Родителството никогаш не доаѓа со упатства, па затоа е вистински предизвик за секој родител да го дисциплинира и воспитува своето дете. Меѓу другото, тврдат експертите, важно е да се поучат за потенцијалните опасности за, откако ќе пораснат, да се одбранат од негативните влијанија на светот околу нив. Сепак, одредени однесувања на родителите можат да направат повеќе штета отколку корист.

Ги учат децата никогаш да не разговараат со непознати

Во свет кој станува сѐ понебезбеден и опасен, особено за децата, сосема е разбирливо родителите да ги учат своите малечки да имаат мала или никаква доверба во луѓето кои штотуку ги запознаваат. Дури и кога се обидуваме да поттикнеме независно размислување и учење, што се покажа дека води до подобри академски перформанси во училиштето, зголемена мотивација и самодоверба и подобра самосвест и регулирање, се соочуваме со потребата да ја балансираме таа независност со нејзино зачувување. Психологот Гевин Дебекер објаснува дека правењето жртви од децата не прави ништо добро, ниту за нивната сегашност ниту за нивната иднина.

„Кога ги штитиме нашите деца од болната реалност и охрабруваме практики засновани на страв, како што е избегнување разговор со непознати, ние го правиме токму тоа. Ги подготвуваме да бидат жртви, да гледаат на светот околу нив со недоверба, наместо да ги учиме како да препознаваат опасно однесување и обрасци кај луѓето што мораме да ги избегнуваме“, вели тој.

Имено, Дебекер објаснува дека сите луѓе имаат способност да предвидат насилство и насилничко однесување. Особено родителите, тврди тој, се квалификувани за ова. Понатаму, можеме да ја поттикнеме и негуваме оваа способност кај децата, како и кај нас самите и треба да го сториме тоа за да создадеме потолерантно и подоверливо општество.

„Охрабрете ги вашите деца да разговараат со непознати, истовремено учејќи ги кои инстинкти да ги слушаат и да ги користат за да препознаат потенцијална опасност“, заклучува тој.

Користење тајмаут како казна за лошо однесување

Тајмаут, стоење в ќош и слични методи на родителство биле вообичаена практика во минатото, но изгледа дека многу студии покажаа оти оваа навика може да направи повеќе штета отколку добро на долг рок и треба да ја преиспитаме нејзината употреба во образовен и родителски контекст. Со истото се согласуваат и психолозите, а една од нив, д-р Дона Метјус, објаснува дека детскиот мозок нема невролошки капацитет да разбере што се крие зад овој вид казнување, а уште помалку дека може да научи нешто од него.

Наместо тоа, изолирањето на детето е само уште една форма на казна заснована на срам. Поради тоа што не можат да направат врска помеѓу она што требало да го направат или што би можеле подобро, користењето тајмаут е само уште еден начин да им се каже дека се лоши и затоа заслужуваат да бидат држени подалеку од другите, велат психолозите.

„Кога детето намерно се однесува лошо, ниту еден здрав возрасен не би го казнил детето за незнаење или грешка“, објаснува Метјус. Користењето тајмаут само ја потврдува негативната слика што детето веќе ја има за себе“.

Наместо тоа, таа тврди дека родителите треба да научат да ги регулираат сопствените емоции, можеби да си дадат малку време да се смират, да размислат и да се оттргнат од непријатната ситуација предизвикана од несоодветното однесување на детето. Ова би можело да му помогне на родителот да формулира посоодветно решение за проблемот, со акција подиректно поврзана со учење на детето да се однесува подобро, наместо да ја зајакне пораката дека тоа е инхерентно лошо.

Проблемот, според психологот Ванеса Лапоинте, е што возрасните не го препознаваат „лошото“ однесување само како нешто соодветно за нивната возраст, туку често го доживуваат однесувањето на вознемирените деца како намерно или злобно.

Извор



912

X