Детската желба за милениче е проследена со крокодилски солзи и цврсти ветувања дека грижата околу кучето, зајачето или друго ќе ја преземат на себе, дека ќе им ги чистат кафезите, дека ќе го шетаат 3 пати дневно, ќе го бањаат, хранат и слично.

Изморена од долгогодишни барања, верувајќи во она „сè ќе правам јас, не мораш ти ништо“, целосно импулсивно, без никаков план, една јулска сабота пред 4 години му вртам на човекот кој го најдов преку оглас и му велам дека мојот син и јас утре ќе дојдеме по кученце лабрадор.

Мојот син, четврто одделение секој ден ја повторуваше својата најголема животна желба – куче. Издржав до неговата 15. година. Мојата импулсивна одлука дека Нора влегува во нашите животи не дојде баш случајно тогаш. Сега е поголем, позрел, нема веќе страв од кучиња, сфаќа што е одговорност, а на крајот на краиштата – вети.

Неговиот ентузијазам околу обврските траеше точно до моментот кога Нора по вакцината конечно смееше да излезе. Потоа, кога стана дневна обврска која не може да се одложи и за која не постои „попосле“, во ушите веќе почна да ми одѕвонува – а дали можеш ти денес, еве сега, па по еден час повторно еве сега итн. Оттогаш периодично водиме војна по дома кој што ќе направи, главно и се расправаме само околу Нора. Моите очекувања никогаш не се намалија, но возејќи ја од ден на ден, сè повеќе обврски преземав на себе – сето она што пристигнува во комплет кога ќе донесете куче дома.

Таа е моето сонце, антидепресив, мој личен тренер, љубов најголема и својот живот не можам да го замислам без оние неколку минути кога спие на грб со сите четири нозе кренати нагоре. Кога  им велам на луѓето дека ја зедов за да станам подобар човек, сите се смееја, а јас знам дека тоа баш и не е вистина (иако благодарение на неа навистина станав подобра) и дека ја зедов за синот бидејќи секое дете заслужува да има куче.

Она што го сфатив откако ја имам и што често им го повторувам на сите луѓе чии деца исто така лелекаат да земат куче е – не! Не замајте му на детето куче. Кучето земете го за себе, само ако вие го сакате бидејќи зад сето тоа стои твојата обврска и твојот успех или неуспех. Па погледнете ги само сите лудаци што земаат куче, па се премислуваат како да се работи за нов пар мокасини кои ете, малку ви прават проблеми на нозете, па ги враќаат во продавницата и ги бараат парите назад. Погледнете ги сите тие кутри напуштени животни на улиците… Што мислите, како стигнале до таму? Тага.

Уште една работа на која се сеќавам кога помислувам на оној крал од татко кој ги натерал децата да потпишат договор во кој точно биле назначени нивните обврски околу миленичето – кучето не е само прошетка. Кучето редовно треба да се чешла бидејќи толку се митари што неговите влакна ги наоѓаш и во тенџерето со капак што стои длабоко во кујнските елементи. Дури и ако го чешлаш секој ден – домот го поминуваш со правосмукалка секој ден. Кучето треба да се вакцинира, му купуваш лекови ако се разболи, го водиш на инфузии ако се разболи малку повеќе, се грижиш за сите датуми што се важни за неговото здравје. Го чешлаш, го бањаш, го сушиш, потоа 2 часа ја чистиш бањата, а додека да излезеш оттаму, подот повторно е прекриен – овој пат со влажни наслојки од влакна, а правосмукалката веќе подолго време ти е најдобар партнер. Кога доаѓаш од работа – те гризе совеста што било само, па играш со него без разлика на главоболката, забоболката, заморот, желбата да се одмориш и сите да те остават на мир. Не, тоа не е опција бидејќи твоето милениче те гледа така некако молчеливо, шармантно, со љубов и одиме – фрлај топка, влечи јаже, сечи јаболко, тркалај се по подот и испуштај чудни звуци.

Ти си личноста што секогаш прва заминува од секоја забава, пијалак после работа, дружење. Кога патуваш, ангажираш дадилка за куче и плаќаш огромни пари само „чедото“ да не пати, а потоа на море се будиш во ноќта и размислуваш – дали ќе умре од тага. Стануваш сосема ирационален, знаеш да претеруваш, ама ти е гајле – го сакаш како себеси, некогаш и повеќе (бидејќи неговите потреби се често пред твоите). Ако некогаш се напиеш и дојдеш дома подоцна, а сакаш да поспиеш следното утро – сметај на прошетка во 3 часот наутро кога се држиш до дрвјата и се молиш никој да не те види, а потоа кучето те мириса и чудно те гледа бидејќи сфаќа дека не си баш во најдобро светло и како малку да ти се смее. Нема веќе викенд во пижами цел ден, се облекуваш веднаш штом отвораш очи бидејќи љубовчето те чека за да оди надвор…

За сето она што го добиваш со тој нов член на семејството, нема да зборувам долго. Ќе кажам само дека еднаш кога силно се расплакав, таа долго ги лижеше моите солзи и ме допираше наизменично со шепите како да ме опоменува. Во тој момент најмногу на светот сакаше да се насмеам и солзите да исчезнат. И сè направи за така да биде. Во животот ретко имаш привилегија некој толку многу да те сака, а само децата и животните го можат тоа толку силно и чисто.

Баш затоа – не земај му куче на детето – туку земи си за себе!

Автор: Ивана Стојанов

Извор



912

X