Најважно е родителот да биде искрен и соработлив бидејќи само во таков случај можеме да имаме успех. Во нашето училиште има двајца асистенти кои им помагаат на дечињата и со чија помош наставата добро се одвива. За да се ангажира асистент, задолжително ни е потребна документација, со потпис на двајцата родители, вели Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“

По четири месеци откако стапи во сила новиот Закон за основно образование, надлежните прават процена на потребите за ангажирање образовни асистенти во училиштата за помош на децата со попреченост. Засега нема статистика за бројот на стручни лица што треба да ги ангажира државата во наставата, но во некои училишта оваа учебна година има асистенти за учениците со посебни образовни потреби кои се обезбедени во соработка со УНДП.
Во Министерството за образование и наука појаснуваат дека ако родителите одлучат да побараат асистент за нивното дете, треба да достават барање во училиштето.

Досега се ангажирани 280 асистенти

– Како министерство, во секојдневна комуникација сме со стручното тело кое издава процена по МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, инвалидност и здравје), но стручното тело располага со бројка на извршени процени. Извршената процена не значи дека родителот ќе се одлучи да бара образовен асистент, исто така, не значи дека асистентот се добива по автоматизам по извршената процена. Ако родителите се одлучат да побараат асистент согласно препораката на стручното тело, тоа го прават согласно Законот за основното образование и го доставуваат барањето до училиштето во кое ученикот е запишан. Инаку, од почетокот на учебната 2019/2020 година, во соработка со УНДП, на ниво на држава се обезбедени околу 280 асистенти за ученици со попреченост – информираат од МОН за Деца.мк.

Оттаму нагласуваат дека во овој период не може да се направи реална процена на потребите за ангажирање образовни асистенти бидејќи е кус периодот од донесувањето на законот.

– Поминаа само четири месеци од новиот закон, како и од правењето функционална процена по МКФ од страна на стручното тело. Министерството има планирано финансиски средства во Буџетот на МОН за 2020 година и останува на заложбите да се обезбеди асистент за секој ученик на кој му е утврдена потреба – додаваат оттаму.

Фото: Архива

За сите е подобро да има асистенти

Наставниците и директорите со кои поразговаравме велат дека според практиката, подобро е за сите во училницата ако има ангажирано образовни, односно лични асистенти.

– Во нашето училиште двапати неделно доаѓа дефектолог и работи со овие дечиња, но образовни и лични асистенти немаме. Потреба секако дека има бидејќи тешко е да се обрне внимание на сите деца еднакво – вели одделенска наставничка во училиште во Гази Баба.

Родителите да бидат искрени

Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“ во Општина Центар, смета дека е клучна соработката на родителите во целиот процес.

– Најважно е родителот да биде искрен и соработлив бидејќи само во таков случај можеме заеднички да имаме успех. Во нашето училиште има двајца асистенти кои им помагаат на дечињата и со чија помош наставата добро се одвива. За да се ангажира асистент, задолжително ни е потребна документација, со потпис на двајцата родители. Со асистент е многу поинаку, а и за детето е поубаво. Ние овде имаме големи паралелки со по 30 деца, затоа е добро да се има асистент кој ќе обрне посебно внимание на потребите на децата со посебни образовни потреби, како и на програмата, која е приспособена на нив. Најважно во процесот е родителите да бидат соработливи, а ние во училиштето имаме одлична соработка. Дури и нашиот вработен дефектолог во училиштето работи со согласност на родителите – вели Масларевска.

Една од целите на новиот Закон за основно образование е токму вклучување и водење грижа за развојот на учениците со посебни образовни потреби. Во членот 6 стои: „За учениците со посебни образовни потреби се обезбедуваат соодветни услови за стекнување основно воспитание и образование во редовните и посебните основни училишта и имаат право и на индивидуална помош за стекнување на основното образование и воспитание“.



912

X