Драги родители на тинејџери, јас ги сакам учениците. Познавам десетици илјади од нив. Работев со нив повеќе од десет години. Патував со нив, се смеев со нив, тагував со нив…
Шетав по нивните ходници и седев во нивните училници.
Сакам да мислам дека добро ги познавам и нив и светот во кој живеат.
Мајки и татковци, овде сум да ви кажам дека треба да им се одземе правото на приватност – веднаш!
Замислете дека вие (и тинејџерите што го читаат ова) го слушате ова и помислувате: „Навистина е лошо да се каже такво нешто!“
Но, не ми смета да ме наречете диктатор ако тоа значи дека сум во право.
Некогаш тинејџерите можеле да имаат право на приватност и под тоа мислам дека имале просторија каде што можеле да побегнат од светот, каде што можеле да ја затворат вратата, да пуштат музика, да ја отворат тетратката и да запишуваат работи што се вртеле во нивните глави.
Но тоа време и тоа место одамна исчезнале.
Сега, кога тинејџерите ќе влезат во таа просторија и ќе ја затворат вратата, тие веќе не се сами (всушност, многумина од нив не се ни способни за самостоен живот).
Сега, кога ќе влезат во својата соба, тие не бегаат од светот, туку влегуваат во него, и тоа во најопасните, застрашувачки и заканувачки делови од светот. Тие го повикуваат тој свет во својот божествен, личен простор.
Благодарение на своите телефони, тинејџерите во неколку секунди можат да пристапат до луѓе и места за кои нашите родители можеле да имаат само ноќни кошмари.
Тие можат да ги откријат своите најинтимни тајни на целосни странци.
Тие можат да набават дрога и оружје, да најдат порнографија и готови школски задачи.
Тие можат да поттикнуваат други на самоубиство.
Тие можат да бидат насилници или жртви на насилство.
Тие можат да се коцкаат служејќи се со вашите кредитни картички.
Тие можат да купуваат и да продаваат сè што може да замислите.
Тие можат со други да споделуваат фотографии од своите тела.
Тие можат да ги видат најнасилните фотографии на светот.
А сето тоа е заштитено со шифра.
Имено, светот се променил, а и правилата се променија.
Технологијата едноставно пребрзо напредува за да може лесно да им ја препуштиме на учениците.
Тие не можат да се носат со тоа.
Вие мора да бидете во тие опасни води заедно со нив, како да се мали деца во бурен океан во кој пливаат ајкули.
„Но, јас имам доверба во своите деца“, велите вие.
Меѓутоа, не е проблемот во тоа.
За родителите, никогаш не се работи за тоа дека не им веруваат на своите деца – проблемот е многу поширок.
Барем така било со моите родители.
Додека бев тинејџер, моите родители ги познаваа моите пријатели, знаеја каде живеат, кои се нивните родители и какви се нивните уверувања. Тие знаеја каде одиме, како ќе стигнеме таму и како ќе се вратиме (секако, имаше и приватност, но тоа беше приватност за која беа информирани).
На социјалните мрежи вашите деца веројатно имаат неколку стотици „пријатели“ кои всушност воопшто не ги познаваат, а кои имаат пристап до вашите деца. Дали воопшто сакате да им дадете толку многу време за приватност со толку многу странци?
МАЈКИ И ТАТКОВЦИ, ЕДНОСТАВНО КАЖАНО: ако сте родители на дете помладо од 13 години или тинејџер и немате пристап до секоја порака, секој уред, секоја шифра и секоја страница што ја посетува, вие всушност го занемарувате. Со тоа и самите учествувате во сето она што го прави, гледа и доживува.
Во ред, можеби она што тинејџерите не би смееле да го имаат или со што не можат да се носат не е приватноста, туку технолошката приватност.
Дали им е потребно и дали тинејџерите заслужуваат место за себе?
Апсолутно.
Дозволете им да побегнат од светот. Дозволете им да се затворат во своите соби, да пуштат гласна музика, да ја зграпчат тетратката и да ги запишат своите мисли.
Но, ако тетратката нема хартија, туку батерии – набавете шифра.
Автор: Џон Павлович