуваат децата преку комбинација од нарцистички потреби и вистинска емпатија. Прашањето е, како и обично, кој е степенот и каде е рамнотежата. Малку здрав нарцисоизам е потребен и пожелен, но важно е да се препознае моментот кога родителската анксиозност нè повлекува да почнеме да чекориме кон нарцисоидна крајност. Тогаш е добро да се запрашаме: Дали детето добива внимание независно од тоа дали ги остварува нашите родителски цели? Што е она што на нашето дете му е реално потребно? Кое е детето, всушност, независно од нашите интереси?
За целосен психички развој на децата не е потребно постојано насочување, ниту совршенство, туку слобода и наше автентично присуство. Нарцисоизмот е всушност одбрана од сопствената ранливост, од својот срам и генерално доживување дека не сме „доволно добри“, па така ни во родителската улога. Има одредени можни насоки за освестување на сопствениот нарцисоизам и изградба на автентичен однос со децата:
-Да ја прифатиме својата човечност – што значи својата несовршеност, погрешливост и ранливост бидејќи стандардите кои си ги поставуваме некогаш се премногу високи и недостижни. Кои делови од себе не ги сакаме, од кои се срамиме? Важно е да се препознаат бидејќи е многу веројатно дека слични очекувања проектираме и на своите деца.
-Да настојуваме да бидеме „доволно добри“ наместо „совршени“ родители – сите постојано грешиме, а не постојат совршени родители. Да препознаеме кога овој мит за совршено родителство нè заведува и кога премногу се споредуваме со идеали.
-Да прифатиме дека не можеме да ја контролираме иднината на своите деца – најтешко е да се соочиме со стравовите кои ги имаме за нив, но суштински сме немоќни целосно да ги заштитиме, а не пак да гарантираме успех. Многу работи не зависат од нас и прифаќањето на оваа едноставна вистина овозможува пореален пристап кон родителството.
-Да развиваме свесност за своите потреби – колку сме посвесни за своите соништа и амбиции, ќе можеме за нив да преземеме одговорност и/или понатаму да работиме на нив или да се откажеме од нив, па да ги надминеме загубите и разочарувањата кои животот ги носи, наместо да очекуваме од децата своите животи да ги посветат на исполнување на нашите соништа.
-Да прифатиме дека нашето дете е само едно обично дете – на тоа дете му е потребно доживувањето дека е „доволно добро“, да знае дека е прифатено во целост такво какво што е, дека е сакано во својата несовршеност и дека не мора да биде извонредно, ниту непогрешливо.
-Да не го проценуваме непрестајно однесувањето на детето – а кога го правиме тоа, да бидеме реални. Важно е нашите очекувања да бидат соодветни на можностите на детето и реалноста. Да најдеме разумен и соодветен однос за пофалби и критики, пофалбите да бидат конкретни, а не генерализирани за целата личност на детето. Исто така, да не бидеме критични кон нивното неприфатливо однесување, односно да го критикуваме однесувањето, а не самото дете.

-Да ги научиме децата да ги прифатат грешките како неизоставен дел од секој процес на учење и развој – да умеат да преземаат ризици, да се упорни и да не се откажуваат и покрај препреките. Наместо контрола, повремено да им обезбедиме простор да прават свои грешки и да учат од нив.
-Да ги научиме децата дека не мораат секогаш и по секоја цена да бидат „среќни“ – да ги научиме дека постојат правила кои важат за сите. Важна лекција е дека животот не е секогаш идеален, но во него и понатаму може да се ужива, а дека обичните, секојдневни работи се вредни.
-Да ја прифатиме несовршеноста на нашиот однос – да ги научиме дека може да се налутиме, да се расправаме, а тоа да не биде секогаш драматично. Важно е децата од нас да научат дека процесот на „прекин и поправки“ е природен и неминовен, па да ги доживеат силата и вредноста на автентичните, а не идеализираните односи, што ќе им значи за изградба на добри односи во иднина.
Една до најдобрите приказни за несебичната родителска љубов е песната на Калил Џибран, кој нè потсетува дека децата не ни припаѓаат нам, ниту дека треба да ги обликуваме кон себе:
„Бидејќи нивните души престојуваат во домот на утрешницата, во која вие не можете да чекорите дури ни во своите соништа“.
Додека за успех во животот е потребно многу, за добар психички развој доволно е токму она што го прави обичното секојдневие – менување пелени, преживување напад на бес во супермаркет, помагање околу домашна работа, кавги околу неред во собата… и особено прегратките и сјајот во нашите очи кога ќе се сретнеме пред влезот на училиштето или вратата од собата во градинка… и – тоа е тоа. Да дозволиме нашиот однос да биде една обична родителска љубов, полна со пукнатини и поправки и да уживаме во несовршениот, прекрасен однос. Ние сме доволни, а тие ќе бидат во ред. Можеби не сјајни или величествени или најдобри – не само што тоа не можеме да им го гарантираме, туку секако не им е неопходно, не за среќа или за менталното здравје – но, давајќи им простор, им даваме и дозвола да бидат она што се и можност да се откријат себеси, да го замислат и конструираат „домот на утрешницата“, каков што ние самите не можеме да замислиме.
Автор: Ксенија Перишиќ – психотерапевт