Колумна на Карен Џонсон за scarymommy.com
„Врзи ги чевлите“. „Закопчај го палтото“. „Измиј ги рацете“. „Џвакај со затворена уста“. „Кажувај те молам и благодарам“. „Држи ја вратата отворена за лицето зад тебе“. „Споделувај“.
Листата со работи на кои треба да ги научиме нашите деца со цел пристојно и воспитано да се однесуваат е бескрајна. Освен да ги научат буквите и да си го напишат името, треба да ги научиме и како да бидат добри луѓе. И тоа не само во домот, туку и надвор од него – на училиште, на игралиште, каде и да се. За жал, изгледа дека многу родители не го применуваат овој дел од воспитувањето и подигнуваат деца кои оставаат отпадоци на подот или во хотелски соби, училници и слично. Одгледуваат деца што оставаат празни кутии од пуканки во кино, на масата на која ручаат, зборуваат навредливо, не ги почитуваат угостителските работници и слично. Најлошото е што ваквото однесување на децата произлегува токму од оние што ги „воспитуваат“.
Сепак, вработена во „Ред Дог Салун“ во Милфрод, САД, споделила позитивна приказна што ја враќа надежта. Се работи за група момчиња од шесто одделение кои се однесувале соодветно и примерно во јавност. „Денес мојата верба во иднината и идните генерации се обнови!“, напишала келнерката во објава на „Фејсбук“. „Дојдоа деца од шесто, седмо одделение додека работев и сакаа да нарачаат пилешки крилца“. Таа признава дека првин се двоумела, прашувајќи се дали овие млади деца имаат доволно пари за да платат и се прашувала исто така каде се нивните родители. „Ги прашав дали се сами, тие рекоа – да, и го чекавме ова со недели“. Момчињата уживале во привилегијата која очигледно ја заслужиле и не ја земаат здраво за готово. Таа продолжи да објаснува: „Беа многу возбудени и многу љубезни цело време, користејќи фрази како – ве молам и благодарам, дури и ми рекоа дека оставиле добар бакшиш. Едно од момчињата дури и му рече на другарчето да го остави телефонот додека зборува со нив. Беше многу убаво да се види колку се трудеа, особено без родителите покрај нив, да бидат пристојни и добро да се однесуваат. Посакав да упатам пофалби за децата до нивните родители – да им кажам колку добра работа направиле со нивното воспитување“.
Келнерката ја завршила објаватa со слика од местото на кое седеле децата за да се види колку чиста и уредна е масата, многу посредена отколку кога на неа седат возрасни лица.
Оваа келнерка и сите вработени во угостителството заслужуваат пофалби и благодарност. Иако нејзината работа е да прима нарачки, да носи оброци и да ги расчисти садовите, сепак е човечко битие кое заслужува почит. Мораме да додадеме уште нешто на листата:
„Врзи ги врвките“. „Измиј ги рацете“. „Држи ја вратата за лицето зад тебе“. „Кога некој ти носи јадење, погледни ги в очи и кажи му благодарам“. „Ако ти падне нешто на подот, крени го. Најди канта за отпадоци. Фрли го во кантата“. Во основа, не однесувајте се невоспитано.
Родители, сè започнува од вас. Кога децата се мали и ги носиме на театар или во кино, тие забележуваат дали ги земаме нашите отпадоци и ги фрламе или ги оставаме секогаш некој друг да ги собере. Како се однесуваме со келнерите и другите угостителски работници – децата исто така согледуваат. Ако вашето дете се однесува безобразно, не е љубезно и не го расчистува својот неред, тогаш вие сте погрешиле некаде и не сте ја завршиле својата работа како родител.
Во одреден момент од нивното детство, на некој од вашето семејство му паднал дел од храната на земја. А вашето дете ја погледнало вашата реакција. Во одреден момент од детството, детето научило како да ги третира угостителските работници. Научило како да им се обраќа на келнери, рецепционери и слично. Сето тоа децата го научиле од вас, родителите. Вас ве гледале кога го фрлате ѓубрето или го оставате на земја. Ве гледале додека оставате бакшиш и велите „благодарам“ во ресторан. Или не го гледале тоа. Можеби го следеле спротивното – дека го игнорирате нередот, дека не сте љубезни со вработените во ресторан или продавница, дека сте безобразни. Па, сега и вашите деца го прават истото, следејќи го вашиот пример.
На крајот, голем аплауз за родителите на споменатите момчиња, кои знаат подобро да се однесуваат и од некои возрасни лица. Кои веќе на своите скромни 12 години се добри, чесни личности кои знаат да почитуваат. Исто така, како општество, треба да се обидеме да упатуваме пофалби до децата што добро се однесуваат. Тинејџерите често знаат да бидат груби и безобразни, но има и деца како овие што докажуваат дека има и љубезни. Да ги оставиме да продолжат да го прават тоа.